Промовирана илустрираната енциклопедија „Кинески мозаик“ од Виктор Урумов

Илустрираната енциклопедија „Кинески мозаик“ од Виктор Урумов беше промовирана денеска во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. „Кинески мозаик“ која е во издание на „Арс Ламина – публикации“, е мала книга за голема земја, за нејзиното минато и за тоа што е денес Кина, за најголемиот вкупен придонес во светското културно наследство, за Би Шенг и Матео Ричи, за Опиумските војни и Боксерското востание, за леишу енциклопедиите и нобеловката Ту, за династиите Танг и Минг, за сликарството и поезијата, за го и цуџу, за најголемиот радиотелескоп и најголемата мрежа од брзи возови, за нешта што не сме ги учеле на училиште.

 


– Многумина ми го поставија прашањето – зошто книга за Кина? Пред сѐ, зашто при проучувањето на оваа далечна земја, имав тешкотии да најдам соодветна литература на македонски јазик. Бројот на книги за Кина кај нас е мал, особено за современа Кина, а изданијата од други земји често имаат интонација карактеристична за средината од која потекнуваат. Се согласувам со констатацијата: „ако имаш проблем да најдеш добра книга на сопствениот јазик, на тема што те интересира, седни и напиши ја“. Тоа и го сторив. „Кинески мозаик“ е лексикон за Кина од А до Ш. Референтни извори собирав во целиот тек на работата, почнувајќи од средината на 2016 г. Со неколку книги ме снабди синот, меѓу кои е и еднотомната енциклопедија за Кина од Дороти Перкинс објавена пред 20 години. На крајот ми се собраа околу 55 помали и поголеми книги на англиски, руски, француски, српски и бугарски јазик, некои од нив издадени во Кина. Имав достап на неколку енциклопедии како „Британика“, „Ларус“, „Просвета“, „Мала советска енциклопедија“ – што ми ја купи дедо ми, и други еднотомни енциклопедии и речници. Огромен избор информации нуди „Википедија“ на голем број јазици. Пишувањето се провлече на малку повеќе од три години, но во меѓувреме беше редактирана и повеќе од половината на тритомна младинска енциклопедија преведена од шпански јазик, реализирани некои други помали работи и неколку патувања на подалечни места – изјави Урумов.

 


Книгата содржи воведен дел, во кој се претставени природните услови на Кина, нејзиното население, минатото и кратка информација за современоста. Главната содржина е претставена во облик на енциклопедиски речник. Во него се појавуваат 375 одредници што можат да се поделат на неколку области, географија, историја, личности, знаменитости, култура и достигнувања. Опфатени се сите ентитети на Кина со нивните главни градови, други значајни места, сите династии и нивните највидни претставници. Споменати се, одделно или во рамки на провинциите, сите места издвоени како светско културно и/или природно наследство, како и дел од светското нематеријално културно наследство со чија бројност Кина е на прво место на светот.


Промотор на книгата беше академик Витомир Митевски, кој пред присутните во „Литература.мк“ истакна:
– Без сомнение, ова е книга правена според високи професионални стандарди. Има придружен научен апарат, значајна табела со хронолошки преглед на најважни настани. Има детален индекс на поими и имиња, корисна библиографија со уважување на книги од македонски автори во оваа област итн. На ликовен и технички план, ова е убава книга, богато илустрирана со коректно изработени фотографии, од кои една третина се изработени од самиот автор, Урумов, за време на неговиот престој во Кина… Оваа книга ја доживувам како уште еден патоказ кој упатува кон нашето отворање кон големиот свет. Само тоа сестрано и промислено стратешко отворање кон целиот свет за нас е навистина без алтернатива. Од оваа причина сметам дека оваа книга на проф. Виктор Урумов, покрај основната информативна порака, ја содржи и онаа, скриена порака на здравиот разум која води сметка за иднината на нашите поколенија – рече Митевски.


Проф. д-р Виктор Урумов е роден 1946 година во Белград. Дипломирал (1969) на Московскиот државен универзутет. Магистрирал (1971) и докторирал (1973) на Универзитетот во Манчестер со тема за статистичката механика на полиелектролитните раствори. Објавувал трудови за точно решивите Изингови модели, универзалните константи кај еднодимензионалните пресликувања, образованието по физика и нејзината популаризација. Држел настава (главно од теориската физика и применетата математика) на универзитетите во Скопје, Битола, Приштина, Гејнсвил (Флорида), Си-ди-бел-Абес и Оран во Алжир. Освоил прва, односно втора награда на југословенскиот натпревар по математика и на Меѓународната олимпијада по математика (1964). Бил редовен професор по физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Од 1983 до 1985 бил декан на Факултетот за физика. Бил член на Извршниот комитет на Европското друштво на физичари (2006).
Меѓу другото, има објавено учебник по „Математичка физика“, како и „Лексикон по физика“, кој е во издание на „Арс Ламина“.
Книгата е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн на http://www.literatura.mk

 

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.