Вечното девојче Снежана Коневска – Руси, гостинка во „Астрорум“

Една од најпрепознатливите домашни актерки и режисерки Снежана Коневска – Руси е гостинка во новото издание на „Астрорум“. Правоговорот на популарната Снешка е вистински мевлем, а нејзината актерска големина само ни потврдува дека ситната појавност не е пречка за постигнување на фасцинантни уметнички височини. Таа е нѐ учи и дека нема ништо повредно од негувањето на детето во нас. Снежана Коневска – Руси e дипломиран актер на Факултетот за драмски уметности во Скопје (1975/76) и дипломиран режисер на НАТФИЗ во Софија, Р. Бугарија (2001/02). Нејзиното работно искуство започнува уште во 1973 година во Македонската радио и телевизија, како актер во Детската радиодрама на РТС, а потоа и како водител на емисиите во живо на Првата и Втората програма на Македонското радио, но и како презентерка во Информативната програма на Радио Скопје.

Во 1979 година се вработува во Македонскиот народен театар и веднаш е застапена во целокупниот тековен репертоар. Има одиграно повеќе од 100 театарски проекти во матичната куќа од кои позначајни се: Девојката во „Димна Јуда град градила“ (со која го освојува „Златниот венец“ на МЕС во Сараево), Ана во монодрамата „Ана Франк“, Слепата девојка во „Крчма под зеленото дрво“, за која освојува награда за епизода на театарските игри „Војдан Чернодрински“, потоа се нижат улогите: Благовеста во „Студенти“, Стојанка во „Чорбаџи Теодос“, Агафја во „Женидба“, Нале во „Среќна нова 49“, Шулко во „Кршалнига“, Ходел и Хава во мјузиклот „Свирач на покрив“, Љубимката во „Големиот брилијантен валцер“, Сестра Ана во „Бунт во домот за старци“, Клодина во „Жорж Данден“, Кралица Маргарита во „Ричард Трети“ (со која освојува награда за најдобра женска улога на ТИ „Војдан Чернодрински“), Г-ѓа Рисе во „Dead line“, Госпоѓа Робинсон во „Дипломец“, Соланж во „Слугинки“, Добрила во „Павилјони“, Бабата во „Жени во народното собрание“, Љубов Андреева во „Вишновата градина“, улогите во „Вечната куќа“, „Свадбата на Фигаро“, „Мајсторот и Маргарита“ и многу други.

Покрај континуираната игра во матичниот театар, Снежана Коневска – Руси активно учествува и во театарски проекти во останатите театри во земјата, во Куманово, Велес, Битола, Штип и Струмица. Таа е соработник и на Театарот за деца и млади, каде што ги игра незаборавните претстави „Црвенкапа“, „Кралот Кускуле Први“, „Беше тоа на Дивиот Запад“ и други.
Исто така, таа се јавува и како актер, сценарист и режисер во многу празнични проекти и фестивали за деца во организација на Детскиот културен центар – Карпош, како и во театарските проекти и манифестации на Дирекцијата за култура на град Скопје.

Добитник е на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје во 1992 година.
Широката јавност и денеска ја препознава по емисиите на Јавниот сервис како „Најпознатите бајки на светот“, серијата „Дајте музика“ во две продолженија, драмската серија „Големи и мали“, „Трето, па машко“, „Македонските народни приказни“, како и останатите емисии од образовната програма и впечатливите нахсинхронизации на цртаните филмови за деца.


Во нејзиниот опус се и ТВ-драмите : „Залез над езерската шир“, „Прва вечер“, „Македонска крвава свадба“, „Гласот на светлината“, а ќе биде запаметена и нејзината појава и како сценарист и водител на детските музички фестивали „Златно славејче“, „Плетенка“, „Пинокио“ и „Калинка“.
Како асистент-режисер стои зад претставите „Цар Самуил“, „Животот и делото на Верди“, „Приказна од Западната Страна“ и „Жени во народното собрание“.

Снежана Коневска – Руси е основач на фестивалот за пантомима и физички театар ПАНФИЗ, раководител е на ДДС „СНЕШКА“ – Школата за драмски актери во Општина Карпош, соработник е во мултиетничката програма на ФАРЕ и соработник во повеќе проекти на Еврејската заедница на Р. Македонија. Се јавува и како сценарист, текстописец, драматург, режисер, сценско-технички соработник, реализатор и уметнички раководител во бројни мали и големи инклузивни и мултикултурни проекти за лица со и без хендикеп и најразлична попреченост.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.