Познатата кореографка, професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Кренаре Невзати – Кери е гостинка во ова издание на емисијата „Астрорум“. Нејзината професионална биографија е навистина богата и започнува веднаш после студиите на престижниот ленинградски конзерваториум „Николај Римски – Корсаков“, но покрај бројните музички, драмски и балетски успеси, вклучува и многу борби со суровите општества.
Последниот нејзин проект кој предизвика бурни позитивни реакции беше оној кој се одржа на 1 ноември, во рамките „Скомрахи“, а кој ја збогати прославата на јубилејните 50 години постоење на Факултетот за драмски уметности на УКИМ – Скопје.
Перформансот „Живот за еден сон“ под водство на проф. Кренаре Невзати – Кери, во кој учествуваат голем број дипломирани и активни студенти, беше своевиден сценско-изведувачки и аудиовизуелен омаж за уметноста, уметниците, професорите, студентите и за ФДУ. Овој празник на уметноста не остави никого рамнодушен, па беше и конкретен повод за гостувањето на проф. Невзати во циклусот „Астрорум“.
Инаку, нема студент од поновите генерации на ФДУ кому не му била професорка, зашто таа е таму веќе 25 години. Професорката Кренаре Невзати е магистер по балетска режија добиена на престижниот конзерваториум „Николај Римски Корсаков“ во Санкт Петербург (тогашен Ленинград). Таа важи за скромна личност, без оглед на тоа што уште во факултетските времиња била прогласена за најдобар студент на генерацијата. Поминала пет прекрасни години во меката на балетот и уметноста воопшто и најсурово се судрила со балканското „буре барут“. Бидејќи потекнува од Косово, Белград во деведесеттите години на 20. век е сѐ само не местото каде што ќе ја чекаат со раширени раце. Следеле пет тешки години во Народното позориште во Белград каде се сомневале во валидноста на дипломата и каде ја дискриминирале поради што морала да работи и анонимно.
Во Скопје доаѓа случајно во 1993 година, а нашата позната глумица Синоличка Трпкова ѝ договорила средба со тогашниот директор на Македонскиот народен театар, но обидот за вработување бил неуспешен. Но, за среќа Трпкова не се откажала од намислата и договорила средба и со тогашниот декан на ФДУ, Данчо Чеврески. Сѐ натаму е светла историја која еве трае веќе 25 години и која вбројува многу проекти, многу соработки и многу дипломирани студенти кои поминале низ предавањата на професорката Кренаре Невзати – Кери.