Интервју со Кирил Тодевски: „Танец“ седум децении е амбасадор на македонскиот културен код

Во чест на 70-годишнината на ансамблот за народни игри и песни „Танец“ кон крајот на минатата година беше објавена монографијата „Остани во чекор“ од Кирил Тодевски. Оваа луксузна книга, која е во издание на „Арс Ламина“, покрај авторскиот текст на Кирил Тодевски посветен на десетте антологиски кореографии од репертоарот на „Танец“ (кореографиите „Тешкото“, „Невестинско“, „Комитско“, „Седенка“, „Драчевка“, „Осоговка“, „Водарки“, „Тресеница“, „Тропнало оро“ и „Свадба“), содржи и нотографии на кореографските постановки направени од музикологот Марко Коловски. Во монографија застапени се архивски фотографии од поставените кореографии низ годините, но и нови фотографии, специјално снимени за ова издание. Изборот на историските фотографии од архивата на „Танец“ го направи Светлана Ќириќ, а новите фотографии, како и тие за насловната страница ги направи фотографката Маја Аргакијева. Стручната редакција од етномузиколошки и етнокореолошки аспект беше составена од Бранка Костиќ Марковиќ и Катерина Кузманоска. По повод објавувањето на изданието поразговаравме со авторот, познатиот етномузиколог Кирил Тодевски.

Кирил Тодевски

* Колку време беше потребно да се соберат и подготват за објава сите материјали за монографијата „Остани во чекор“, сепак станува збор за културна установа со седумдецениска традиција?
– Седумдесетгодишниот јубилеј на „Танец“ е значаен културен настан кај нас, затоа што станува збор за установа што во изминатите седум децении даде исклучителен придонес во негувањето, зачувувањето и афирмирањето на нашите национални културни достоинства, што анонимниот народен гениј низ векови ги создавал на македонските етнички простори. Покрај јубилејната концертна и фестивалска година дома, настапите на просторите од поранешна Југославија, големиот успех – Гран при во Париз за оркестарот при ансамблот, гостувањата во Малме и Гетеборг, Шведска и посебно значајното гостување во Мелбурн, Сиднеј и Камбера, Австралија кое за нашинците таму претставуваше посебно доживување, се наметна потребата јубилејната година да биде на некој начин одбележана и заокружена и со пишан документ, кој ќе биде траен прилог на дел од значајната дејност на ансамблот. Резултат на тоа е монографијата „Остани во чекор – Десет антологиски кореографии“, која се работеше една година и која што беше промовирана на годишниот концерт на „Танец“ на 20 декември минатата година во Македонскиот народен театар.

Книгата содржи архивски фотографии , снимени изминатите 70 години

*Покрај одбележување на овој значаен јубилеј, што Ве инспирираше да го напишете ова дело?
– Јубилејот на ансамблот беше не само повод, туку и ретка можност на еден значаен настан од децениската плодна дејност да се доближи до конзументот дел од она што на репертоарот се создало како трајна вредност, програмско-репертоарска и уметничка „лична карта“ на ансамблот, препознатлива и посебно ценета – дома и насекаде во светот. Јас како етномузиколог и долгодишен уредник на народна музика во Македонската радио-телевизија, професионално на програмите со рецензии и документарни емисии повеќе од три децении ја следев дејноста на ансамблот и оттука чувствував потреба да дадам уште еден мој прилог за оваа наша установа од посебно културно значење.
Во предговорот и резимето на монографијата се задржувам на белезите на македонскиот фолклорен израз, значењето на процесот на создавање и негување на традицијата во најразновидните историско-социјални премрежија со кои се соочувал и опстојувал низ векови македонскиит народ на „балканската ветрометина“. Будењето на националната свест, преточена во мелопоетски изблици на анонимните и современите творци и песнопојците, на специфичниот орско-песнопеен израз, посебноста на народните носии… Се задржувам на предусловите и потребата да се создаде национален професионален фолклорен ансамбл, неговото програмско-репертоарско профилирање изразено низ петте развојни периоди на ансамблот, авторските искажувања на поставувачите на кореографиите и авторите на музичките партитури, сѐ до прашањата и одговорите; Што е „Танец“? и Кој е „Танец“?.

*Во книгата се застапени 10 антологиски кореографии од репертоарот на „Танец“. Кои се тие и кој беше критериумот да се одлучите токму за нив, од богатата ризница на ора, танци и кореографии? Какво е нивното значење во македонското културно наследство?
– Во Монографијата се застапени десетте антологиски кореографии: „Тешкото“, „Невестинско“, „Комитско“, „Седенка“ , „Драчевка“ , „Осоговка“, „Водарки“, „Тресеница“ , „Тропнало оро“ и „Свадба“. Определбата за овие кореографии не е случајна. Имено, се работи за постановки со кои се удрени темелите на, со право ќе кажам, македонската етно-кореографска школа, со национален предзнак, произлезена во ансамблот „Танец“ – ценета и почитувана насекаде во светот. Овие кореогфрафии се дело на „од бога надарени играорци“ од првата генерација на ансамблот, кои се и едни од неговите програмски амблеми. Автори на кореографските постановки и музичките обработки се: Дојчин Матевски (неповторлив ороводец на „Тешкото“), Трајко Прокопиев (композитор, диригент, музички деец и еден од директорите на ансамблот, кој за постановката „Невестинско“ ја напиша и музичката партитура, Еменуел – Мане Чучков (автор на постановката „Комитско“ и првиот директор на „Танец“), Глигор Василев – Гиле (автор на „Седенка“), Атанас Коларовски (автор на „Драчевка“, за кои мизиката ја напиша Трајко Прпокопиев), Димитар – Митко Алексов (автор на „Осоговка“), Блаже Палчевски и Димитар Алексов (автори на „Водарки“), Јонче Христовски („Тресеница“), Душко Георгиевски (автор на „Тропнало оро“, за која музичките партитури ги напиша Ѓорѓи Димчевски), Благоја Филиповски („Свадба“ – со музичка обработка од Ратко Гелевски и Томе Цветковски). Споменатите десет антологиски кореографски постановки на поставувачите од првата генерација на ансамблот и на авторите на музичките партитури се значајни не само по својот звучно-визуелен опфат, начинот на разработката на звучно-кореолошките елементи на игрите, нивната сценска трансмисија и начинот на интерпретацијата на уметниците на ансамблот, значајни се и по тоа што го насочија правецот на идните кореографски постановки и музичките партитури на авторите од втората, сегашната генерација и секако и на идните генерации. Тие се класика во начинот на сценската надградба на традиционалните игри и песни,а секако и другите постановки од пребогатиот репертоар на ансамблот ги имаат истите сценско-уметнички димензии. Кореографските постановки заедно со изворните ора се значајно наше културно наследство – препознатливи со националниот фолклорен израз.


* Од каде црпевте информации и референции за содржината на книгата, има ли доволно записи и архивски снимки за ората и кореографиите кај нас?
– Во подготовката на монографијата основен извор на информации ми беше ансамблот „Танец“, како и некои од публикациите што го третирале репертоарот на ансамблот кои се наведени во мионографијата.

*Вие сте еден од најпознатите етномузиколози кај нас, со дологодишно истражувачко искуство. Колку низ годините имавте можност да се запознаете дирекно со работата и успесите на „Танец“, дали претходно имате пишувано за овој ансамбл?
– Како етномузиколог кој сиот работен век го поминав во Македонската радио-телевизија, односно во Македонското радио, како музички новинар и повеќегодишен уредник на редакцијата на народна музика, професионално го следев повеќе од три децении дејствувањето на Ансамблот „Танец“. На програмите со рецензии сум ги одбележувал неговите настапи на концерти во Скопје, на Балканскиот фестивал во Охрид, како и со документарни радио и ТВ-емисии, а како автор се јавувам во монографијата по повод 50-годишнината на ансамблот во 1999 година и монографијата: „Танец“ промотор на етнокореографска школа со национален предзнак, заедно со Блаже Палчевски, играорец од првата генерација.

*Што претставува „Танец“ за Вас , какво е значењето на нашата традиција, култура и идентитет?

-Ансамблот „Танец“ бездруго е една од установите од посебно културно значење. Тој во изминативе седум децении даде извонредно значаен придонес во негувањето, зачувувањето и и афирмирањето на нашите културни достоинства насекаде во светот. Преку неговите настапи конзументот непосредно се запознава со етно-кореолошките специфики на орскиот израз, богатствата на мелопоетскиот израз во песните, разновидноста на метро-ритмичките пулсации во ората и песните, колоритноста на традиционалните народни костими-носии, со еден збор – преку настапите на „Танец“ светот најнепосредно се запознава со дел од македонскиот културен код, со вековните корени.

*За монографијата се користени архивски фотографии на „Танец“ снимени низ изминатите 70 години. Од каде сѐ беа собрани фотографиите и дали беше тешко да се селектираат најзначајните?
– Во книгата се најдоа фотографии од архивата на ансамблот за да се долови времето на настанување и актерите на постановките од првата генерација, но и фотографии што се белег на денешницата. Бидејќи во финалната подготовка на монографијата бев отсутен од земјава, за тоа се погрижија уметничкиот раководител на „Танец“: Бранка Костиќ-Марковиќ и Светлана Ќириќ, документарист.

Монографијата премиерно беше претставена на крајот на 2019 година

*За да се направи вакво луксузно и капитално дело, потребен е и добар тим, со кого соработувавте и во кои сегменти од реализација на делото? Колку сте задоволен од финалниот производ? Дали книгата ги оправда Вашите очекувања?
– За реализација на еден ваков проект, покрај личните искуства и сознанија за програмско-репертоарските димензии на ансамблот „ Танец“, секако неопходна беше и помош, односно соработка. Во прво време соработував со Светлана Ќириќ, потоа со директорот на „Танец“, Мартин Вучиќ, со Катерина Кузмановска – етно кореолог и играорка на ансамблот и етномузикологот и уметничкиот раководител на „Танец“, Бранка Костиќ-Марковиќ, која го финализираше овој труд. Како автор ја изразувам сета почит кон издавачот „Арс Ламина“, за ова со право ќе кажам современо дизајнирање и обликување на монографијата, прва од ваков вид, кога се работи за вакви публикации. На ова се надоврзуваат возбудувања кога ја разгледувам монографијата од богатството на фотографии што беа реализирани, двојазичноста (на македонски и на англиски), со еден збор – современо обликување кое може да се претстави насекаде во светот.

*Што ќе ѝ порачате на читетелската публика пред да ја набави книгата?
– „Танец“ треба посебно да се почитува, како наша културна гордост, амбасадор на македонскиот културен код и со уште поголеми успеси да продолжи во негувањето, надградувањето и афирмирањето на македонските фолклорни достоинства, дома и насекаде во светот.

*За која публика и генерација е наменета оваа книга? Дали имате податоци, кој профил на публика најмногу се интересира за неа?
– Монографијата е наменета за сите оние кои го почитуваат ансамблот „Танец“, за неговите членови, за аматерските фолклорни ансамбли, со еден збор – за оние кои ја почитуваат нашата традиција и што сакаат да осознаат дел од нашите фолклорни специфики, како тие се негуваат во оваа наша професионална институција и како треба да се продолжи понатаму – „секогаш да се остане во чекор“.

* Книгата е двојазична, на македонски и на англиски јазик. Преводот на англиски го направи Марија Џонс. Колку странците се запознаени со „Танец“ и дали ова е книга која може да се понуди и на интернационалниот пазар?
– Двојазичното (македонско-англиско) издание на монографијата е од особено значење затоа што тоа овозможува пошироко запознавање, односно на консументи од други земји, а како естетско-уметничко обликување со посебна гордост може да се понуди на секаде во светот. На крајот ја изразувам посебната благодарност на ансамблот „Танец“ и на издавачот „Арс Ламина“ за реализирање на овој труд.

* Книгата „Остани во чекор“ од Кирил Тодевски веќе е достапна во книжарниците „Литература.мк“, и онлајн на www.literatura.mk

Разговараше: Ана Несторовска – Саздовска

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.