Во ова издание на „Астрорум“ ќе можете да го проследите интервјуто со нашиот долгогодишен режисер, сценарист на документарни и играни филмови, новинар, публицист, клавијатурист и композитор, Аљоша Симјановски.
Роден е во Скопје, каде што и дипломирал на Филолошкиот факултет на УКИМ. Неговото работно искуство во Македонската радио и телевизија се протега низ 40 години, низ кои бил редакциски уредник, одговорен уредник на документарната програма и контактно-рекреативна програма, одговорен уредник на Првиот програмски сервис, како и в.д. извршен директор на МРТВ. Автор и режисер е на повеќе документарни филмови, меѓу кои и „Сестри“ (1992), „Менка“ (1996), „Чедо“ (2009), на краткиот игран филм „Мојата љубов Чарли Паркер“ (1994) и на играните филмови „Пикасо“ (1987) сценарио, режија, музика и „Стапица“ сценарио и режија – музика (2007), како и на книгите „Хипер живот“ (2012), „Мерил Стрип во Скопје 2014“ .
Во својство на режисер се потпишува на повеќе од 2500 ТВ-наслови од сите видови програми и жанрови – документарни и играни филмови, контактно-рекреативни, забавни, образовни и културни програми, директни преноси, меѓународни проекти, видеомостови, програми од информативниот сектор, особено забележителни во периодот на осамостојувањето. Kако автор на документарни филмови и проекти има остварено над 150 документарни единици во продукција на Македонската телевизија и „Вардар филм“. Учествувал во официјални селекции на фестивали во Амстердам, Берлин, Токио, Петербург, Букурешт, Билбао, Бијариц, Тајпеј, Kраков. Добитник е на повеќе награди како „Бронзен змеј“ на фестивалот од прва категорија во Kраков 1992 г., специјална награда за документарен филм на фестивалот во Токио 1994.
Активно учествувал во сите форми на организирање и дејствување во МРТ, во многу комисии, колегиуми, делегации и сл. Бил претседател на Управен одбор на НУ Драмски театар – Скопје, член на УО на Завод за заштита на споменици на Република Македонија. Kако новинар публицист дваесетина години објавува во дневниот и неделниот печат, текстови и есеи (над 300 колумни) од сферата на политиката, културата и комуникациите, теоретски опсервации низ медиумска оптика, како плод на долгогодишно богато и разновидно искуство. Објавувал во „Дневник“, „Време“, „Македонија денес“, во неделниците „Форум“, „Денес“, интерактивно учество на форумот на „Џез-тајмс“.
Деновиве е актуелен со неговиот најнов документарен фил „Џезмен“, што беше убав повод за средба пред камерите на „Астрорум“.