Топ 10 предлози што да читате во август

Конечно одмор! Конечно раат од секојдневните стресови, рокови и обврски. Без разлика дали ќе заминете покрај езеро или море или ќе се „исклучите“ од градскиот метеж на планина или село, дозволете му на мозокот да одмори со некоја интересна книга. Сега, кога конечно имате време за себе и за читање, пред да ги спакувате куферите бидете сигурни дека сте избрале интересен наслов за на одмор. Ви нудиме листа со топ 10 предлози што да читате во август. Книгите, кои се во издание на „Арс Ламина“, достапни се во книжарниците „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, ТЦ „Рамстор“, „Скопје сити мол“, „Веро Центар“, во Градскиот трговски центар ‒ Скопје и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40.

1.„Сопруга на хартија“ од Лајла Ибрахим

Јужна Кина, 1923 година. Очајни да ѝ обезбедат иднина, родителите на Меј Линг договараат нејзин брак со вдовец кој живее во Калифорнија. За да влезе во земјата, Меј Линг мора да се преправа дека е првата сопруга на својот сопруг ‒ сопруга на хартија. За време на опасното патување, Меј Линг прима под своја закрила девојче ‒ сирак по име Сју. Соништата за подобар живот во Америка ѝ даваат сила на Меј Линг да ги издржи мачното патување и држењето во изoлација на островот Енџел. Но, кога конечно ќе стигне во Сан Франциско ја чека изненадување…
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

2. „Сребрениот куфер“ од Тери Тод

Во 1939 година, кога Канада е пред влегување во Втората светска војна, седумнаесетгодишната Корнелија се справува со смртта на мајка си. Како што надоаѓа нова трагедија што ѝ дава уште повеќе причини за да ја негира верата на своите родители, се појавува неочекуван посетител кој ќе го смени текот на нејзиниот живот. Сама, со тешко бреме и уште поголема тајна, таа носи одлука што ќе ја прогонува низ целиот живот. Настаните од овој бурен период единствено ќе му ги довери на својот дневник, кој ќе ѝ биде замена за пријател и за молитва. Многу децении подоцна, внуката на Корнелија, Бенита, минува низ лична криза, доживувајќи неколку загуби во само една недела, вклучувајќи ја и смртта на саканата баба. На работ на развод, таа го открива дневникот на Корнелија. Со помош на дневникот, Бенита ќе појде на неочекувано патување што ќе ѝ донесе радост, исцелување и верба.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

3.„Американски брак“ од Тајари Џонс

Рој направил сè како што треба. Израснат во работничко семејство од Луизијана, се изборил за школарина во колеџот „Морхаус“. Кога се оженил за Селестијал, таа веќе напредувала во својата уметничка кариера. И тогаш, Рој е уапсен за дело што не го извршил. Од затворот во Луизијана, со сопругата разменуваат писма. Во меѓувреме, Селестијал ја обновува врската со стариот пријател Андре… „Американски брак“ е приказна за афроамерикански брачен пар чијшто живот темелно се менува кога сопругот невин завршува во затвор. Приказна за неправичноста на општеството кон Афроамериканците и мноштвото познати и непознати импликации на таа неправичност. Книгата е препорачана од Опра Винфри и Барак Обама.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

4.„Поранешниот ти“ од Луиз Вос

Лин Нејсмит се откажа од работата што ја сакаше кога се омажи за Ед, љубовта на нејзиниот живот. Но, вредеше, заради среќните години што ги проживеаја заедно. Сега, десет години подоцна, на Ед му е дијагностицирана рана деменција и почнуваат да се случуваат чудни работи – почудни од загубени клучеви и проголтани зборови. Како што некои сеќавања се заборавени, така, други, долго заборавени, испливуваат на површината… и совршениот свет на Лин почнува да се урива. Но, кој тука си замислува нешта, Ед или Лин?…
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

 

5.„Млеко и мед“ од Рупи Каур

Книгата „Млеко и мед“ од авторката и илустраторка Рупи Каур е најпродаваната збирка поезија и проза според „Њујорк тајмс“. Продадени се повеќе од еден милион копии низ светот и преведена е на повеќе од 30 јазици. „Млеко и мед“ е збирка поезија за љубовта, загубата, траумата, малтретирањето, зацелувањето и женственоста. Поделена на четири поглавја и секое поглавје има друга цел, се справува со различен тип болка, лекува друг тип болка во срцето. „Млеко и мед“ ги води читателите на патување низ најгорчливите моменти во животот и наоѓа слатки нешта во нив ‒ затоа што слатки нешта има насекаде, само ако сте желни да ги побарате.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

6. „Хузур“ од Мартина Млинаревиќ

Хузур претставува мир во сите димензии на човечкиот живот. Хузурлу инсан (huzurlu insan) е исполнет човек, спокоен, емотивно и телесно здрав. Оној кој сфатил дека материјалното не е одредница на вредности, кој проникнал во срцевината на духовноста, се засакал себеси, своето внатрешно јас и создал апсолутна рамнотежа во својот микросвет. Хузур како рамнотежа на душата, чувствата, баланс на желбите, фантазијата и реалноста. Хузур како исконска и единствена среќа, бидејќи човекот може да биде мирен иако не е среќен, но не може да биде среќен ако не е мирен. „Хузур“ е петта книга на авторката од Босна и Херцеговина, Мартина Млинаревиќ, по „Оток у просинцу“, „Непроцјенливо“ и „Лјетос и други ледови“. Позната е по своите критички колумни во бројни регионални медиуми како „Поскок инфо“, „Индекс.хр“ и „Бука“. Во неа 36-годишната писателката и колумнистка открива детали за својата борба со ракот на дојката. Млинаревиќ на крајот на минатата година беше актуелна во регионот појавувајќи се на насловната страница на новогодишниот број на босанското списание „Грација“, покажувајќи ја својата разголена града – оперирана од рак. Со овој храбар потег авторката покажа како изгледа жена оперирана од рак на дојка.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк:

7.„Becoming: Мојата приказна“ од Мишел Обама

Сè уште има многу нешта што не ги знам за Америка, за животот, за сето она што иднината би можела да го донесе. Но, се познавам себеси. Татко ми Фрејзер ме научи напорно да работам, често да се смеам и да си стојам на зборот. Мајка ми Мириан ми покажа како да размислувам со своја глава и како да го користам ставот што го имам. Тие двајцата заедно, во нашиот збиен стан во чикашкиот Саут Сајд, ми помогнаа да ја согледам вредноста што ја има во нашата приказна, во мојата приказна, во пошироката приказна на нашата земја. Дури и кога таа приказна не е ниту убава ниту совршена. Дури и кога таа приказна е пореална отколку што сакате да биде. Вашата приказна е нешто што го имате, нешто што ќе го имате засекогаш. Таа е нешто што го поседувате.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

8. „Костурите на округот Медисон“ – Ведрана Рудан

Во полифоничниот роман „Костурите на округот Медисон“Ведрана Рудан бескомпромисно и духовито, а над сè уметнички успешно, зборува за родителите, децата, љубовта и сексот. Таа ги разбива стереотипите за пожртвуваните мајки, послушните ќерки, посветените сопрузи и злобните љубовници. Стереотипите поради кои сите тие стануваат жртви. Како завршува мојата љубовна приказна? Дали на крајот ќе се венчаат или можеби ќе ги обноват заветите? Или се разделуваат на обострано задоволство за да тргнат во нови љубовни маки опседнати со сексот или од стравот од секс? Нема да ви кажам. Што мислам, дали книгата е добра? Одлична е. Земете ја в раце. Откако ќе ја прочитате, можеби нема да скокнете на ФБ, туку на некој што го сакате. Или ви се чини дека го сакате.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

9„Невидливо“ од Пол Остер

Приказната на „Невидливо“ ја раскажуваат три различни раскажувачи. Романот временски се протега од 1967 до 2007 година и дејството се движи од Морнингсајд хајтс во Њујорк, продолжувајќи во низа случки на левиот брег на Париз, па сè до еден далечен остров на Карибите. Ова е една книга за младешкиот гнев, за незаситноста на сексуалните апетити и за неуморната потрага по правда. Бескомпромисен во поглед на острината на увидот, Остер нè поведува на патување низ замаглените меѓупростори на вистината и сеќавањето, на границата меѓу авторството и идентитетот, така создавајќи едно дело со незаборавна моќ што ја потврдува неговата репутација на „еден од најспектакуларно инвентивните американски писатели“.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

10. „До последна нота“ ‒ Лиза Џенова

Ричард е концертен пијанист со светска слава, кој добива стоечки овации низ салите ширум светот. Секој негов прст од дланките е прецизно наштиман инструмент, што танцува по клавијатурата и ја погодува секоја до последната нота со истата прецизност. Но, сега на Ричард му е дијагностицирана АЛС и целата негова десна рака е парализирана. Загубата на дланката е како смрт, како загубена вистинска љубов, како развод – неговиот развод. Знае дека следно е загубата на левата рака, а потоа и другите делови на телото ќе ги губи, еден по еден… Карина, пак, неговата поранешна сопруга, е парализирана од оправдувања и страв, заглавена во нејзиниот неисполнет живот како учителка по пијано, исплашена да тргне по патот што го напуштила во младоста. По игра на случајноста, не сакајќи таа станува негова негувателка… Потресна и моќна, „До последна нота“ е мајсторско истражување на искупувањето и на она што значи да се пронајде сопствениот мир во проштавањето.
Книгата е достапна за нарачка на следниот линк.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.