Промовирана стихозбирката „Дното се стеснува“ од Кирил Бисероски: Раѓање на нова поетска ѕвезда

Во присуство на љубителите на пишаниот збор и на група млади поети, вчеравечер (21 ноември) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ беше промовирана стихозбирката „Дното се стеснува“ од Кирил Бисероски. Настанот беше збогатен со поетски перформанс на кој стихови читаа членови на популарната фејсбук-група „Размена на книги и книжевни муабети“. Тие ги интерпретираа своите фаворити од „Дното се стеснува“, по што следеше и дискусија.
Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е дебитантско поетско (и, воопшто, книжевно) остварување на филозофот Бисероски.


Промоторот и рецензент на книгата, писателот Иван Шопов, истакна дека „првите книжевни обиди на речиси секој млад автор се најчесто поетски, но ретко кога се толку успешни како оние во ’Дното се стеснува‘ на Кирил Бисероски“.
– Пишувани во текот на неколкугодишен период од животот на авторот – инаку дипломиран филозоф – тие не само што одразуваат уникатни интереси, туку и го прават тоа на еден исклучителен начин. И едното и другото се одлики на зрели поети; и едното и другото се сè поотсутни од современата, и не само македонска, книжевност. Доволно е да се фрли и еден кус поглед на содржината од „Дното се стеснува“ за да се воочи дискрепанцијата меѓу она што сме се навикнале да го сметаме за поетска тема и она што се одлучил да го вообликува во стих Бисероски: едноставно кажано, голем дел од насловите како да не припаѓаат на поетска збирка. Всушност, еден цел поделок од дебитантското книжевно остварување на Бисероски – „Во топлината на мртвите нешта“ – се занимава со теми кои ретко (ако и воопшто) се предмет на поетска вивисекција: „Лице со меланом“, „Оптичка леќа“, „Филџан со талог од кафе“, „Поликарбонат“ – рече Шопов.


Книгата е поделена на пет тематски целини, кои содржат вкупно 88 песни. Иако една од песните е веројатно посветена на Радован Павловски, голем дел од стиховите во оваа книга како да немаат свои претходници – или, барем, како тие да не твореле на јазикот на кој се напишани песните од оваа збирка. Водејќи се според сугестијата на Вордсворт од предговорот кон „Лирските балади“, Бисероски умешно ги претвора во предмет на својата уметност и „најтуѓите откритија на хемичарот, ботаничарот или минералогот“ и, елегантно ракувајќи со иронијата, парадоксот и полуримата, успева околу нив да обликува еден особен есхатолошки светоглед, кој – иако навидум составен од ограничен број на контрапунктни слики (ноќ/светлина, потоп/пролет, небото како тло и обратно) / оддишува со свежина и меморабилност на речиси секоја страница.

– Љубовта кон поезијата се роди откако за првпат го читав Бодлер, во седмо или осмо одделение. Оттогаш и творам. Во збирката има песни во првобитни верзии и стихови настанати во средношколските денови. Најновите се стари неколку години. Некои од нив имаат свои приказни, но задача на песните е сите нив да ги вградат и укинат во себеси, како што во сонетот од Маларме, пепелта мора да отпадне за да може да се извишува чадот од пурата (духот). Зачувувањето на приказните е задача само на прозата. Моите песни најчесто настануваат така што во главата ќе ми се вгнезди стих или само дел од стих кој си бара свое продолжение или, пак, некоја слика која си бара свој зборовен израз. Процесот повеќе личи на невроза отколку на инспирација, барем во нејзиниот класичен опис. Мој идеал (се разбира, останат далеку од остварување) е поезијата да ја опфати целокупната стварност, како некоја газа која не остава ниту сантиметар од раната непокриен. Пораките кои се посветени на точно определени поединци се како пијачки во бар – се знае кој кому и зошто ја праќа и плаќа (и пие). Поезијата повеќе личи на поток од кој ќе пијат и ќе се мијат секакви намерници од најразлични времиња со најразлични судбини – рече Бисероски.

Авторот е роден 1984 година во Прилеп. Средно образование завршил во Битола, а високо (Филозофски факултет – група филозофија) во Скопје. Живее и работи во Прилеп. Коавтор е на една студија од областа на здравството и повеќе преводи. Објавувал поезија и теоретски статии во неколку списанија и интернет-портали.
Стихозбирката е достапна во книжарниците „Литература.мк“: на улицата „Македонија“, во ТЦ „Рамстор“, „Скопје сити мол“, „Веро Центар“, во Градскиот трговски центар ‒ Скопје и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40, а може да се нарача и онлајн на http://www.literatura.mk.

 

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.