Топ 10 нови книги за деца што може да ги прочитаат и возрасните

Книгата е најдобриот водич во светот на фантазијата. Со секоја страница отвора нови светови пред нас, нѐ носи на необични патувања, и нѐ запознава со интересни, нови пријатели. И таа самата е одличен другар. Тука е секогаш за нас, заедно сонуваме, се смееме, плачеме, растеме, учиме и откриваме нови нешта.
Во растењето на децата, книгите имаат многу важна улога. Првиот филтер во изборот на книги за деца го прават токму родителите (старателите). Затоа, важен е изборот на квалитетна содржина и инспиративни приказни. Од друга страна, колку повеќе им читаат на своите деца, толку повеќе ја поттикнуваат нивната имагинација и толку посилно ја втемелуваат љубовта кон пишаниот збор.


Богатата понуда на изданија за деца од издавачката куќа „Арс Ламина ‒ публикации“ изминатиот период беше збогатена со уште неколку шаренолики наслови за најмладите. Тие се интересни за децата, но и за родителите. Ви претставуваме топ 10 нови книги за деца што може да ги прочитаат и возрасните, а кои се достапни во книжарниците на „Литература.мк“: на улицата „Македонија“, ТЦ „Рамстор“, „Скопје сити мол“, „Веро Центар“, во Градскиот трговски центар ‒ Скопје и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40.

1) „35 калории без шеќер“ од Јасминка Петровиќ

Јована и Тара го поминуваат распустот кај едно весело семејство во Гроцка. И додека околните ритчиња дремат под дебелиот снег, а Дунав си ја гледа својата работа, во куќата се случува драма. Кога вагата ќе покаже половина килограм повеќе, некој исчезнува од куќата, некој доаѓа до застрашувачки сознанија истражувајќи на интернет, едно куче првпат преноќува во топлата куќа, а една девојка се бори со змијата во стомакот. Некаде покрај Сава, се случува нешто слично, но многу пострашно.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

2) „Ловец на глуварчиња“ од Весна Алексиќ

Маша не се плаши од ништо – ниту од мрак, ниту од бура, ниту од глушец, ниту од змија. Таа има само еден голем страв и никому не кажува за тоа, дури ни на мама. Се плаши дека ќе го заборави тато, кој ја научи како да лови глуварчиња. Најдобриот другар на Маша се вика Јанко и седи во клупата со неа. На почетокот тој беше малку необичен. Беше многу лут и не сакаше со никого да разговара, дури ни со Маша. Со помош на мама Сенка, тетка Драга и една добра учителка, Маша и Јанко ќе ги победат своите стравови и ќе научат многу работи за љубовта и за пријателството.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

 

3) Исидора Мун оди на панаѓур од Хариет Мункастер

Мајка ѝ е самовила, а татко ѝ е вампир, а таа е по малку од двете. Исидора Мун со нетрпение ја очекува нејзината прва посета на панаѓурот, но кога ќе пристигне таму, не е ни приближно толку волшебно како што очекуваше. Можеби едно благо замавнување со волшебното стапче или, пак, капка волшебна напивка би можела да го направи панаѓурот навистина спектакуларен… Што би можело да тргне наопаку?
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

4) „24 часа во Еднорозија“ од Јасмина Кантарџиева Димков

Малата извидничка Дева е изгубена во густата шума на планината Би. Во потрага по неа тргнуваат нејзината сестра-близначка Дина, момченцето Јан и кученцето Путерче. Случајно ја откриваат чудесната, таинствена земја Еднорозија во која живеат еднорози, самовили и волшебникот Моли. Многу одамна, злобниот принц Нолад фрлил страшна магија врз оваа прекрасна земја и оттогаш нејзините жители се заробени во неа. Додека групата извидници трага низ планината по нашите пријатели Дева, Дина, Јан и Путерче, тие, пак, соочени се со многубројни предизвици што треба да ги совладаат, три гатанки што треба да ги одгатнат и три книги што треба да ги пронајдат за да ги спасат жителите на Еднорозија. А, обидите за спас уште повеќе ги отежнуваат тројцата научници – господинот Шол, господинот Верг и господинот Адулбаз (нивните презимиња прочитај ги наназад за да откриеш какви се тие). Тројцата научници ја напаѓаат Еднорозија, верувајќи дека еднорозите го кријат лекот за бесмртноста.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк

5) „За страшната и чудесна приказна за најгрдите суштества во универзумот“ од Тома Гунзиг

Некаде во вселената, во едно вселенско јајце, живеат Јурките. Овие вонземјани се грди, ужасно грди, до таа мера што веќе не сакаат дури ниту да се венчаваат едни со други. Еден Јурк по име Смрдливи Стапала наоѓа решение: Јурките треба да се реинкарнираат во убави појави. Токму тогаш скенерот на вселенскиот брод ги открива, на многу километри оттаму, убавите цртежи на Поло, кој работи во фабрика за производство на дрвени боички и кој, за да ја заборави напорната работа, секоја вечер наоѓа утеха во цртањето мали чудовишта, убави мали чудовишта. Што ли ќе се случи со Поло?
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

 

6) „Патешествието на Набу“ од Јарослав Миколајевски

Една ноќ, кога на небото имаше преубава месечина Набу ги отвори очите и виде далечно, безгранично пространство. Зеленило околу селото, а понатаму ‒ голема пустина. Набу помисли дека го гледа ова првпат во животот. Толку беше убаво. Толку многу ветуваше.
– Одиме? – им рече на родителите и на братот.
– Каде? – праша мајката.
Набу ги крена рамениците. Не умееше ни да ја именува целта на патувањето, бидејќи беше толку скромно, недогледно. Толку очигледно и несфатливо.
– Таму – промрмори – каде што домовите не горат.
Набу одеше сама, десет дена и ноќи. Родителите не сакаа да одат и му забранија на братот. На Набу исто ѝ забранија, но кога ветрот ги разнесе гранките од кои татко ѝ планираше да изгради следен дом, избега од домот што го немаше.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк

 

7) „Роња, разбојничката ќерка“ од Астрид Линдгрен

Ноќта кога се роди Роња, врз планината беснееја громови. Но, во замокот на Матис и меѓу неговиот клан разбојници владееше радост, затоа што Матис го доби својот наследник во неговата црнокоса ќерка. Набрзо Роња научи да танцува и да пее со разбојниците, а сепак најубаво се чувствуваше во својата самотност во шумата. Еден ден, Роња го сретна Бирк, синот на најголемиот непријател на нејзиниот татко. Недолго откако се спријателија, помеѓу двете ривалски банди избувна дотогаш најголемата кавга, а Роња и Бирк се најдоа во средината. Оваа оригинална и безвремена приказна, што треба да се чита гласно, веќе ужива статус на детски книжевен класик. Во неа се измешани магични суштества, возбудливо дејство, мошне смешни сцени и природни убавини, а во средиштето стои длабока љубов помеѓу момче и девојче.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

8) „Девојчето со две имиња“ од Јадранка Владова

Книга за едно семејство што се распаѓа и за две сестрички кои мораат да бидат разделени. Нене (или Даде), постарата сестричка, заминува да живее со тато, а помалечката Снеже, останува со мама. На солзите им нема крај! Едно недоразбирање, едни неискажани зборови и еден недовршен разговор ставаат крај на хармонијата во семејството… Нене не може да се справи со напливот на емоции во своето малечко детско срце. Сакаат да ја разделат од нејзината сестричка Снеже, од нејзиното сонценце што го сака цела една вечност од четири години. Страшно! Не може да им прости на родителите: сега им текнало дека веќе не се сакаат, си решиле господата дека децата можат така, како бонбончиња, или како некоја чоколада да се поделат! Цааап! На ти тебе едно половинче, а ова другото е за мене! Ееее! Не може тоа така, нека извинат, ама не може!… Нене има само една единствена и најголема желба: сето ова да заличи на некаков сладникав филм со среќен крај. Нејзиното сонценце Снеже повторно ќе ги извикува нејзините две имиња: Да-да!!! Не-не!!!
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

9) „Чорапојадци“ од Павел Шрут

Дали ви се случува да ви исчезне еден чорап? Не зборувам за оние што ќе ги однесе ветрот од жица или ќе пропаднат зад фиоката или, пак, ќе ги проголта машината за перење алишта, па потоа ги наоѓате. Зборувам за чорапите кои мистериозно исчезнуваат засекогаш, се губат некаде каде што не е можно да се изгуби нешто, за чорапите кои сега биле тука, а одеднаш веќе не се, па наместо две исти, наоѓате само една. А потоа… потоа носите распар чорапи, па излегувате расеани или ве обвинуваат дека сте неуредни и дека не ги чувате работите.
Знаете на што мислам? Не грижете се ‒ тоа им се случува на сите. А не е ни чудо, кога во нашите куќи и станови живеат чорапојадци, суштества кои јадат распар чорапи. Како, не сте слушнале за нив? Прочитајте ја ова книга и ќе дознаете сѐ за тајниот свет на чорапојадците.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк

10) „Црната марионета“ ‒ Корина Биј , Ханс Биндер

 

„Луси Алвен, сум малку јас и не сум јас“, по навика велела Корина Биј, која го напишала овој нејзин прв текст на деветнаесет години по едно патување во Париз кај сестра си. Ова е еден речиси графички роман, импресивно илустриран со гратаж-техника од мајсторот на занаетот, Ханс Биндер.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.