Оливија Георгиевска: Шарени книги кои го откриваат игривиот свет на именките и на глаголите

Именка е сè околу нас, сè што има име, секој предмет, од молив до ракета, сите нешта во нашите соби, сите растенија, овошјето и животните, храната – солена и слатка, сите играчки, па дури и самите ние сме направени од безброј именки – нашето тело е именка цело… Глаголот, пак, се однесува на секој збор што покажува нешто што се движи и брза, многу често и оној збор што е како мало дете кое не умее да мирува. Така, на пример – ако пишуваш, значи ја движиш раката, па зборот ПИШУВА ќе биде глагол. Но, исто така, и да седиш и да мислиш, па и да лежиш и да сонуваш – значи дека ти правиш нешто. Е, токму тоа правење нешто е самиот глагол.

Со овие зборови авторката и едукатор Оливија Георгиевска ги опишува своите две нови книги за деца „Игра со глаголи“ и „Игра со именки“ кои беа промовирани во четвртокот (24 октомври) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“.

Сликовниците, кои се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, преку разиграните стихови на Георгиевска и шарените илустрации на илустраторката Ивана Јовановска, го откриваат игривиот свет на именките и на глаголите. Овие книги се наменети за децата, но и за нивните родители и за наставниците. Од нив родителите може да им читаат на децата пред спиење, а на наставниците ќе им помогне за време на училишните часови. Овие изданија ќе им помогнат и на нашите деца во дијаспората, да го одржат контактот со македонскиот јазик и граматиката. За овие изданија поразговаравме со Оливија Георгиевска, која е професор по македонски јазик и координатор во приватната американска гимназија – Скопје (при Американскиот колеџ).

* Кога и како настана идејата за сликовниците?

– Во годините кога се роди идејата за мое авторско дело, веќе имав две мали ќерки на кои им купував разноразни сликовници и книгички. Читавме навечер пред спиење и сфатив дека најмногу помнат кога учат преку слики и рими. Македонскиот јазик по природа не е многу мелодичен, ниту пак ритмичен, но има доволно зборови кои може да направат игривост и певливост на стихот. Во тој ист период преведував сликовнички и мали книгички за деца, па така при преведувањето доаѓав во допир со разни немакедонски автори и стилови на креативно изразување. Но откако почнав со работа како едукатор – кога се најдов меѓу клупите, прашалните очи на децата и нивните загатки, дури тогаш сфатив кому му треба знаење и како тоа да се пренесе за да се запомни.

*Со која цел/идеја ги напишавте книгите? По што се разликуваат од останатите едукативни изданија на пазарот?

Целта на книгите е лесно совладување на граматиката, која може да биде многу математичка и здодевна. Нашата граматика е комплексна, некои работи доста тешко се учат и применуваат. Предавајќи на странци, сфатив колку има сложен костур и колку може да биде непредвидлива, на пример – множините на именките во машки род. Останатите изданија во нашата земја се или целосно посветени на едукативноста преку слики или, пак, се класично текстуални во облик на приказни и песни, преку што децата почнуваат да го чувствуваат јазикот и важноста на умеењето – да се изразиш.

*Како со „Игра со именки“ им објаснувате на најмладите што се именки?

Книгата ја опишува основата на овие менливи зборови – тоа ви е како да сте влегле во рудникот, но сѐ уште го гледате излезот. Именките се нацртани и оформени, покажуваат што сѐ опфаќаат, а во книгата тие зборови се посебно обележани со цел да се издвојуваат од останатите зборови. Така книгата на неколку начини ја посочува својата функција – преку цртежите на именките, преку нивното римување и преку нивното истакнување како зборови во текстот.

*Може ли да ја опишете „Игра со глаголи“, што е најважно за оваа книга?

– „Игра со глаголи“ е замислена како еден поминат ден во животот на Љубена и Огнен. Станување, подготвување, одење на училиште, играње со другарчињата, доаѓање дома и помагање околу ручекот, живеење во хармонично семјство и најпосле денот завршува и утре повторно сѐ од почеток. Книгата има повеќе намени. Освен зборувањето за глаголите кои покажуваат разни форми, книгата опишува и на некој начин ги воведува децата во нивното право да учат, да се дружат, да бидат одговорни, да помагаат, да бидат љубопитни, да спортуваат… сѐ она што во нашата цивилизација се смета за безгрижно детство.

*Колку искуството како мајка Ви помогна во подготовката на книгата?

– Искрено многу. Се сметам за човек кој има особена љубов кон децата, за мене тие се најмилите и најчистите суштества на планетава. Си ги памтам и сакам сите мои ученици. И тие пораснати, некои на факултети срдечно ме поздравуваат и гушкаат. Љубовта кон сопствените деца, треба да има некоја дистинкција во однос на доминацијата, контролата, казната и авторитетната улога на родител. Сметам дека најдов некаков баланс и формула во кои сопствените деца преку примери ги учам дека слободата во сите нејзини форми е услов да бидеш среќен, сакан и да научиш да сакаш. Со мојата посветеност и безусловна љубов ги учам да станат добри луѓе. Со нивното постоење тие ја разбудија мојата најголема креативност.

*Како реагираат на книгите Вашите деца, а како вашите ученици?

– Моите деца се гордеат со мене, како впрочем секое дете кое се гордее со успехот на мајка им. И покрај тоа што не се во возраст за читање сликовници, со љубов читаат и гледаат, го коментираат сѐ она што ќе го направам и споделам со нив. Тие ми се критичари. Сегашните ученици сѐ уште ме запознаваат, но верувам дека и тие ќе сфатат дека едукатор им е човек, кој самиот постојано работи и се надградува, па со тоа им е пример дека нема застанување кога се спомнува глаголот УЧИ.

 

*Како течеше соработката со илустраторката Ивана Јовановска, колку нејзините цртежи ја дополнуваат приказната од Вашите стихови?

Првпат ја запознав илустраторката во редакцијата на „Арс Ламина“ и сфатив дека и таа има мала ќерка, која веројатно постојано гледа и критикува што прави мајка ѝ. Поради самото тоа, сметам дека неа ѝ било далеку полесно да ја илустрира книгата – имајќи ги предвид интересите на нејзината ќерка, па се надевам дека заеднички осмислиле некои сцени.

*Што после оваа промоција? Кој е следен проект?

– Следува трета и последна книга од оваа едиција, посветена на придавките. Придавките се посебни. Таму лежи богатството на еден исказ, живиот опис на нештата и моќта да се објасни она што некогаш навидум личи необјасниво.

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.