Со извадок од „Танц околу Сонцето“ го одбележуваме 70. роденден на Ведрана Рудан

Со извадок од автобиографијата „Танц околу Сонцето“ го одбележуваме 70. роденден на популарната хрватската авторка Ведрана Рудан. Во книгата, искрено и без разубавување, Рудан, која е родена на 29 октомври 1949 г., пишува за своето ниту малку безгрижно детство, за децата и внуците, за патот што го поминала од продавачка на сладолед на плажа до најчитаната писателка во регионов. За тоа, зошто во социјализмот не било можно да се добие отказ и како станала првата новинарка која успеала да добие отказ во новиот хрватски демократски режим. Рудан ни покажува зошто во животот е најважно и најтешко без срам да се погледнеш себеси во очи.
Книгата во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“: на улицата „Македонија“, ТЦ „Рамстор“, „Скопје сити мол“, „Веро Центар“, во Градскиот трговски центар ‒ Скопје и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40, а може да се нарача и онлајн, на следниот линк:
Ова е втора книга од Рудан што издавачот „Арс Ламина“ ја објавува оваа година. Претходно, за време на Саемот на книгата 2019, беше промовирана „Костурите на округот Медисон“.

Во продолжение е извадокот од „Танц околу Сонцето“:

„Мојата мајка и мене и на сестра ми ни всади во гените чув­ство дека не вредиме. Сестра ми беше образована, течно говоре­ше три јазика, имаше прочитано којзнае колку книги, патуваше и повеќе од сè на светот сакаше тато и мама да ù признаат дека вреди. Никогаш не го дочека тоа. Тато беше свиња, а мама ја от­пиша кога се досели кај мене. Не можев да го разберам тоа. Дали мајката може да ја пресече врвцата што ја поврзува со ќерката? Токму така, да ја пресече со остар нож. Дваесетина години подо­цна, долго се расправав со ќерка ми и во еден момент паднав во искушение да го направам истото што мојата мајка ù го направи на сестра ми. Да го ебам, животот е еден, ако не можеш со неко­го, ако тој некој те доведува до лудило, неважно кој е виновен, а јас сметав дека не сум, треба да се прекине. Подобро рез откол­ку малтретирање. Мило ми е што не ја пресеков својата врвца. И нема да ја пресечам. Сфатив дека секоја од нас има своја приказна, не гледаме еднакво на иста работа, јас сум таа што мора да попушти, бидејќи мојата загуба, во случај на пораз, ќе биде пого­лема. Можам да се расправам со ќерка ми, но не можам да живе­ам без неа. Јасно ми е дека децата не заслужуваат безусловна љубов, но секој родител би морал да разговара сам со себе за да види дали може да живее без своите деца? Ако може, блазе него. Ако не може, тогаш секоја детска навреда, неправда, напад на гнев, нека ги преведе како добро скриена голема љубов. Само така можеме низ животот, ние непотребните, кои полни со очај секој ден гле­даме во мобилниот и се чудиме зошто не ѕвони.

Мојата мајка ја искорна ќерка си од срцето. Кога сестра ми се разболи, ме фати паника. „Мамо, мамо, сестра ми има рак на бе­лите дробови.“ Молк. „Добро, само ти не се вознемирувај пора­ди тоа. Тука ништо не може да се направи, сите ќе заминеме еден ден.“ Ја спуштив слушалката. Каква кучка. Останав покрај сестра ми до крајот. Никогаш не смеев на мајка ми да ù кажам како се чувствува, дали е во болница или дома, дали многу се мачи или подносливо. Не ù беше гајле. „Мамо, таа почина.“ Воздишка. „Ќе го исклучам телефонот да не зборувам со никого.“ Не отиде на погреб. Едвај се најде место на пренатрупаните гробишта во Во­лоско. Зафрлено место без сонце и „поглед“. Дали некој се сеќава на мојата сестра, на блескавата жива девојка? Беше најубаво об­лечената девојка во Опатија. Знаеше на приучената кројачка да ù објасни како од партали да направи прекрасно палто и шаре­на капа. Истовремено, јас, нејзината сестра, одев како парталка. А имавме иста кројачка. За мене парталот беше партал и како да се претвори во здолниште што ќе привлекува погледи? Сестра ми ù рече на сосетката: „Смртта ми ја врати сестрата“. Ми беше жал кога го слушнав тоа. Којзнае кој или што нè оттргна една од друга? Речиси на умирање имаше лакирани нокти и нашминка­ни усни. Марамата на ќелавата глава ù беше во ист тон како кар­минот. Со години не разговаравме зашто таа беше сигурна дека мама ме „сака“ мене. Не можев да ù објаснам дека нашата мајка не сака никого, најмалку себе. Кога дознав дека е тешко болна, ù се јавив и ù понудив помош. „Не сакам да се мешам во твојот жи­вот ако ти не го сакаш тоа. Ако сакаш, кажи ми го тоа јасно, ќе ти помогнам колку што можам.“ Се согласи. Јас разговарав со нејзините лекари бидејќи таа не сакаше да ја слушне вистината. Денес лекарите многу често кажуваат колку ти „преостанува“. Таа мислеше дека ќе се излекува, јас ја поддржував. Кога пред смртта се бореше за здив, ми ја опишуваше таа борба како чувство што го имаш кога си под вода, а никако да испливаш. Видов дека сака да умре. Никој не сакаше или не смееше да ù помогне во тоа. Тогаш, не беше толку одамна, поминаа дванаесет години, лекарите ги ос­таваа тешко болните пациенти да се дават до смрт. Неодамна ја гледав пријателката како умира во хоспис. Замина без страдање.

Мајка ми лежи на гробиштата во Опатија, сестра ми во Во­лоско, татко ми во Брсеч. Мене сè почесто ми паѓа на памет да ме истресат во морето, не ми се лежи на место каде што децата ќе мо­жат да ме најдат. Ни кој било друг. Секој гроб е крик за вечност, а мртвите живеат додека живеат оние што се сеќаваат на нив. Секој гроб е место каде што живите си го перат чувството на вина или бараат љубов од оние што не им ја дале или не можеле да им ја дадат. На мртвите сè им простуваме, бидејќи сметаме дека простувањето облагородува. Како мене би ме облагородило просту­вањето на татко ми? Го мразам и мртов, иако често паѓав во иску­шение да му простам. Не го заслужи тоа, но неговиот лошотилак ми помогна да го препознавам лошотилакот во луѓето и да го убивам во себе кога ќе го почувствувам.

Дали моето детство беше несреќно? Кога денес ќе фрлам поглед на слабото девојче кое во скудната кујна на сутеренот, на пијаната мајка ù објаснува како платата што тато редовно ù ја да­ваше може да се растегне на триесет дена и како животот би ни бил полесен ако таа не пие, ме фаќа жал за тоа девојче. Сепак, не е точно дека во секој момент сум била несреќна. Имав пријател­ки кои и денес ги среќавам, иако веќе не сме пријателки. Летата ми беа исполнети со сонце, погледот на морето што странците од цел свет скапо го плаќаа мене ми беше бесплатен. И шумот на мо­рето и мирисот на кипарисите и скокањето во вода од морскиот брег и риболовот и пентарењето по туѓите цреши и убавото, го­лемо училиште, добрите учителки, статусот на ученичка чиј вујко е директор, учењето што секогаш ми беше проблем. Од сестра ми и од мене секогаш се очекуваше само одличен успех, иако нико­гаш не бевме пофалени. Немавме платени дополнителни часови. Успешните деца им помагаа на учениците кои потешко сфаќаа. Не се ставаа оценки заради подобар успех, ако си ги имал сите петки и една тројка, ќе си поминел многу добар.

Еднаш, во основно училиште, не напишав домашна задача по музичко. Сакав да слушам класична музика, но не и да учам како се диригира или кога се родил Чајковски. Учителката беше легенда. Заради неа станав наставничка. Еднаш на две недели, неколку девојчиња ќе отидевме кај неа во станот – живееше во прекрасен стан што од плажата го делеше само една патека. Од нас се очекуваше со жица да ги избрусиме паркетите во собите, да ги намачкаме со смрдлива паста, па да ги изгланцаме. По за­вршената работа ќе добиевме чај, колачи и право да ги слушаме Чајковски и Хорот на Црвената армија.

Бевме луди по Хорот. Одвратната смрдеа од пастата не мо­жеше да ни го расипе доживувањето. Денес, тоа што го бараше од нас „другарката“ би било злоупотребување. Таа беше црвеноко­са убавица, понекогаш од нејзиниот кок ќе се ослободеше долго перче од косата, што нам ни беше смешно. Никогаш не нè праша зошто се кикотиме. Се чувствуваше сигурно пред нас сè додека – кога бев седмо одделение – безнадежно не се вљуби во инструк­торот по возење. За време на одморот трчаше накај мажот што ја чекаше во „фиќо“. Беше одвратен. Низок, дебел, валкан, влак­нест. Сепак, наставничката леташе накај него. Ние се кикотевме, гледајќи го лудиот пар како не можат да ги тргнат рацете еден од друг, иако автомобилот беше паркиран на пет метри од училиш­ниот двор. Исчезна пред да завршам осмо одделение. Замина со својот млад, згоден маж, кој сè ù простуваше.

Денот кога прв и последен пат отидов на училиште без за­дача, на наставничката ù реков: „Тетратката ја заборавив дома“. Ме прати дома да ја донесам. Се преплашив. Не можев да одам дома и да кажам што сум направила, не можев ни нејзе да ù ка­жам дека сум лажела. Отидов во паркот, се качив на едно високо дрво и останав таму сè додека не ја чув баба ми како ме вика. Беше доцна попладне. Се спуштив и ù кажав сè. Таа го реши пробле­мот со својот син. Мојата баба беше вљубена во својот син исто како што јас сум вљубена во својот. Не знам што сè таа морала да му прости на својот син, јас на мојот секогаш сум му прости­ла сè. Не се работеше за некои големи гревови, но тој и јас нико­гаш не сме ги анализирале неговите гревови на начин на кој тоа го правам со ќерката. Неа ја плескам без милост, со него разгова­рам во ракавици. Тоа го објаснувам со фактот што тој никогаш не го повишил тонот во разговор со мене. За волја на вистината, ни мене не ми паѓа на памет да го повишам тонот кога разгова­рам со него. Со ќерката врескањето не ми претставува проблем. Ниту неa. Кога се чувствувам виновна, а повремено се чувству­вам виновна на сите теми, тогаш самата се тешам дека никогаш не би му простила на синот ако малтретира жени. Тоа е единствено­то нешто што би можело да нè раздели засекогаш. А тоа никогаш нема да се случи, бидејќи мојот син израсна во страстен борец за женски права. На таа тема е посензибилен дури и од мене. Може да ги намириса малтретирачите, ги презира, му се гади од нив.“

 

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.