Теона Манго: Не излегувам од дома без книга во чантата


Себеси се дефинира како читателка во движење (on the go). Секој слободен момент настојува да го исполни со читање на книга. Без разлика дали тоа е додека го пие својот утрински чај, кога се вози низ Лондон во метро, додека чека ред во банка или пред спиење.
Теона Манго, eдна од најуспешните македонски блогерки, покрај објавите за мода, храна, впечатоци од патувањата и културни настани, на својот инстаграм профил и на блогот Teona’s Wanderlus често споделува препораки за книги. Всушност Теона, која е на постојана релација Битола – Лондон (каде што неодамна дипломира политика и меѓународни односи на Универзитетот„Квин Мери“ (Queen Mary University), е пасиониран читач, а љубовта кон книгата во нејзиното семејство се негува со генерации.
– Имам правило, да не излегувам од дома без книга во чантата, зашто никогаш не знаете кога ќе имате слободен момент за читање. Обично читам секој ден, некогаш само по неколку страници, а некогаш и цела книга. Најмногу читам кога патувам со авион, тогаш имам најмалку дистракции, а и летот најбрзо ми минува – вели Манго, чиј блог Teona’s Wanderlus е добитник на престижната „Excellence Award“ од британскиот магазин „Лукс“ (LUX).

*Од каде љубовта кон пишаниот збор, кој те „зарази“ со книгите?

Љубовта кон пишаниот збор ја наследив од мојот дедо и од мојата мајка. Не знам дали ме „заразија“ или генетски ми ја дадоа таа љубов, но е еден од најубавите подароци кои можеле да ми го дадат. Мајка ми секогаш има по неколку книги на нејзината ноќна масичка, а се сеќавам и кога одевме на одмор не тргнуваше без најмалку 4-5 книги. Мојот дедо, пак, кој е сега пензионирам универзитетски професор, ја поседува една од најголемите домашни библиотеки во Македонија, со повеќе од 5000 книги. Неговата домашна библиотека всушност беше инспирација да го креирам моето домашно книжевно катче во Битола. Во иднина, кога ќе имам сопствен дом, сакам да имам една соба која ќе ја наменам за библиотека и мое катче за читање.

*Која е првата книга на која се сеќаваш дека си ја прочитала?
– „Шеќерна приказна“ од Славко Јаневски.

*Какви книги преферираш?
– Сакам да читам сѐ, многу често менувам жанрови. Но, омилени ми се класиците, мистериите и трилерите.

*Што најчесто читаш додека патуваш?
– Немам некои посебни книги што ги читам додека патувам, читам буквално сѐ.

*Со оглед на тоа што студураше во Лондон, на кој јазик почесто читаш, англиски или македонски?
– Читам и на македонски и на англиски. Класици и поезија преферирам да ги читам на англиски, додека белетристика и на македонски и на англиски.

*Колку често на својот блог Teona’s Wanderlust објавуваш препораки за книги?
– Често објавувам препораки на книги. А традиционално, објавувам и летна и зимска листа со книги за читање.

*Како ги избираш книгите што ќе ги промовираш на блогот?
– Гледам да има разновидност, односно книги од различни жанрови, комбинација од класици, белетристика, трилери… да има книги кои бараат повеќе внимание додека се читаат и книги кои се лесни за читање и се читаат во еден здив.
*Каков е фидбекот за овие објави од твоите следбеници на блогот и на инстаграм?
Кога првпат започнав да објавувам книги на мојот блог и инстаграм профил, бев многу изненадена што имам голем број следбеници кои се исто како и мене љубители на книгата. Ова поттикна почесто да објавувам предлог-книги за читање, да започнам да правам листа со книги за читање на мојот блог и многу често се случува со некои од следбениците да разменуваме препораки за книги.

*Дали ги следиш книжевните трендови, и што повеќе сакаш: нови наслови или класици?
– На прво место, за мене секогаш биле и ќе бидат класиците. Но, сакам да следам и книжевни трендови и да читам книги кои се во моментот најчитани и бестселери.

*Колкава улога игра корицата во одлуката да се купи или не некоја книга?
– Изгледот на книгата за мене не е клучен, бидејќи книгите не треба да се судат по кориците. Но, кога станува збор за мојата домашна библиотека, секогаш купувам книги со тврда корица. Многу сум специфична за моите книги, собирам книги од определени автори, само од една издавачка куќа или едно исто издание.

*Колку често подаруваш книги и колку ги сакаш за подарок? Какво значење за тебе има книгата како подарок?
– Често подарувам книги, зашто за мене книгата е најубавиот и најскапоцениот подарок што може да се купи. А сите мои блиски пријатели знаат дека најдобриот подарок за мене е токму книгата. На пример, уште кога имав 12-13 години им давав инструкции дека за роденден исклучиво сакам да добивам книги.


*Кои ти се омилените наслови на сите времиња?

– Ова е многу тешко да се одлучи ха,ха,ха J

  1. „Големиот Гетсби“ – Скот Ф. Фицџералд
  2. „Владетелот“ – Николо Макијавели
  3. „Оркански височини“ – Емили Бронте
  4. „Десетте мали црнци“ – Агата Кристи
  5. „Гордост и предрасуда“ – Џејн Остин
  6. „Уметноста на војувањето“ – Сун Цу

*Кои се твоите топ 5 фаворити за ова лето?

  1. „Becoming: Мојата приказна“ – Мишел Обама
  2. „Лудо богати Азијати – трилогија“ – Кевин Кван (Crazy Rich Asians – Kevin Kwan)
  3. „Е, баш ме заболе“ – Марк Менсон
  4. „До последна нота“ – Лиза Џенова
  5. „Оваа модерна љубов“ – Вил Дарбишир (This Modern Love – Will Darbyshire)

*Имаш ли омилен автор?
– Скот Ф. Фицџералд и Агата Кристи

*Читаш ли книги од домашни автори? Кои книги и писатели би ги издвоила?
– Откако завршив средно училиште многу поретко читам дела од македонски автори. Сепак, омилен писател ми е Петре М. Андреевски.

*Која е последната книга што не можеше да ја оставиш додека не ја прочиташ до крај?
– „Тетовирачот од Аушвиц“ – Хедер Морис

*Кој наслов од „Арс Ламина“ го имаш, а кој го посакуваш во својата библиотека?
– Омилени наслови од „Арс Ламина“ ми се „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња 1 и 2“, а книга што ја посакувам е „Божествена комедија“.

*Кога би напишала книга за твојот живот, каков наслов би имала таа?
– Водич за како да живеете во куфери и во постојана трка со времето.

Разговараше: Ана Несторовска – Саздовска

Фото: Teona’s Wanderlust











 

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.