„Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (прв дел)

 

СТРАСНАТА РОЗА

I

Едно летно попладне, во една градина во Толедо, една многу добра и убава девојка ми ја раскажа оваа неповторлива приказна.
Додека на свој посебен начин ми ја објаснуваше мистеријата, ги бакнуваше ливчињата и толчникот што ги кинеше едно по едно од цветот што го дава името на приказнава.
Да можев да ви ја раскажам со пријатното воодушевување и милата едноставност што ја имаше на усните, ќе ве трогнев, како што мене ме трогна приказната за несреќната Сара.
Бидејќи не е возможно, еве на што од тоа предание се сеќавам во овој миг.
Во една од оние најтемни и кривулести улички од царскиот град, вградена и речиси скриена меѓу високата маварска кула на една древна маварско-арапска парохија и мрачните и украсените ѕидини на една аристократска куќа, како нејзиниот сопственик, си имаше своја климава, темна и бедна соба еден Евреин по име Даниел Леви.
Овој Евреин беше злобен и одмаздољубив како сите од неговиот сој, но му немаше рамен во измамништво и лицемерство.
По озборувањата на народот, бил сопственик на огромно богатство, сепак, го гледале како по цел ден седи склопчен на влезот од домот и составува и надополнува метални синџирчиња, стари ремени или скршени украси, со кои правеше голем промет меѓу ќесеџиите од Зокодовер, препродавачите од Постиго и сиромашните штитеници.
Неумолив душманин на христијаните и на сè што им припаѓаше, никогаш не помина покрај важен благородник или преподобен свештеник без еднаш, па дури и десетина пати, да ја симне масната капа што му ја покриваше ќелавата и жолтеникава глава, ниту ги пречекуваше во својата работилница своите вообичаени парохјани без да ги пречека со понизни поздрави придружувани од ласкави насмевки.
Насмевката на Даниел стана типична во цело Толедо, и неговата кроткост на испит на најтешките трикови и исмевања и свиркања од соседите не знаеше за граници.
Залудно момците, за да те сожалуваат, фрлаа камења по твојата барака; залудно пажовите, па дури и војниците од најблиската палата го исмеваа со најнавредливи имиња или стариците од парохијата се крстеа на поминување под тремот од неговата врата како да го гледаа Луцифер. Даниел постојано се смееше со чудна и неописива насмевка. Неговите тенки и влажни усни се ширеа во сенката од неговиот несразмерен и крив нос како клун на орел; и иако од неговите мали, зелени, кружни и речиси скриени очи меѓу густите веѓи никнуваше искра на лошо потиснат бес, продолжуваше рамнодушно да удира со железниот чекан по наковалната каде што им даваше форма на илјадници евтини предмети, за кои, како што изгледа, немаше никаков промет.
Над вратата од колибата на Евреинот и меѓу рамка од ведри бои се отвораше едно арапско пенџере, остаток од древните градби на Маварите од Толедо. Околу повлечените рабови од пенџерето и преплетувајќи се околу мермерниот столб што го делеше на две еднакви шуплини, се искачуваше од внатрешноста на живеалиштето едно од оние лазечки растенија што се нишаат зелени и полни со сокови и свежина врз поцрнетите ѕидови од изрушените градби.
Во делот од куќата што примаше сомнителна светлина преку тесниот отвор од она пенџере, единственото отворено во мовливиот и испукан ѕид од улицата, живееше Сара, омилената ќерка на Даниел.
Кога соседите од маалото поминуваа пред продавницата на Евреинот и случајно ќе ги видеа Сара преку решетките од нејзиното мавританско пенџере и Даниел склопчен до неговата наковална, викаа наглас восхитени од совршеноста на Еврејката: – Не е можно такво суво стебло да родило ваков убав цвет!
Вистина, Сара беше чудо од убавина. Имаше крупни очи опколени со една мрачна опсада од црни трепки, во чие дно светкаше точка светлина од нејзината разгорена црнка, како една ѕвезда во циклус на една темна ноќ. Нејзините усни, разгорени и црвени, изгледаа умешно смалени со пурпурно марамче од невидливите раце на една добра вила. Нејзиниот бел тен, блед и проѕирен, како алабастер од статуа на гробница. Едвај имаше шеснаесет години и веќе се гледаше на нејзиното лице таа слатка тага од прераната интелигенција, а веќе ù се дуеја градите и од устата ù бегаа оние воздишки што најавуваа копнеж што се будеше.
Најмоќните Евреи од градот, заслепени од нејзината неверојатна убавина, ја бараа за жена; но Еврејката, рамнодушна на честа од нејзините обожаватели и на советите на татко ù, кој ја молеше да избере партнер пред да остане сама на светов, седеше затворена во длабока тишина, а за чудното однесување објаснуваше дека сака да остане слободна. Конечно, еден ден, изморен од патењето што го одбиваше Сара и претпоставувајќи дека нејзината бескрајна тага беше точен показател дека нејзиното срце крие некоја важна тајна, еден од нејзините обожаватели му се приближи на Даниел и му рече:
– Знаеш, Даниел, што се зборува меѓу нашите браќа за твојата ќерка?
Евреинот веднаш ги крена очите од наковалната, го спушти чеканот и без да покаже најмала емоција, го праша соговорникот:
– Што зборуваат за неа?
– Кажуваат – продолжи неговиот соговорник – кажуваат… што знам… многу работи… Меѓу другото, дека ќерка ти е вљубена во еден христијанин… – Кога стигна до оваа точка, одбиениот љубовник на Сара сопре за да го види ефектот што неговите зборови го предизвикуваа кај Даниел.
Даниел, пак, ги подигна очите, едно време го гледаше фиксирано без да каже збор и спуштајќи го пак погледот за да продолжи со прекинатата задача, рече:
– А, кој вели дека тоа не е клевета?
– Оној што ги видел како зборуваат неколку пати на оваа улица, додека ти му помагаш на тајниот Синедрион на нашите рабини – настојуваше младиот Евреин изненаден што неговите сомнежи пред и по неговите потврди не му го расипуваат расположението на Даниел.
Овој, без да ја остави работата, го фиксира погледот на наковалната, врз која откако на едната страна го стави чеканот, се фати со мала брусилица да го полира металниот брош со украс, почна да зборува тивко и испрекинато, како махинално неговата усна да ги повторува мислите што му поминуваа низ главата.
– Хе! Хе! Хе! – велеше и се смееше на чуден и злобен начин. – Кој мисли дека Сара, гордоста на племето, мојата поддршка во староста, ќе ми ја земе едно христијанско куче?… И вие мислите дека ќе успее? Хе! Хе! – продолжуваше да си зборува и постојано се смееше, додека брусеше сè појако и појако, гризејќи го металот со челичните заби. – Хе! Хе! Кутриот Даниел, ќе речат моите, веќе не го бива! Зошто ја сака оној изнемоштен старец на умирање онаа толку убава и толку млада ќерка, ако не знае да ја чува од лакомите очи на нашите непријатели?… Хе! Хе! Хе! Мислиш овој стар Даниел спие? Мислиш ќерка ми има љубовник… што не е исклучиво, и тој љубовник е христијанин и се обидува да ја заведе, и ја заведува, дека сè е можно, и се обидува да побегне со неа, дека исто така е лесно, и ќе побегне утре, на пример, што не е чудно, мислиш Даниел ќе дозволи така лесно да му го земат богатството, мислиш нема да знае да се одмазди?
– Но – рече и го прекина младичот – зарем знаеш?…
– Знам – рече Даниел станувајќи и удирајќи го по грб – знам повеќе од тебе, што не знаеш ништо, ниту ќе дознаеше да не дојде часот да откријам сè… Оди; јави им на нашите браќа што побргу да се соберат. Оваа ноќ, за еден или два часа, ќе бидам со нив. Збогум!
И штом го кажа ова, Даниел нежно го поттурна соговорникот кон улицата, многу полека си ги собра работите и почна двапати да ја заклучува вратата со резиња од продавничката.
Звукот што се создаде додека вратата се затвораше врз напорните шарки го спречуваше младичот, кој се оддалечуваше, да го слушне звукот на резињата што во тој миг паднаа, и Еврејката која само што влезе преку окното.

II

Беше Велипеток вечер и жителите на Толедо, откако присуствуваа во темнините на нивната прекрасна катедрала, само што му се препуштија на сонот, или раскажуваа за љубов на огнот преданија слични на она за црквата Христос на Светлината, кој украден од неколку Евреи, оставил трага крв по што се открило злосторството или приказната за светото дете од селото Ла Гуардија, во кое неумоливите непријатели на нашата вера го обновиле суровото страдание на Исуса. Во градот царуваше длабока тишина: прекинувана на моменти те од далечните гласови на ноќните чувари, кои во тоа време бдееја околу замокот „Алказар“, те од цимолењата на ветрот што го вртеше ветроказот од кулите или бучеше меѓу свиоците по улиците, кога сопственикот на едно бротче што се лулаше врзано за еден столб близу мелниците, кои изгледаат како мозаик на дното од карпите што ги капе Тахо и врз кои седи градот, виде како се доближува до брегот, како тешко слегува по една од тесните патеки што уште од висината на ѕидовите водат кон реката, една личност која очигледно ја чекаше нестрпливо.
– Таа е! – прошепоти меѓу заби бродарот. – Ноќва како целава раса на Евреи да излегла на бунт!… Каде ѓавола ќе се состануваат со Сатаната, зошто сите доаѓаат на мојот брод кога мостот им е толку блиску?… Не, нема да излезе на арно, кога така по секоја цена избегнуваат да се судрат со војниците во замокот „Сан Сервандо“…; ама, пак, ми даваат добра пара, рака што дава не се суши, ни лук јал ни лук мирисал.
Го кажа ова добриот човек, седнувајќи во бротчето и местејќи ги веслата, а кога Сара, која очигледно ја чекаше дотогаш, скокна во бротчето, го пушти јажето што го држеше и почна да весла кон спротивниот брег.
– Колку поминаа ноќва? – го праша Сара бродарот само што се оддалечија од мелниците, а како да мислеше на нешто за кое зборувале претходно.
– Не можев да ги избројам – одговори соговорникот; – еден кош! Изгледа ноќва ќе се собираат за последен пат.
– А знаеш што прават и зошто го напуштаат градот во оваа доба?
– Немам поим…; ама мислам дека чекаат некој што треба да дојде ноќва… Не знам зошто го чекаат, иако претпоставувам дека не е воопшто за арно.
По овој краток дијалог, Сара остана неколку мига потоната во длабока тишина и како да се обидуваше да си ги среди мислите. – Несомнено – си мислеше; – татко ми ја открил нашата љубов и подготвува ужасна одмазда. Морам да дознам каде одат, што прават, што намераваат. Мало двоумење може да уништи сè.
Штом Сара наеднаш застана на нозе, и за да ги оттргне ужасните сомнежи што ја мачеа помина со раката по челото, кое немирот ù го покрил со ледена пот, бродот пристигна до спротивниот брег.
– Добар човеку – рече прекрасната Еврејка фрлајќи му неколку парички на возачот и покажувајќи му еден тесен и заоблен пат што се искачуваше како змија меѓу карпите, – по оној пат одат?
– Тој е, и штом ќе стигнат до Главата на Маварот, исчезнуваат налево. Потоа само ѓаволот и тие знаат каде одат – одговори бродарот.
Сара се оддалечи онаму каде што овој ù покажа. Неколку минути повремено се појавуваше и губеше во оној темен лавиринт од темни карпи пресечени на врвот: потоа, и кога стигна до врвот наречен Главата на Маварот, црната силуета ù се исцрта на синото дно од небото, и за последен пат исчезна меѓу сенките од ноќта.

III

Одејќи по патот каде што сега се наоѓа питорескната капела на Богородица од Долината, близу врвот, кој народот во Толедо го знае по Главата на Маварот, постоеја уште во таа доба руинираните остатоци од една византиска црква, пред опсадата на Арапите.
Во атриумот што го исцртуваа неколку расфрлани камења по земјата растеа капини и плевели, меѓу кои лежеа полускриени, те еден уништен врв од еден столб те една камена цигла грубо изделкана со испреплетени лисја, ужасни и гротескни али и аморфни човечки фигури. Од храмот само на нозе останале латералните ѕидини и неколку скршени сводови, обраснати со бршлен.
Сара, која се чинеше дека ја води едно натприродно претчувство, кога стигна на местото што ù го покажа возачот, се поколеба накратко, неодлучна по кој пат да појде; но, на крај со цврст и решителен чекор зачекори кон напуштените руини од црквата.
Всушност, инстинктот не ја излажа. Даниел веќе не се смееше. Даниел, кој веќе не беше изнемоштен и покорен старец, туку напротив, му фрчеше бес од кружните очиња, изгледаше понесен од духот на одмаздата, опкружен од толпата како него, страсна да си ја задоволи жедта за омраза кон еден од непријателите на неговата религија; беше таму и како распрснат на сите страни им даваше наредби на едните, ги охрабруваше другите, со цел да се подготват за ужасниот напад што го осмислуваше со денови додека рамнодушно удираше по наковалната во својата баракичка во Толедо.
Сара, која благодарение на темницата успеа да стигне до атриумот на црквата, мораше да се соземе да не испушти ужасен крик кога влезе и виде што се случува внатре. На црвеникавиот пламен од огромен оган што оцртуваше пеколен круг во ѕидините од храмот ù се стори како некои едвај подигаа тежок крст, а други плетат круна од гранките на капините или врз еден камен остреа врвови на огромни железни клинови. Една страшна мисла ù помина низ главата; се сети дека оние од нејзината раса ги обвиниле повеќе од еднаш за мистериозни злосторства; како низ магла се сети на застрашувачката приказна за распнатото дете, за кое уште тогаш мислела дека е невкусна клевета, измислена од народот за да ги оцрни и навреди Евреите.
Но веќе немаше никаков сомнеж; таму, пред очи ù беа оние ужасни инструменти за измачување, и свирепите џелати само ја чекаа жртвата.
Сара, полна со огорченост, облеана со бес и понесена од нераскинливата верба во правиот Бог, за кој ù зборувал љубовникот, не можеше да се воздржи пред глетката од тој настан и втрчана меѓу грмушките што ја криеја, наеднаш се појави на тремот од храмот.
Кога ја видоа, Евреите крикнаа изненадено; а Даниел одејќи кон ќерка си со заканувачки гест, ја праша прекорно: – Што бараш овде, несреќнице?
– Дојдов да ви го фрлам в лице – рече Сара цврсто и одлучно – сиот срам на вашето неславно дело, и дојдов да ви кажам дека залудно ја чекате жртвата за измачување, освен ако не сакате во мене да ја пролеете вашата жед за крв; зашто христијанинот кој го чекате нема да дојде, зашто јас го предупредив за вашите заседи.
– Сара! – викна Евреинот од бес, – Сара, тоа не е вистина; не си можела да нè предадеш и да ги откриеш нашите тајни ритуали; а ако навистина си сторила така, не си ми ќерка…
– Не; веќе не сум: си најдов друг татко, татко полн со љубов за своите, татко кого вие го заковавте на еден срамен крст, и кој умре на него за да нè искупи, отворајќи ни ги за на века портите небески. Не; веќе не сум ваша ќерка, зашто сум христијанка и се срамам од своето потекло.
Кога ги слушна зборовите, изговорени со таков жар, што само небото ги става во уста на мачениците, Даниел заслепен од гневот ја зграпчи прекрасната Еврејка и фрлајќи ја на земја и фаќајќи ја за коса, ја влечеше како опседнат од еден пеколен дух до дното на крстот, што како да ги беше отворил бестелесните раце за да ја прими, велејќи им на оние што го опкружуваа:
– Тука ви ја предавам; спроведете ја правдата врз оваа бесрамница што си ги продаде честа, религијата и браќата.

IV

Следниот ден, кога камбаните од катедралата го оглушија воздухот тропајќи во слава, и почесните соседи на Толедо се забавуваа со фрлање камења врз Евреите направени од сламени кукли, баш како што и денес прават на некои наши места, Даниел ја отвори вратата на својата работилница, како и обично; и со бескрајната насмевка на усните почна да ги поздравува минувачите, без да престане да удира по наковалната со железното чеканче; но резињата од маварското пенџере на Сара не се отворија, ниту некој ја виде пак прекрасната Еврејка легната врз первазот од шарени плочки.
Раскажуваат дека по неколку години еден овчар му однел на надбискупот еден цвет, невиден дотогаш, на кој се гледале исцртани сите карактеристики на маченикот од Салвадор; чуден и мистериозен цвет што растел и ги плеткал стеблата меѓу руинираните ѕидини на урнатата црква.
Копајќи на местото во обид да го дознаат потеклото на тоа чудо, додаваат дека е најден скелет на една жена, а со неа закопани многу други божествени карактеристики какви што имаше цветот.
Трупот, иако никогаш не можеше да се дознае чиј е, опстои долги години со посебна почит во ермитажот на Зелениот Свети Петар, а цветот, кој денес стана многу познат, се вика страсната роза.

Извадок од книгата „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (прв дел)
Едиција: Класици
Издавач: „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“
Книгата е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk на следниот линк.

Прочитајте го слдниот дел од „Легенди“.

11 thoughts on “„Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (прв дел)

  1. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (втор дел) | Literatura.mk

  2. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (трет дел) | Literatura.mk

  3. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (четврт дел) | Literatura.mk

  4. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (5 дел) | Literatura.mk

  5. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (6 дел) | Literatura.mk

  6. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (7 дел) | Literatura.mk

  7. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (8 дел) | Literatura.mk

  8. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (9 дел) | Literatura.mk

  9. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (10 дел) | Literatura.mk

  10. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (11 дел) | Literatura.mk

  11. Пингување: „Легенди“ од Густаво Адолфо Бекер (12 дел) КРАЈ | Literatura.mk

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.