Го одбележуваме роденденот на Стивен Кинг

Кралот на хоророт! Вака во книжевниот свет се опишува еден од најдобрите автори на трилер-романи – Стивен Кинг. Писателот кој на 21 септември полни 72 години, во својата неколкудецениска кариера има објавено 61 роман, шест научно-фантастични книги и околу 200 кратки приказни. Неговите дела се продадени во повеќе од 350 милиони копии, а повеќето добија и успешни ТВ и филмски адаптации. Добитник е на многу престижни награди за фикција, како и за неговиот влог во светската литература.
Издавач на неговите книги на македонски јазик е „Арс Ламина – публикации“, под чијшто импринт „Арс Либрис“ објавени се: „Сјаење“, „Доктор Сон“ и серијалот „Зелената милја“ („Двете мртви девојчиња“, „Глувчето на Милјата“, „Дланките на Кофи“, „Ужасната смрт на Едуар Делакроа“, „Патување во ноќта“, „Кофи на Милјата“). Деновиве од печат излезе и култниот хорор-роман „Кери“, на чијашто основа е снимен и истоимениот филм од 1976 година, во режија на Брајан де Палма, со Сиси Спејсек во главната улога.
Со осврт кон овие дела, што се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“, го одбележуваме роденденот на Стивен Кинг.

„Кери“

Фановите на трилерите на Кинг можат да уживаат во морничавата приказна за тинејџерката Кери Вајт. Книгата првично била објавена во САД во 1974 година, по што биле продадени милион копии. Приказната сѐ уште важи за една од најтензичните дела на Кинг.
Кери не е обична девојка. Таа има дар. Може да поместува предмети со нејзиниот ум. Вратите се заклучуваат. Светилките паѓаат. Поканата од Томи Рос на матурската вечер за Кери е исполнување на сонот – прв чекор кон влез во средношколското друштво. Сè додека неочекуваната суровост не го претвори нејзиниот дар во оружје на хорор и деструкција што никој никогаш нема да ги заборави…
За книгата светските медиуми напишаа:
„Најпрекрасниот морничав човек на планетата.“ (Ју-ес-еј тудеј)
„Страшен и мачен – вистински хорор!“ (Паблишерс викли)
„Трескавично, морничаво, мрачно зло!“ (Питсбург пост газет)
„Стивен Кинг буквално создал жанр што ги доведува луѓето во најужасни ситуации… Тој е автор што секогаш го прави невозможното толку страшно што те тера да провериш дали си ја заклучил вратата.“ (Бостон глоуб)
„Бесценета имагинација.“ (Обзервер – Лондон)
Интересно е што за изгледот на корицата на македонски јазик книгата одлучија гласовите на публиката, поточно членовите од најпосетените клубови на читатели на социјалните мрежи.

Книгата „Кери“ е достапна за нарачка  на следниот линк.

„Сјаење“

Хорор-романот „Сјаење“ првпат е објавен во 1977 година. Во 1980 година, според романот, снимен е и филм, во режија на Стенли Кјубрик, со Џек Николсон во главната улога. Овој филм се вбројува меѓу најдобрите на сите времиња. Подоцна, во 1997 година, филмот е адаптиран и во мини-телевизиска серија.
„Сјаење“ претставува олицетворение на современиот хорор-роман и дава прониклив увид во едно растурено семејство, во мрачните ходници на душата и во човековата слабост. Талентот на Стивен Кинг не бил поблескав во ниту една книга. Џек Торенс, неговата жена Венди и синот Дени се вселуваат во хотелот „Видиковец“, бидејќи Џек ја добива работата на чувар во зимскиот период. Неколку месеци отсечени од цивилизација, Џек се обидува да се избори со алкохолизмот и со нападите на бес додека ја пишува новата театарска претстава. Но, силите на темнината што престојуваат во хотелот „Видиковец“ – кој има долга историја на насилства – сакаат да го земат Дени заради неговите силни прекогнитивни способности и да се послужат со слабостите на Џек за да го зграпчат момчето…

Романот „Сјаење“ е достапен за нарачка  на следниот линк.

„Доктор Сон“

„Доктор Сон“ e продолжение на безвременскиот бестселер „Сјаење“. Хотелот „Видиковец“ беше местото каде што неговата момчешка дарба за „сјаење“ ја отвори вратата кон пеколот. Ден Торенс денес е возрасен човек, но духовите од „Видиковец“ – и алкохолизмот и насилството наследени од татко му – го влечеа со години. Сега, помогнат од заедницата на Анонимните алкохоличари во Њу Хемпшир, Ден им го ублажува умирањето на лицата во еден дом за стари и изнемоштени лица, каде што го нарекуваат „Доктор Сон“.

Романот „Доктор Сон“ е достапен за нарачка  на следниот линк:

„Зелената милја“  (роман во шест дела)

„Двете мртви девојчиња“ (дел 1)

Две сестри – лика и прилика на невиност. Никој, па дури ни човекот кој ги уби, не може да ја објасни нивната свирепа смрт. Сепак, Џон Кофи е на прагот да проникне во суштината на својот живот во затвор, но и во човекот кој ќе го испрати на патот по Зелената Милја… до судбината…

„Глувчето на Милјата“ (дел 2)

Затворот Ладна Гора бил дом на многу измачени души. Во блок Е, каде што електричниот стол чека на оние што мораат да ја платат најскапата цена, престојуваат оние проколнати од сите. А тука, секое зло не е зад решетките. Понекогаш носи пиштол и значка. Ладна Гора е место на проколнатите, но може да биде и место каде што спасението доаѓа од најнеочекуваното место.

„Дланките на Кофи“ (дел 3)

Добре дојдовте назад во блок Е, на најсмртоносното место на оваа страна од електричниот стол, каде што опасностите демнат од секој ќош, а чудата само што не се случиле. Пол Еџкомб станува сè пољубопитен за Џон Кофи, бруталниот убиец на две девојчиња. Но, Кофи само што не открил нешто неверојатно што засекогаш ќе го промени животот на Зелената Милја.

„Ужасната смрт на Едуар Делакроа“ (дел 4)

Му дојде часот на еден од затворениците во затворот Ладна Гора. На ред е Едуар Делакроа да ја изоди последната Зелена Милја. Но, пред тоа мора да се збогува и со чуварите и со другите затвореници, како и со едно чудно животинче кое му го има променето животот. Едуар не е ни свесен за грозната судбина и за пеколниот план за одмазда што го очекува.

„Патување во ноќта“ (дел 5)

Судниот миг доаѓа во затворот Ладна Гора. Пол Еџкомб презема огромен ризик, во кој влогот е голем, а последиците – смртоносни. Тој и неговите колеги-чувари го изнесуваат осудениот убиец Џон Кофи од блокот со осуденици на смртна казна и го носат во ноќта до постелата на една жена, која се превиткува од болки. Таму конечно ќе дознаат дали овој човек-планина е чудотворец или чудовиште…

„Кофи на Милјата“ (дел 6)

Низ годините, во затворот Ладна Гора многумина ја имаат дочекано сопствената смрт. Редот е на Џон Кофи за последен пат да зачекори по Зелената Милја. И иако затворскиот чувар Пол Еџкомб знае нешто чудесно за својот затвореник, може да биде предоцна за да го спаси. Него; а и себеси. А можеби да се биде погубен е полесниот избор? Зашто, животот со сиот негов товар може да трае цела вечност.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.