Во ова издание на емисијата „Астрорум“ ќе можете да го погледнете интервјуто со Фејми Даут – нашиот, веќе светски прочуен, директор на камера, ко-кинематограф на македонскиот документарец со две номинации за „Оскар“, „Медена земја“.
Фејми Даут е роден во Скопје во 1980 година. Од 1998, почнал да работи во националната телевизија „Канал 5“, а после две години се запишал на студиите на одделот за филмска и ТВ-камера на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Дипломирал во 2005 година и од тој момент континуирано работи на многу независни филмови, соработувајќи со видеопродукции ширум Балканот, и во улогата на директор на фотографија и како прв асистент на камера.
Она што го вивна Даут во светските води е моментот кога во 2019 година, тој заедно со својот колега Самир Љума ја доби наградата за најдобра кинематографија на престижниот филмски фестивал „Санденс“ за филмот „Медена земја“. Во меѓувреме се нижеа над 30 награди, а последната во таа серија, наградата за „Најдобар документарец“ според Американското здружение на кинематографи, само го потврди извонредниот придонес на снимателите во маестралната документарна приказна за Атиџе Муратова, последната одгледувачка на диви пчели, раскажана на единствениот можен начин, визуелниот наратив.
Во интервјуто за „Астрорум“ вели дека „да недостигаше само еден од петчлената екипа, „Медена земја“ ќе беше друг филм“.