Промовирана „Патека од кикиритки“ од Ана Аврамоска Сиљаноска во „Литература.мк“

Новата книга за деца „Патека од кикиритки“ од авторката Ана Аврамоска Сиљаноска, беше промовирана вчеравечер (28 ноември) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“. Промоцијата беше проследена со читање на неколку раскази и дискусија со публиката.
Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, содржи 14 куси раскази наменети за деца од претшколска и рана школска возраст.

– Многу се радувам на „Патека од кикиритки“, која е мое прво објавено дело, особено ми е драго што е книга за деца. Тие се најблагородната и најблагодарна публика, но истовремено и најострите критичари. Се надевам дека книгата ќе го издржи тестот на времето и дека во расказите ќе уживаат и децата и возрасните. Главната инспирација за книгата ми беа Тара и Јан, две златокоси сонциња – едното во здолниште, другото во панталончиња. Пишувањето за мене е еден од многуте начини на кои некој, што има творечки порив, може да се изрази. Пишувам од мала, но тоа ретко кога било насочено, плански и системски. Но, овој пат, со „Патека од кикиритки“, целта беше јасна – и на најмладите и на повозрасните уживатели во пишаниот збор да им се понудат приказни во кои тие истовремено и ќе уживаат и ќе најдат некаква смисла која ќе поттикне некоја од доблестите својствени за нас луѓето, но кои, за жал, како сè почесто да ги „ставаме под тепих“ – изјави Аврамоска Сиљаноска на промоцијата.

Приказните во оваа книга се случуваат во едно мало скришно и магично место за кое не чул речиси никој, а уште помалку се оние што го имат видено. Тоа место се вика Омвил. Омвил е колку обичен – толку необичен. Колку е стварен – толку измислен. Во Омвил и во неговата околина – и на сонце и под сенка – но и зад секоја врата, во секоја соба, во секое ќоше, има по некоја чудна приказна…

Во освртот кон книгата , рецензентот Томислав Османли истакнува:
„Омвил е едно селце во кое сè е шаренолико и благородно раздвижено, каде што децата, миленичињата, милните ликови на виталните баби и дедовци, лекарите и директорите на училишта со необични и слатко откачени имиња, целиот тој радосно анимиран жив и само условно нежив свет, постојат во хармонијата на топлата имагинација на авторката. Омвил е место на слатки парадокси; тој е ’најсончевата точка на Земјината топка‘, каде што ’сонцето си сјае и си грее дури и кога врне‘). Тој е имагинарен простор во којшто дури и градот Сивоград носи значења на модерен и непримерен, а сепак омилен простор, којшто, како впрочем и сè во оваа детска збирка на разиграни фантазии, подлежи на поправање и на подобрување. Така, во Омвил пред сè живее добрата надеж.“

Ана Аврамоска Сиљаноска е родена 1989 година во Кичево. Покрај формалното образование, уште од најрана возраст покажува наклоност кон уметничкото изразување низ многу различни медиуми, а најмногу низ визуелните и наративните. Зад себе има неколку групни и четири самостојни изложби на уметнички фотографии во земјата и во странство и бројни мултидисциплинарни соработки со многу уметници ширум светот во најразлични визуелни формати. „Патека од кикиритки“ е прва нејзина самостојна книга.

Книгата „Патека од кикиритки“ е достапна во книжарниците „Литература.мк“: на улицата „Македонија“, во ТЦ „Рамстор“, „Скопје сити мол“, „Веро Центар“, во Градскиот трговски центар ‒ Скопје и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40, а може да се нарача и онлајн на http://www.literatura.mk.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.