„Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова е „Роман на годината“ за 2019 година


Книгата „Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова е прогласена за „Роман на годината“ за 2019 година. Николова е прва од досегашните лауреати која оваа награда ја добива по вторпат. Претходно наградата „Роман на годината“ ѝ беше доделена за романот „Куклите на Росица“ објавен во 2004 година.

Во образложението на организаторот на изборот, Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“ се вели:
„Песот со тажен поглед“ од Оливера Николова е роман кој својата приказна ја темели на историски податоци, а фикцијата деликатно се испреплетува со фактите. Директното, експлицитно посочување на изворникот (мемоаристичката книга „Мојот балкански дневник“ на Џ. Џонстон Абрахам, еден од докторите кои престојувале во Скопје за време на Првата светска војна) чиешто „ехо“ е романот, воопшто не ѝ пречи на приказната, туку напротив, овозможува увид во слоевитоста и комплексноста на наративните постапки.
Писмото на Николова е моќно, автентично и рафинирано. Таа и во овој роман го покажува истенченото чувство за детали, кои го збогатуваат наративниот мозаик, и кои суптилно исткајуваат мрежа од симболи. Смелата авторска идеја е успешно реализирана во творечки резултат со високи естетски вредности. Авторката умешно ја води приказната до самиот крај, одржувајќи ја компактноста на структурата, уверливоста на изградените ликови и книжевни ситуации, како и стилско-јазичната префинетост.

На конкурсот за наградата пристигнаа 38 романи. За наградата одлучуваше жири-комисија составена од: Николина Андова Шопова (претседателка и минатогодишна лауреатка), писателот Милован Стефановски, универзитетската професорка Весна Мојсова-Чепишевска, писателот Славе Ѓорѓо Димовски и претставничката на Фондацијата „Славко Јаневски“ Катерина Богоева. Комисијата направи повеќе селекции, при што на првиот состанок беше направена селекција од дваесет романи, на вториот состанок беа селектирани десет романи, а на третиот беа одбрани петте финалисти: Молчи со отворена уста – Снежана Младенова-Анѓелков („Или – Или“), Пагански времиња – Драги Михајловски („Просветно дело“), Песот со тажен поглед – Оливера Николова („Матица Македонска“), Последните денови на Ханс – Михајло Свидерски („Или-Или“) и Приказни за госпоѓица Сит – Билјана С. Црвенковска („Чудна шума“).

Оливера Николова (1936, Скопје) е писателка за деца и возрасни. Попознати дела за деца, од дваесетина издадени, ѝ се: „Зоки Поки“, „Земја во која не се стигнува“, „Пријателите Бон и Бона“, „Девојките на Марко“ и други. Нејзини дела за возрасни се книгите раскази: „Ден за летување“ и „Лева комора“, комедијата „Сребреното јаболко“, а некои од нејзините најпознати романи се: „Вежби за Ибни Пајко“, „Куклите на Росица“, „Белиот чад“, „Пешаци по црни полиња“ и други. Добитничка е на повеќе домашни и меѓународни признанија.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.