Во најновото издание на емисијата „Астрорум“ гостува нашиот познат философ, музичар и публицист, Ристо Солунчев.
Професор д-р Ристо Солунчев е роден во Скопје во 1976 година. Дипломирал, магистрирал и докторирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Моментно работи како вонреден професор на Институтот по философија, на Филозофскиот факултет во Скопје, и ги предава предметите нововековна философија, германска класична философија и современа философија. Пишувал есеи во домашни и странски списанија од областа на философијата, естетиката и културологијата. Бил колумнист на списанието „Форум“.
На пошироката јавност ѝ е познат и од култната група „Чиста околина“ и оркестарот на народни инструменти „Пеце Атанасовски“, но пред сѐ, како креативен човек, вечен борец за вистина и правда и говорник без ракавици. Љубовта кон византиската музика трае и денес, што го навело да го запише и вториот факултет во Грција. Во моментов е во фокусот на интересирањето и поради неговиот документарен филм „Ќеиф“, посветен на македонската чалгиска традиција, каде се јавува како сценарист. Во реализацијата на филмот учествувале и режисерот и монтажер Блаже Дулев, кинематографот Горан Наумовски, дизајнерот на звук Дарко Спасовски Пацки, продуцентите Горан Стојилковиќ и Владимир Стојчевски. Филмот е во продукција на „Аворд филм енд видео“ (Award Film & Video) и истиот е реализиран со поддршка од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија.