Промовирана книгата за деца „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ од Катерина Трајановска


Во претпразничниот амбиент на книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ вчеравечер (20 декември) беше промовиран новиот роман за деца „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ од авторката Катерина Трајановска. Книгата која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е со илустрации од Калиопи Трпчева.

Во средиштето на „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ е детската игра, конкретно, авантурите на главните ликови: Лили, Мечкина Канџа, Змејски Очи, Зиги и Гризли. Покрај децата, во фокусот на книгата се релациите: возрасни (родители) – деца, деца – деца, деца – ликови од бајките итн.
– „Брзосплетковска 63“ остварува поучно-дидактичка (воспитна) функција, во духот на најдобрите традиции на детската литература. Се разбира, оваа функција е реализирана сосема ненаметливо. Крајна цел на ракописот е развивање емпатија кај децата, подготвеност да му се помогне на другарчето во неволја и негување на едно искрено, топло пријателство без скриени намери. Со еден збор, апелира враќање и развивање на вистинските вредности кај децата, нешто на што како да подзаборавивме во нашето материјалистички ориентирано секојдневие. Во оваа смисла, книгата има огромно значење, не само за децата, туку и за возрасните (родителите). „Брзосплетковска 63“ ја поттикнува детската фантазија и ја развива љубовта кон читањето и раскажувањето приказни. Во македонската книжевност се чувствува недостиг од детска литература, па сметам дека ова дело од младата и несомнено талентирана Катерина Трајановска ќе ја збогати детската фантазија – истакна промоторката на книгата, проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска од Катедрата за општа и компаративна книжевност.

Оваа приказна не почнува со еден убав сончев ден на ливада, ниту, пак, со викенд на градската плажа. Па, дури ниту со прошетка во продавницата за дрвени играчки. Таа почнува на најсмешен, најчуден и најневеројатен начин, кога Оливер Томпсон Мекензи III, едно петгодишно дете од Шкотска, одбило да се капе во недела – одлука што длабоко ги вчудовидела и стаписала неговите родители. Оли стоел цврсто на својот став: не прифаќал ниеден компромис и одбивал по секоја цена да ги стави нозете во водата, која, како и обично, мирисала на градина со зрели малини.
Дури кога конечно го прашале зошто не сака да се капе, Оли им раскажал на своите родители за еден настан што вклучува една дружина од петмина, една метла, една Вештерка, една пита од брокули и, како да ви кажам, еден пар смрдливи чорапи.

Авторката Трајановска откри дека книгата произлегла од расказ кој требало да биде дел од збирка раскази кои сакала да ги објави.
– Идејата на збирката беше да понуди алтернативна вистина на некои детски навики кои се сметаат за лоши и спротивни на бонтон правилата. Сметав дека треба да застанам во одбрана на децата, кои се прекорувани за одржување неправилна хигиена и да поставам филтер кој ќе укаже на комичноста на тие навики кои и онака ќе се сменат како што децата растат и забележуваат дека е многу поудобно да се облече пар испрани чорапи, отколку да се носат истите со денови. Пораката на книгата е дека ако детето забележи неправда, има еднакво право како и возрасен да се бори за она што му е одземено, користејќи ги средствата кои се во рамките на неговите можности – изјави таа.

Катерина Трајановска е родена во Скопје, во 1990 година. Додипломски студии има завршено на Економскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Две години подоцна посетувала курс за веб-дизајнер на академијата „Сивус“. Од средината на 2016 година до денес работи како дизајнер. Во 2017 година се пресели во Берлин каде што моментално живее и каде што ја има напишано својата прва книга „Брзосплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.