„Девојче и мече“ од Ване Костуранов се најде на престижната книжевна листа „The White Ravens“

Сликовницата „Девојче и мече“ од познатиот македонски илустратор и уметник Ване Костуранов, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, се најде на престижната книжевна листа „The White Ravens“ 2019.
Секоја година, Интернационалната младинска библиотека од Минхен објавува листа на книги за деца и млади, од автори од целиот свет, кои ги препорачува. Каталогот, кој е промовиран за време на Саемот на книгата во Франкфурт има 200 наслови, на 37 јазици, од 57 земји. Посетителите на најголемиот саем за литература во светот од 16 до 20 октомври имаа можност да ја погледнат книгата од нашиот автор во каталогот, во изложбениот меѓународен простор за претставување на изданија за деца, како и на македонскиот штанд, претставен од МАИ.

– Каталогот за „The White Ravens“ е најважното издание на Интернационалната библиотека за млади во Минхен, кој се издава со цел да ги промовира најдобрите книги за деца и млади од целиот свет. Во објаснувањето стои дека се работи за листа на книги кои заслужуваат светско внимание поради универзалните теми што ги обработуваат, како и поради нивниот исклучителен уметнички и литературен стил. Ова признание ми е повеќе од драго. Горд сум што мојата книга „Девојче и мече“ се најде во тој каталог, кој беше промовиран на Саемот на книгата во Франкфурт, Германија. Посебно се радувам поради тоа што сите книги, вклучително и мојата, кои се најдоа на оваа престижна листа, ќе бидат претставени и на најважниот и најреномираниот саем за детска литература во Болоња, Италија, во април, следната година. Исто така, вредно за напомена е и дека „Девојче и мече“ е првата книга од Македонија што се нашла на оваа листа. Се надевам дека ќе отвори пат и за нови книги и автори од Македонија. Сето ова ме прави радосен и доволно мотивиран да почнам да размислувам на мојата трета книга – вели Ване Костуранов.


Книгата, која беше промовирана во Скопје (април 2019) и во Струмица (мај 2019), е топла, сонувачка приказна за другарството и за растењето.
„Девојче и мече“ е втора сликовница за деца и возрасни на Костуранов, по успешната и наградувана „Ѕвездено дете“. За време на саемот, „Девојче и мече“ ја освои првата награда за најдобро ликовно-графички уредено издание на доделувањето на годинашните награди од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).


Во книгата, едно девојче и едно мече ни ги отвораат вратите од нивниот свет, кој е исто толку обичен, колку што е необичен. Поминувајќи го сето време заедно, тие откриваат многу нови работи. Откриваат дека колку побрзо го возат велосипедот, толку посилно ветрот им ја дува косата. Се искачуваат на највисоките ридови, обидувајќи се да ги допрат сончевите зраци. Уживаат во есента, играјќи си криенка со сонцето. Сѐ прават заедно, додека еден ден…
Авторот на книгата, Ване Костуранов, е роден во 1979 година во Струмица. Уште од мал повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики, отколку со зборови. Неговата најголема желба – никогаш да не порасне, реши да си ја оствари сам, употребувајќи ги сликарството и илустрацијата како жива ограда од светот на возрасните. Својот светоглед го има споделено на повеќе изложби во земјата и во странство.

 

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.