Оливија Георгиевска: Книгата „Игра со именки“ ја открива убавината на македонскиот јазик

„Именка е сè околу нас, сè што има име, секој предмет, од молив до ракета, сите нешта во нашите соби, сите растенија, овошјето и животните, храната – солена и слатка, сите играчки, па дури и самите ние сме направени од безброј именки – нашето тело е именка цело.“
Со овие зборови авторката Оливија Георгиевска ги воведува најмладите читатели и нивните родители (старатели) во новата сликовница „Игра со именки“. Сликовницата, која е во издание на „Арс Ламина – публикации“, беше промовирана на годинашниот Саем на книгата.
Станува збор за шарена книга за деца во рима, со која ќе влезете во игривиот свет на именките. Преку илустрациите нацртани од Ивана Јовановска, ќе научите како да ги препознаете и како да ги употребите. Со Георгиевска поразговараме за идејата, реализацијата и за плановите поврзани со ова издание.

*Како се роди идејата за сликовницата „Игра со именки“?

– Како наставник, долго време предавав граматика и сфатив дека децата најлесно учат со визуелизација и со помош на римата. Често им цртав на табла и ја игравме играта – Весела зборка во која учениците бараа именки, глаголи и придавки на одредена буква. Играта многу ги веселеше, учеа без да знаат.

*На која читателска публика ѝ се обраќате со книгата, дали само на децата во предучилишна возраст или и на тие што веќе знаат да читаат/пишуваат?

– Книгата е наменета за сите деца, но и за родителите и наставниците. Од неа родителите може да им читаат на децата пред спиење, а на наставниците ќе им олесни/помогне на предавањата. Имајќи предвид дека има многу наши иселеници со свои деца, сметав дека ваков вид литература ќе им помогне и ним, да го одржат контактот со македонскиот јазик и граматиката.

*Дали имавте некоја книга-репер по која ја направивте сликовницата? Колку светската литература имаше влијание врз работата?

– Да признам, инспирација ми беа сликовниците и малите книги што ги зајмував секој петок од библиотеката во училиштето „Нова“, каде што работев. Секој викенд на моите ќерки пред спиење им читав, на англиски и со директен превод. Така низ раце ми поминаа многу наслови… Ние како народ сме малку, но тоа не е изговор да не почнеме со печатење помали тиражи.

Книгата е наменета за сите деца, но и за родителите

*Зошто се одлучивте прво за книга со именки? Колку беше сложен процесот на избирање соодветни зборови?

– Именките се основата и најчесто се среќаваат во секојдневието. При пишувањето се трудев да најдам соодветна рима, иако во нашиот јазик не се римува толку лесно. Не сакав да се повторуваат римите, па тука имав малку „игранки“ околу изборот. Брзо ја напишав основата, а потоа почнав да детализирам и менувам. Честопати правев измени со цел да добијам најдобра верзија.

*Многумина сметаат дека македонскиот јазик е сиромашен и дека нема поими и синоними за сите појави. Дали се согласувате со ова и колку работата како професор по македонски јазик, и сега како автор, ви го покажа спротивното?

– Нашиот јазик не е сиромашен. Изобилуваме со зборови од старословенско потекло и имаме голем број архаизми. Ако отворите книга од автори од педесеттите години од минатиот век, а особено тие со поезија, ќе забележите зборови кои речиси се изумрени. Тоа ви е како да имате богатство, но го чувате под прав и пепел, зашто ве мрзи да го исчистите. Имаме многу убав јазик, лесен за читање, убав за поезија… но, технолошките револуции ги заменија перата со тастатури и електронски јазик, во кој, брзината е поважна од квалитетот на изразувањето.

*Јазикот е жива материја, тој постојано се збогатува со нови зборови… Дали трагавте само по подзаборавени стари зборови или создавате нови поими, кои веќе се одомаќинети во нашиот говор? Колку сте флескибилна кон прифаќање на странцизми или, пак, нови термини, диктирани од новите трендови и технолошки промени?

– Често се нервирам кога на вести или во текстови ќе видам непреведени странски зборови кои си имаат име во нашиот јазик, како на пример: „ивент“, „инкорпорира“, „имплементира“! Зарем е толку тешко да се помисли малку. Нема да бидеме заостаната нација ако си го негуваме јазикот. Напротив, и тоа е традиција. Јас употребив поедноставни зборови заради публиката, поради тоа што знам дека на најмалите читатели многу полесно ќе им биде да разберат, без да прашуваат. Овде важеше правилото – помалку е подобро.

Оливија Георгиева (десно) со илустратирката на книгата, Ивана Јовановска (лево) и уредничката Бисера Бендевска на промоцијата на книгата

*Преку интересни илустрации, кои ги нацрта Ивана Јовановска, ги учите децата како да ги препознаат и применат именките. Колку сте задоволни од спојот на цртежите со стиховите?

Визуелното е важно во едукацијата на децата. Сликите и нивното спојување со зборот се најважно нешто во процесот на учење. Многу ми се допадна работата на илустраторката која на промоцијата призна дека цртањето ѝ било предизвик.

*Како ја прифатија книгата вашите деца и учениците, колку тие беа репер, мотив и критика за напишаното?

– Моите ќерки, секако, се израдуваа и ми рекоа дека биле многу возбудени на промоцијата. Ме изненади кога сретнував мои поранешни ученици кои знаеја за книгата или, пак, кога некои од пријателите ми кажуваа дека нивните деца сакаат да си ја разгледуваат и читаат. Тоа е добар почеток и знак дека има интерес. Секако, и треба време и на самата книга да заживее, но второ и трето издание би ја потврдиле нејзината корисна вредност.

*Родителите се првиот филтер во изборот на книгите и темел во создавање на читачките навики кај децата. Што би им препорачале на младите родители во однос на изборот на книги? Колку често и кога треба да им читаат на децата, а кога и како треба да ги поттикнат тие да читаат сами?

– Од сопствен пример – пред легнување кога ќе се смири телото на едно дете уморно од љубопитство и истражување, најлесно е да му се чита. Тогаш има трпение и интерес. Јас така правев со моите деца кои сè уште ги паметат книгите за Хиената Пиндули или Ежето кое не сакало да оди на училиште. Во светот постојат нивоа и поднивоа на литература за деца. Од-до одредена возраст. Важно е да се има ниво на литература – кои книги се за одредена возраст. Секое дете има своја брзина со која учи и разбира. Не мора сите исто да учат и да читаат. Важно е да сакаат да читаат, а тоа во денешно време е тешко да се постигне. Се постигнува со навика и со пример. Ако родителите бараат нешто од детето, треба сами да им го покажат. Гледам родители опседнати со „Фејсбук“ и социјални медиуми, а од децата бараат да не бидат цел ден на телефон. Тоа е нечесно. Искрено – самите родители треба да го затворат телефонот на неколку часа и да поминат заедничко време со децата. Ако родителот не чита книги и нема такви навики, како детето ќе чита? Ако родителот треба да му ја прочита лектирата со зорт, гласно и да му ја објаснува, што добиваме како народ од тоа?

*„Игра со именки“ е прва од серијалот со три сликовници. Каква е замислата за трилогојата, што може да очекуваме следно?

– Следни се глаголите кои трчаат кон печатницата, а по нив се придавките кои го обележуваат раскошот на именките.

*Со што се занимавате покрај пишување книги и какви афинитети и интереси имате? Што ви го преокупира секојдневието?

– Пишувањето ми е долгогодишна страст. Во 1995 година ја објавив книгата „Раѓање поезија“. „Игра со именки“ е мојата прва книга за деца, иако претходеше „Цветната азбука“ – која ја предвидов како целосна книга, но беше објавена во делови во списание за деца. Имам една готова збирка поезија со мои илустрации, која уште „спие“ во фиока и две книги со раскази кои се во мојот електронски свет на лаптопот. Сакам да пишувам и тоа го правам како во транс – без да имам чувство за време и место. Потоа ги оставам текстовите и им се враќам за да видам што истекло од реката зборови. Сакам да фотографирам и да цртам, а најмногу да патувам.

Секојдневието ми се моите ќерки Марија (18) и Наде (15). Едната се запишува на факултет, а другата во средно, па морам да признам дека ни е интересно. Сакаме заедно да патуваме низ Европа и така да останеме вечно блиски. Заедно гледаме и филмови – ги учам на старите црно-бели мајстори и култни филмови, музика од моето време и слично. Не се бунат. Сакам да пешачам низ Македонија, па често на викенди ловам водопади или некои пештери. Македонија е земја со ретка, неистражена убавина и уживам во секој нејзин мирис.

 Разговараше: Ана Несторовска Саздовска

Книгата „Игра со именки“ е достапна во книжарниците на „Литература.мк“: на улицата „Македонија“, ТЦ „Рамстор“, „Скопје сити мол“, „Веро Центар“, во Градскиот трговски центар ‒ Скопје и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40 . А може да се нарачаат и онлајн, преку literatura.mk.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.