„Медена земја“ со најуспешна кинодистрибуција меѓу документарците

Македонскиот документарец „Медена земја“ (Honeyland) ги одушеви критичарите и публиката, во првата недела од кинодистрибуцијата во САД. Режисерите на филмот, Љубо Стефанов и Тамара Котевска, присуствуваа на официјалните промотивни настани и проекции, што се одржаа во Лос Анџелес и Њујорк во периодот од 22 до 27 јули 2019. Тие остварија средби со претставници на филмската индустрија, со медиумите и со публиката.

Авторите на денот на официјалното отворање на „Медена земја“ во киносалите ширум Соединетите Американски Држави.

Застапуван од американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон“, која ги откупи правата за прикажување во Северна Америка, македонскиот победник на „Санденс“ има кинодистрибуција во селектирани киносали, вклучувајќи ги „Ламли Ројал“ (Laemmle Royal) во Лос Анџелес и „Куад синема“(Quad Cinema), Њујорк. Според официјалниот извештај на дистрибутерот „Неон“ (кој го има во продолжение), „Медена земја“ има најуспешна кинодистрибуција меѓу документарците, постигнувајќи повисока заработка од предвиденото.

Новинарот Том Бругеман во текстот за „Индивајр“ (Indiewire) го сублимира официјалниот исход од првата недела на кинодистрибуцијата на „Медена земја“ во САД:
„’Медена земја’ со 30.000 долари заработка на киноблагајните во првата недела од прикажувањето ја одбележува најдобрата премиера од сите останати документарни филмови годинава.“

Влијателниот „Њујорк тајмс“ (The New York Times) посвети дури цела страница на „Медена земја“. Според дистрибутерите, ова досега се нема случено за документарен филм.

По првите проекции во киносалите во САД, американски медиуми дадоа одлични рецензии за „Медена земја“. Позитивни коментари за филмот објавија: „Њујорк тајмс“, „Лос Анџелес тајмс“, „Њујоркер“ (The New Yorker), „Венити фер“ (Vanity Fair), „Ролинг стоун“ (RollingStone.com), „Атлантик“ (The Atlantic), „АВ клуб“ (FilmАVclub.сом), „Ноктурнал“ (Тhe Кnockturnal), „Шокја“ (Shockya)… За филмот со пофалби пишуваат и: „Нонфикшн филм“ (Nonfiction Film), „Попбрејк“ (The Popbreak), „Вокс“ (Vox), „Индивајр“ ( Indiewire) и „Дедлајн“ (Deadline).

Во текстот со наслов „Бодежот и благоста“ (The Sting and the Sweetness) критичарот на „Њујорк тајмс“, A.O. Скот, вели: „Документарецот за конфликтот на македонската пчеларка со нејзините соседи станува лирска еколошка приказна. Можеби е необично да се каже за документарен филм, но „Медена земја“ ме потсети на книгата за деца „Лоракс“ од Теодор Гајзел, познат како д-р Сеус. Тоа е одлична, длабока приказна со еколошка порака. Како и насловниот лик во таа приказна, така и Атиџе е еден вид пророк. Таа зборува во името на пчелите.“

Режисерите на премиерата во една од најстарите киносали во Њујорк, „Куад синема“ (Quad Cinema), со „живата легенда” Ејми Талбин, 80-годишната филмска критичарка.

Kинопроекција во Лос Анџелес, на престижниот Универзитет за филм во Калифорнија (California University of Film) во зградата на Џорџ Лукас.

На проекцијата во една од најстарите киносали во Њујорк, „Куад синема“ (Quad Cinema), присуствуваше Ејми Талбин, 80-годишната филмска критичарка, која во својот осврт кон филмот во престижното списание „Артфорум“ (Artforum) ги повикува гледачите во кината:
„Бидејќи сакам сите кои го читаат ова, да го гледаат филмот „Медена земја“, еден од најголемите и најпотребните филмови на оваа ужасна година и се плашам да не не отидете, доколку имате на ум дека само ќе ве депримира, па затоа морам да го издадам крајот: филмот дава позитивен одговор на прашањето на Назифе, мајката на Атиџе: „Дали има пролет?“ Земјата едвај започнала да се суши кога Атиџе се качува на ридот каде што првпат ја видовме. И да – кога ја отвора кошарата, пчелите се тука. „Медена земја“ завршува со крупен кадар на неверојатното лице на Атиџе. „Лицето е пејзаж“, вели Жан-Лук Годар, веројатно цитирајќи некој друг. Тоа е дефинитивно вистина во овој филм, каде макрото и микрото се соединети.“

Во престижното списание „Ролинг стоун“ (Rollingstone), новинарот Дејвид Феар напиша:
„Наградуваниот документарец за македонската пчеларка е искуство кое треба да се доживее, директна критика на капитализмот и искрено нешто што мора да се гледа.“

На овие кинопроекции исто така беа присутни и голем број членови на Академијата, кои позитивно го прифатија македонскиот филм.

Овој месец продожуваат промоциите и учеството на документарецот на престижните филмски фестивали. „Медена земја“е влезен во официјалната конкуренција за „Срцето на Сараево”, на еден од најголемите фестивали во регионот – „Сараевскиот филмски фестивал“, кој ќе се одржи од 16 до 23 август. Кон крајот на август ќе биде прикажан и пред домашната публика, на најголемиот фестивал за документарни филмови кај нас, „Македокс“, по што ќе се најде на репертоар во македонските кина.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.