Мартин Јованоски: „Зошто јас?“ е финале на мојата долготрајна борба, искрено четиво без цензура

Зошто јас? e прашање што секој од нас си го поставил во одреден момент од животот, соочувајќи се со тешки ситуации, несреќа, тага, болка и криза од кој било вид. Со прашањето Зошто јас? почнува и автобиографската книга на младиот автор Мартин Јованоски во која отворено зборува за својата борба со анксиозноста, стравовите и со паничните напади. Да се напише оваа книга е да се допре душата на секој од нас, но и личен терапевтски процес. На сите оние кои ја запознале анксиозноста, ова четиво ќе им биде вистински скапоцено, бидејќи ќе станат свесни дека не се осамени во тоа искуство. Книгата „Зошто јас?“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше промовирана на 11 февруари во „МладиХАБ“. Само едне месец по промоцијата распродаден е првиот тираж од книгата. Во очекување на новиот тираж го објавуваме интервјуто со Мартин, реализрано непосредбо пред промоцијата.

*Како настана идејата да ја напишеш книгата „Зошто јас?“ (Мојата борба со анксиозноста, стравовите и со паничните напади)?
– Книгата „Зошто јас?“ ја замислив како финале на мојата долготрајна борба. Искрено четиво без шминка и цензура, без никакво оптоварување како ќе звучат најголемите стравови испишани на хартија. Подадена рака до останатите како мене, потсетник дека ништо не е готово, колку и да се чини тешка и нерешлива ситуацијата во моментот. Очајот, бесот и болката со кои бев исполнет вечерта кога решив да ја создадам „Зошто јас?“, ми послужија како гориво за да ја истурам фрустрацијата и беспомошноста и да го напишам делот број еден. Научените лекции, проширените видици и мирот кој го почувствував во себе, во меѓувреме ги испишав во вториот дел. Ги споив двата дела и излезе нешто едноставно и чисто, нешто различно од сѐ што досега ни е понудено поврзано со анксиозноста и распламтените нерационални стравови.

*Имаш изјавено дека на 14 јули 2017 година си го допрел дното… Што се случи тој ден, дали дното значеше и нов почеток за тебе?
– Тој ден се уморив, вистински се уморив. Ако години наназад ползев и се влечев, тогаш првпат застанав и не сакав да продолжам – бев уверен дека веќе нема поента. Не можев да најдам причина да продолжам да туркам напред. Лузносан и претепан, го кренав белото знаме! Дури тогаш го почувствував тој „клик“ во себе и наеднаш се погледнав себеси од еден друг агол. Дури тогаш, откога го положив оружјето на земја, дури тогаш почнав да ја гледам големата слика. Не знаев дали и колку ќе трае тоа чувство, затоа решив да не губам време и уште вечерта да почнам да го пишувам на хартија. Колку и да бев уморен и истрошен од инјекциите и апчињата кои дента ги добив поради неколку ужасни панични напади. Да, од тој ден се променив. Си ја добив лекцијата. Не дека сега сум некој идеален или совршен, без проблеми и предизвици во животот. Не дека сум некој кој гази со крената глава низ светов во кој живееме. Напротив, единствената разлика е што сега мирно спијам и за првпат можам да уживам самиот со себе.

* Како се чувствуваш сега? Дали човек може целосно да се „ослободи“ од анксиозноста?
– Се чувствувам слободно од стегите со кои бев заробен. Не ги искинав дебелите синџири со кои бев врзан, низ годините се уверив дека не се кине синџир, пресилен е. Меѓутоа, најдов начин да се отплеткам и да се ослободам! Работам на себе константно. И за тоа не ми се потребни мотивациски говори и моќни видеа. Сѐ што ми треба е дозволата за себе, дозвола да бидам среќен и да не се осудувам за работи што не можам да ги променам. Прифатив дека никој не е совршен и дека перфекционизмот е во ред и е убава особина, меѓутоа до оној момент додека не почне да внесува стрес и немир во секојдневието. Се менувам секојдневно, се насочив на друг пат и не ми е важно колку брзо се движам. Важно е само да не застанувам, колку и да забавувам, да се влечам или да ползам ! Околу делот за „ослободувањето од анксиозноста“, не можам да објаснам во неколку реченици. Темата е комплексна, тој дел пробав да го објаснам во книгата. Таму читателите ќе го најдат одговорот.

*Кој најмногу ти помогна во тешките моменти? Како твоето семејство ги преброди тие мигови?
– Беше тешко за сите околу мене, за сите на кои искрено им значев. Секако, најмногу на моето семејство. Мислам дека особено ги болеше беспомошноста и неможноста да се спротистават на мојот силен противник кој беше непознат во тоа време. Го бараа лекот, се обратија секаде, ги збунуваше силата со која тоа чудо напаѓа. Моите пријатели беа тука, секогаш беа упорни да ме извадат од дома и барем за миг да ми олеснат. Пробував, многупати пробував, ама едноставно немаше начин да им го објаснам тоа што однатре ме притиска и мачи. Знаев дека самиот морам да си го најдам решението, меѓутоа ми годеше фактот дека имам на кого да се потпрам и за момент да одморам. На сите нив им благодарам од срце, таа подадена рака нема да ја заборавам никогаш!

*Дали ова е книга за самопомош, дали таа едуцира, лекува, одговара на прашања? Како ти би ја опишал книгата?
– Хмм… би рекол дека пред сѐ е доказ. Доказ дека е возможно. Соголување кое треба да инспирира, исповед која ќе поттикне желба и страст за спознавање на навидум најголемиот непријател со кој луѓето денес се соочуваат. Желбата ми е „Зошто јас?“ да биде цврст ѕид на кој ќе се крепат луѓето кои се соочуваат со сопствените деструктивни мисли, искрена поддршка испишана на листови бела хартија, страници кои ќе ги чуваат блиску до себе и секогаш ќе ги потсетуваат дека не се сами и дека можат да стигнат до светлината на крајот од тунелот !

*Анксиозност е чувство на општа возбуденост, нејасен страв без очигледен надворешен повод, голем стрес и загриженост. Како Вие ја дефинирате aнксиозноста во книгата?
– Во книгата не го користам многу терминот „ансксиозност“. Ја нарекувам „мојата најверна партнерка“. Ја визуелизирам, ѝ давам женски лик – многу привлечен, строг и авторитативен. Ја опишувам низ страниците, му давам шанса на читателот да ја доживее на истиот начин како и јас. Ми беше потребен лик, ми беше потребна да ја видам пред себе. Така беше полесно да ја седнам спроти себе и да видам што вистински сака да направам. Пред тоа ја доживував како злобничка, како баба Рога која морам да ја уништам. Таа или јас како победник на крајот, крвава војна во која упорно ги губев битките. Една по една – стотици на број! Едно знам, ќе се уверат и читателите. Анксиозноста низ страниците ја дефинирам како нешто многу поразлично од начинот на кој досега ни е презентирана. Поучен од годините наназад, стојам цврсто зад напишаното со сето она што поминав и преживеав.

*Како сами да препознаеме дали сме анксиозни? Како се манифестира анксиозноста, кои се физичките и психичките симптоми?
– Би обрнал повеќе внимание на психата и на сѐ што анксиозноста може да ѝ го направи. Доколку забележите константен немир во себе, бес и немоќ, нелогична и долготрајна загриженост за себеси и сопствениот живот и здравје, тогаш има шанси да сте анксиозни. Доколку ве измачува сопственото претерано размислување и обработување на секое реално и нереално сценарио по неколку пати, доколку ви е тешко да се кренете од кревет секое утро и да го почнете денот… Ако сопствените мисли ви се контрапродуктивни и тешки за поднесување, тогаш да, веќе зборуваме за анксиозност.
*Како да се разликува анксиозноста од „обична“ нервоза или паника?
– Трае… долго трае и не запира. Ве измачува не само во оние ситуации каде сте полни со стрес и нервоза. Напротив, еднакво силна е во кој било период од денот. Дали се работи за одење до продавница, вечерно излегување, работно време, кафе-дружба, свадба, обична прослава или одмор дома – секогаш е тука. Прави неверојатно тежок предизвик од секоја обична и едноставна секојдневна работа. Ви го одзема мирот и ве тера да бегате, што подалеку, што побрзо…


*На оваа тема имаш говорено на работилници? Кажи ни повеќе за искуството од овие настани?
– Лично јас немам организирано работилница, меѓутоа низ месециве со особена радост ги прифатив поканите да говорам на сите настани и работилници на тема анксиозност. Најголемиот дел беа организирани од психолози и млади активисти, луѓе кои искрено сакаа да придонесат за конечно анксиозноста да се тргне од списокот на табу теми кај нас во Македонија. Сите поминаа одлично, сите беа добро прифатени од публиката. На присутните особено им се допадна искреноста и споделените искуства, кои знам дека за многумина значеа мотив и поттик за понатаму. Ќе излажам ако речам дека немам проблем со излегување и говорење јавно пред публика, меѓутоа знам дека вреди, насмеаните лица на крајот секогаш ми го потврдуваат тоа!

*Активен член си на група на „Фејсбук“ за споделување искуства од анксиозноста. Колку оваа онлајн комуникација ти помага тебе и на другите поединци?
-Во моментов сум администратор на најголемата онлајн група за поддршка на лица кои се справуваат со анксиозност, панични напади, стравови и депресија. Во неа сме скоро 8000 членови. Групата е прекрасна и е наше катче каде има разбирање за секого. Созревав низ таа група, таму првпат соопштив и се доверив на останатите дека ги оставам антидепресивите зад себе. Оттогаш поминаа скоро три години. Дадов, и сѐ уште давам, свој придонес во нејзиниот раст, на свое огромно задоволство можам да соопштам дека ја остварив својата првична цел и замисла. Имав желба за ние поискусните да ги водиме низ борбата оние кои штотуку ја откриле кај себе анксиозноста и нерационалните стравови. Времето поминато со телефонот во рака, времето поминато давајќи утеха и разбирање за оние на кои очајно им треба, не е ништо во споредба со пораките кои ги испраќаме и љубовта која ја шириме!


* По професија си овластен сметководител, но активно си вклучен во помош и едукација за луѓе кои се соочуваат со анксизноста. Дали можеби имаш посетувано обуки и курсеви на оваа тема и од каде црпиш знаења и совети, кои ги пренесуваш во книгата, како и на членовите на групата на „Фејсбук“ и на посетителите на работилниците?
– Немам посетувано никакви курсеви или обуки. Немам студирано психологија или ништо слично на неа. Школата е сѐ она низ што поминав, знаењата и советите ги црпам од секоја лекција која морав да ја научам за да бидам таму каде што сум денес. Имав доволно време за да почувствувам колку само боли анксиозноста и колку само работи скратува. Мојата мисија, ако можам така да се изразам, е да поштедам што повеќе луѓе од непотребна болка и борба самите со себе!

*За која публика е наменета книгата? Дали само за луѓе кои се соочуваат со анксиозност?
– Не, книгата е за сите. „Зошто јас?“ е исповед, потврда дека е нормално да се почувствува немоќ и мака во ова лудо време надвор. Знаете, и јас едно време верував во она што ми беше презентирано по социјалните мрежи, во тие идеални животи полни среќа, љубов, мир и едноставност. Откако погледнав со други очи, се уверив дека 90 % од тие приказни се лажни и нереални. Меѓутоа, штетата што ја прават е огромна. Затоа, баш затоа, решив да кажам наглас дека јас сум анксиозен! Дека се борев низ животот и не ми цутеа рози. Сум почувствувал немир, сум се борел со сопствените мисли и сум губел. Многупати сум губел и сето тоа е во ред, сѐ е нормално. Ми пречат лажните вредности и идоли, ми пречи вниманието кое го даваме на искомплексирани ситни човечиња кои ги држат конците во општеството. Доста со тие измислени глупости, дајте да зборуваме за реални проблеми, дајте да подадеме рака и да помогнеме некому. Дајте да извадиме некого од сопствениот пекол – има ли поголема награда од тоа?!


*Која е главната порака на твоето прво книжевно дело?
– Главната порака е едноставна. Анксиозноста е многу реална и опасна, постои и се шири со огромна брзина. Затоа ја напишав и ја дадов книгата со мојот живот на сите, буквално на сите. Сакам сите читатели да се уверат дека е можно, дека не е крај, колку и да изгледаат така работите понекогаш. Сакам да ги прифатат клучните поенти од книгата, истата да ги поттикне да направат коренити промени во својот живот. Сакам да поттикнам промена, да уверам повеќемина дека истата е возможна и ужасно многу потребна. Сакам да престанат со осуди и никогаш повеќе непотребно да не го вртат прстот кон себе, да ја подигнат самодовербата и да бидат максимално нежни кон себеси. Само толку, се надевам дека на крајот ќе успеам.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.