Топ 8 книги во издание на „Арс Ламина“ кои ја откриваат уметноста и науката за виното

„Виното е поезија во шише“. „Ако нема вино, нема љубов“. „Уметниците и поетите сѐ уште ја гледаат смислата на животот во чаша вино“… Ова се дел од цитатите во книгата „101 мисла за виното“, во издание на „Попули“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Оваа книга ја издвојуваме како идеален подарок за сите љубители на виното, и тие што го слават Свети Трифун, заштитникот на лозарите. Традиционално, овој празник се започнува со кроење на лозјето. За сите љубители на квалитетно вино, за одгледувачите на лозје, но и за произведувачите на вино, претставуваме листа со 8 специјализирани книги кои ги опфаќаат сите сегменти на производството на вино, во издание на „Арс Ламина“. Покрај тоа, како дополнување на листата е луксузниот нотес 99 on Wine (издание на „Скрипти“, импринт на „Арс Ламина – публикации“) во кој има цитати за виното и страници со мрежни точки. Овие изданија може да се најдат во Литература.мк или со онлајн нарачка на www.literaturа.mk.

1. „Уметноста и науката за виното“ од Џејмс Халидеј, Хју Џонсон

Од самиот наслов може да се заклучи дека станува збор за една интересна и истовремено комплетна приказна за тоа како се произведува вино. Приказната почнува од лозовите насади, се движи преку визбата и завршува во шишето, чиешто отворање предизвикува незаборавни и пријатни чувства. Експертот за вино и писател Хју Џонсон, заедно со Џејмс Халидеј, производителот на вино, се здружија во проучувањето на деликатната уметност и софистицираната наука за производство на вино, притоа земајќи ги предвид најновите промени што ја зафатија винската индустрија.
Во оваа книга станува збор за изборот на можности што му стојат на располагање на еден производител на вино во почетокот на 21 век. Сите тие избори се под влијание на економијата. Секако, најскапиот избор е кога станува збор за квалитетот и мора неминовно да дојде до селекција. Само со отстранување на секое вино што не е според поставениот стандард од самиот производител, може да се задржи името и угледот.
Одлуките што се носат во процесот на производство се базираат на навика, интуиција или на инспирација. Дали би било вистина кога би рекле дека навиката и интуицијата се мајсторство, а инспирацијата уметност? Кога зборуваме за производство на еден пијалак, „уметност“ е голем збор. Секако дека за сите тие исклучително квалитетни вина што предизвикуваат задоволство на сите сетила, сосема оправдан и соодветен е токму тој збор – „уметност“.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

2. „Почитување на виното“ од Ричард П. Вајн

Со ова издание на „Почитување на виното“, Ричард П.Вајн, професор по енологија на Катедрата за храна при универзитетот „Пердју“ и консултант за вино на „Американ ерлајнс“, направи маестрална работа со голема широчина и длабочина во своите излагања. Неговата посветеност на виното е навистина огромна. Тој, на само нему својствен, нов и возбудлив начин ги спојува уметноста и науката за виното. Факт е дека колку повеќе млади луѓе ја разберат улогата на виното во општеството, многуте негови позитивни страни, како и негативните што се појавуваат при негова злоупотреба, дотолку повеќе ќе имаме добри луѓе и подобро општество. Во воведот, Вајн зборува за потеклото и за дефинициите на виното, неговата ферментација, сортите грозје, составот на виното и неговата микробиологија, неговата класификација и методи на производство, како и за маркетиншките аспекти за негова продажба. Понатаму ја презентира историјата на виното и неговата поврзаност со физиологијата на човекот. Нормално, тука е неизоставна и неговата употреба во кулинарството. Во вториот дел од книгата се дадени сите основни карактеристики на американските, француските, италијанските, германските, австриските, швајцарските, шпанските, португалските, австралиските, јужноамериканските, мексиканските, јужноафриканските, канадските и на новозеландските вина. Ние се погриживме на македонското издание да му дадеме ексклузивен изглед и со тоа да понудиме еден совршен подарок за секој љубител на виното.
Книгата е достапна за нарачка на следниот лифт.

3. „Биологија на виновата лоза“ од Мајкл Г. Мулинс, Алан Буке, Лери Е. Вилијамс

Информациите за развојот, таксономијата, морфологијата, анатомијата, физиологијата и за генетиката на виновата лоза се сиромашни и недоволно присутни во досегашната стручна литература. Целта на оваа книга е да се обезбеди концизен и сеопфатен преглед на биологијата и на одгледувањето винова лоза за сите што се засегнати со таа проблематика. По описот на основните карактеристики на лозарството од античко време па сѐ до денешен ден, авторите продолжуваат со разработка на таксономијата на виновата лоза и на развојните процеси што доведуваат до разнообразност во рамките на „vitaceae“. Особено внимание им е посветено на родовите „vitis“ и „muscadinia“, кои се сметаат за зачувани генетски варијации при подобрувањето на виновите лози. Понатаму се опишани вегетативната и репродуктивната анатомија на виновата лоза што претставува вовед во комплетната обработка на развојната физиологија и физиологијата на животната средина за овие економски многу важни растенија. Во последното поглавје е разгледан потенцијалот за генетско подобрување на виновите лози, со сите проблеми што се појавуваат, како и методите и стратегиите при одгледувањето на подмладокот. Исто така е даден специјален осврт за улогата што ја имаат растителната биотехнологија и ткивната култура врз генетското подобрување на виновите лози.
Автори на ова дело се: Алaн Буке од INRA центарот за истражување на винови лози, Франција и Мајкл Г. Мулинс и Лери Е. Вилијамс од Одделот за лозарство и за енологија при универзитетот „Дејвис“ од Калифорнија, САД.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

4. „Хемија и биохемија на виното“ од М. Кармен Поло

Целта на оваа книга е да се опишат хемиските и биохемиските аспекти на винарството што се истражуваат во моментот. Авторите ги избраа најдобрите експерти во секоја област. Првиот дел на книгата дава резиме на најважните аспекти од технологијата и микробиологијата на винарството. Вториот, во најголем дел се однесува на различните групи на соединенија, како тие се модифицираат за време на разните чекори од процесот на производство, и како тие влијаат на квалитетот на виното, сензорните аспекти, физиолошката активност, итн. Третиот дел ги опишува непосакуваните проблеми во виното, вклучувајќи ги оние што влијаат на квалитетот и на безбедноста како храна. За крај, земен е предвид третманот на податоците како аспект кој сè уште не е опфатен во ниту една друга книга за енологија. Во оваа глава авторите не само што ги објаснуваат алатките достапни за обработка на аналитичките податоци, туку укажуваат и на најпогодните третмани, кои треба да се користат во зависност од бараната информација, давајќи примери од енолошка литература.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

5. „Концепти во хемијата на виното“ од Јер Маргалит

За првпат објавена во 1997 година, оваа книга беше првиот текст и референца при објаснувањето на основната наука за хемијата на виното. Во последните неколку децении не е забележан подобар текст. Во ова ново целосно ревидирано и ажурирано издание се дадени најновите достигнувања во областа, а хемијата на виното како наука е издигната на уште повисоко ниво. Д-р Јер Маргалит е физички хемичар со долгогодишно истражувачко и наставно искуство. Тој поседува еден мал семеен лозов насад и винарница каде што го практикува сето она што го предава на Институтот „Техникон“ во Израел. Исто така, тој е консултант на многу винарници ширум светот. Поглавјата се логично организирани, почнувајќи од составот на мувлата и сокот па сè до описите на секој чекор од производството на вино: ферментација, феноли, оксидација, дабови буриња за чување, сулфурниот диоксид, разните процеси што се случуваат во самите визби и некои недостатоци кај вината. Исто така, како што е редот, има поглавје за историјата на хемијата на виното, како и детален индекс со основните поими во поглавјата. Ако сте решиле да направите добро вино или, пак, сакате да знаете многу повеќе за тоа како се произведува пијалакот во чиј вкус уживате, претходно мора да ја прочитате оваа книга.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

6. „Наука за виното: основи и примена“ од Роналд С. Џексон


Третото издание на „Наука за виното: Основи и примена“ претставува детален приказ на трите централни принципи на науките за вино: одгледување грозје, производство на вино и оценување вино. Книгата му ги претставува на читателот најновите достигнувања за актуелните методи за производство на вино во рамка што ја објаснува нивната употреба, како и предностите и недостатоците на алтернативните процедури. Новите теми вклучени кон ова издание го опфаќаат потеклото на сортите грозје, алтернативите за тапата како затворач, хемиската основа за перцепцијата за вкус и арома и други информации базирани на сетилата.
Направени се значајни обновувања на материјалите на системите за одржување на грозјето, справувањето со болестите и штетниците, подготовката на почвата, употребата на сулфурниот диоксид, производството на ледени вина и бренди, како и на материјалите за напредокот во разбирањето на потеклото на користа од виното за здравјето. Претставени се информациите за историското потекло на техниките за производство на селектирани вина, различното значење и важноста на винската оксидација, како и винската терминологија.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

7. „Производство на вино: Од лозје до пазар“ од Ричард П. Вајн, Елен М. Харкнес, Сели Џ. Линтон


Извонредно по содржина и по опсег, ова дело го опфаќа целиот делокруг на винската култура, вклучително хортикултура на винова лоза, дизајн на винарница, процес на производство, контрола на квалитет, анализи што се прават на готовиот производ и маркетинг. Во текстот се наведени последните научни истражувања од областа, пресликани во едно практично знаење што им станува достапно на лозарите, производителите на вино, едукаторите и на маркетарите за вино. На едноставен начин и со логична поставеност на содржината, читателот се води низ стапиците и опасностите, соодветните алтернативни решенија и главните извори на опрема и на материјали во винската индустрија. Наведени се важечките прописи, регулативи и дозволи што се наложени од Бирото за алкохол, тутун и за огнено оружје во САД. Овој своевиден водич за производство на вино е наменет за пошироката публика, а особено за сегашните и за идните производители на вино, одличните познавачи на виното, професионалните продавачи и угостители, како и за студентите кои се во потрага по сеопфатен преглед на процесот за приозводство на вино. Авторите се професори и специјалисти од Катедрата за храна при универзитетот „Пердју“, Западен Лафајет, Индијана. Ричард П.Вајн е професор по енологија, Елен М.Харкнес е специјалист-енолог, а Сели Џ.Линтон е специјалист за маркетинг. Имајќи предвид дека Македонија е голем производител на вино, оваа книга е вистинска придобивка за индустријата и убедени сме дека ќе го најде своето место во професионалните лични библиотеки од секоја винарница.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

8. „Хемија и биологија во производството на вино“ од Иан Хорнси

Се вели дека виното е мешавина од хемија, биологија и од психологија. Луѓето низ вековите се фасцинираат од него и без сомнеж уживаат при неговото консумирање. Овој наслов е уште еден труд на темата вино, напишан од страна на Ијан Хорнси, основачки партнер и главен технолог во пиварницата „Нетергејт“. Тој, не само што дискутира за науката при производството на вино туку има за цел истовремено да го истакне влијанието на енологијата врз општеството.
Започнувајќи со историјата на виното, во книгата се разгледани многубројни теми, меѓу кои им се посветува особено внимание на квасецот како носител на ферментацијата, бактеријата на млечната киселина и на улогата на генетски модифицираните организми. Опишан е комплетниот процес на производство на црвено, бело и на пенливото вино. Читателот ќе се запознае и со процесите на бистрење, стабилизација и заштита. Особено важно е и поглавјето за созревањето и за стареењето, при што неколку страни се посветени на тапите. Понатаму се наведени некои зајакнати вина и начините за нивно зајакнување.
На крај, може да заклучиме дека оваа книга се стреми да покаже дека лозарството и винарството се многу позначајни отколку што мислиме и дека енологијата во поширока смисла придонесува за благосостојба на човештвото.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.