Ерина Богоева добитничка на наградата „13 Ноември“ за монографијата за Скопје во издание на „Арс Ламина“

Фотографката Ерина Богоева е добитничка на наградата „13 Ноември“ за монографијата „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963 ‒ 1990)“, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Одборот за доделување на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, за 2019 година, ја наградува Богоева во областа на публицистиката за изработка и издавање на монографијата со фотографии од постземјотресно Скопје.
Ова престижно издание е голема чест за издавачот и за авторката Богоева.

– Добивањето на наградата „13 Ноември“ за мене искрено значи многу. Секоја добиена награда е показател дека она што сме го сработиле било исклучително квалитетно, но добивањето на конкретнава награда што ја доделува Град Скопје е показател дека не само што монографијата е квалитетна, туку дека е признаена и од самиот субјект кој таа го прикажува. Не очекував дека ќе ја добијам, иако се надевав бидејќи мислев дека монографијата ги исполнува условите за наградата – да го промовира градот Скопје и дел од неговите убавини. Книгата беше промовирана минатата година на 13 ноември, токму заради нејзината поврзаност и мојата љубов со Скопје. Оваа година на тој датум и всушност ќе ја добијам наградата што навистина претставува убаво затворање на кругот од 12 месеци колку што постои книгата. Љубовта за Скопје ми ја засилуваат и најмалите ситници, а оваа награда и не е баш ситница, така што сигурно само ќе ми го зајакне и мојот личен однос со градот во кој живеам и творам – вели Богоева.

Монографијата за Скопје беше промовирана на 13 ноември минатата година во книжарницата „Литература.мк“

„Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963 ‒ 1990)“ содржи осумдесетина фотографии со објекти изградени по скопскиот земјотрес. Модерната архитектура претставува основна тематска преокупација во овој циклус фотографии на Богоева. Во нејзиниот фокус се 30 објекти создадени во втората половина на дваесеттиот век, меѓу кои: Управата за хидрометеоролошки работи, Телекомуникацискиот центар, Градски ѕид (блоковите и кулите), студентскиот дом „Гоце Делчев“, Домот на Армијата, Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, Католичката црква „Пресвето срце Исусово“ и други. Гледано од архитектонска перспектива, Богоева нè навраќа на најважниот период од историјата на развојот на градот – периодот на интензивната постземјотресна обнова.
Проектот „Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963 ‒ 1990)“ е поддржан од Град Скопје, како дел од конкурсот за проекти од областа на културата што би го застапувале или збогатиле културниот живот на градот. Фотографиите се снимани во временски период од 10 месеци, во различни временски услови.


Ерина Богоева е родена на 2.7.1988 во Скопје. Има дипломирано на Катедрата по англиски јазик, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. Своето образование го продолжува на Универзитетот „Нотингам“ во Обединетото Кралство каде што магистрира на студиската програма за „Филм, телевизија и екранска индустрија“. Напоредно со студирањето таа самостојно се изградува како фотограф при што активно учествува во бројни групни изложби, помали самостојни проекти дома и во странство, учествува во жирирање на конкурси и сл. До 2018 година има остварено четири самостојни изложби: „Животот на улиците на Европа“ како дел од програмата на Денот на Европа и во рамки на серијата „Културни приказни“ на ЕУ инфо-центарот на Делегацијата на ЕУ во Скопје; „Небото над Скопје“, во склоп на манифестацијата „Бела ноќ“, во Скопје; „Четири годишни времиња и малку љубов“ е нејзина прва продажна изложба во кафулето „Вондерлуст“ (Wanderlust) во Скопје, додека изложбата „Затемнетиот град“ во Музејот на современата уметност во Скопје е поддржана од програмата „Нов културен бран“ на Министерството за култура на РМ.
„Скопје – Архитектурата како фотографска скулптура (1963 ‒ 1990)“ е нејзина прва книга, која е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“.

 


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.