Владимир Плавевски: „Вампирџија“ е приказна за талкањето на грешните души

Веројатно повеќето слушнале, прочитале или гледале на филм некоја приказна за вампири, од кои најпопуларни се тие за грофот Дракула од Трансилванија. Приказните за повампирените мртовци облечени во црно, со долга наметка, залижана коса, блед тен, долги нокти и остри заби, кои навечер ги напаѓаат живите и им ја пијат крвта, често се среќаваат во светската литература и уметност. Кај нас, покрај усните преданија, во вид на застрашувачки приказни за деца, ги има и во записите на Марко Цепенков. Тој пишувал  за паранормалните појави ‒ како вампирите, но и за луѓето кои ги ловеле овие грешни души – вампирџиите. Токму овие приказни, пред неколку децении го заинтересирале познатиот македонски лекар, автор и фотограф Владимир Плавевски. Тој почнал да ги проучува приказните за вампирџиите, за кои има напишано сценарио за ТВ-филм, а неодамна и роман. Книгата „Вампирџија“, во издание на „Арс Ламина ‒ публикации“, беше промовирана на годинашниот Саем на книгата. По тој повод разговараме со Плавевски, кој ни открива како се развила идејата за книгата, што е вампир, а што вампирџија?

Книгата „Вампирџија“, во издание на „Арс Ламина ‒ публикации“, беше промовирана на годинашниот Саем на книгата

*„Вампирџија“ има долга историја, која почнува со записите за вампирџиите од Марко Цепенков, кои сте ги прочитале подготвувајќи сценарио за „ТВ Скопје“ пред многу години. Како се разви идејата да ја напишете, најпрвин приказната за сценариото, а потоа и романот?
‒ Во играната програма на некогашно „ТВ Скопје“ се снимаа филмови/емисии за ликови од македонската литературна историја. Тогашниот уредник на образовната редакција, Богдан Поп Ѓорчев, се согласи со мојот предлог да напишам сценарио за ТВ-филм посветен на Марко Цепенков. Истражувајќи, во обемната 12-томна едиција за Цепенков, покрај другото, наидов и на книга посветена на феноменот вампири, нави, таласемии, фармасони, дервиши, караконџули… Подоцна, во почетокот на новиот милениум, го напишав сценариото Вампирџија за редакцијата за играната програма на ТВ Скопје. Филмот го режираше Горан Тренчовски. Во Струмица, каде што имавме промоција на филмот, дознав дека и таму имало вампирџија. По прикажувањето на филмот „Вампирџија“ на телевизиската програма во 2002 година, ми се јави академик Влада Урошевиќ, кој ми честиташе за сценариото и ме советуваше да напишам и роман за вампирџиите. Оттогаш до минатата година таа идеја ми се вртеше во умот. Кога идејата стана неподносливо јасна и зрела, седнав и го напишав романот, секако повторно исчитувајќи ја детално книгата за вампирите од Цепенков и од уште неколку собирачи на народни умотворби, како и за историската констелација во тоа време и за комитските појавувања во предилинденскиот период.

*Во книгата го прикажувате суеверието на македонскиот народ под турското ропство, но и неговиот бунт кон духовниот и физичкиот терор, изразен преку традицијата на вампирџиството и комитлукот. Колку од раскажаното е фикција, а колку вистина? Дали можеби вметнавте вистински преданија, ликови и случувања?
‒ Суеверието на нашиот народ, вклучувајќи ги и малцинствата, го запознав многу добро работејќи како лекар, што беше мојата егзистенцијална професија. Тоа за жал или за среќа, сѐ уште опстојува поврзано и со алтернативната медицина, но не во обем и квалитет како во времето на Цепенков. Романот го третира тогашното суеверие според записите на Цепенков и тука ништо не сум измислувал. Главните личности и другите ликови се моја фикција. Тие имаат метафорични имиња за подобра симболична претстава на нивното дејствување. Вампирџијата го именував Теофил (Богољуб). Името на неговиот помошник ‒ Фидан, пак, доаѓа од зборот фиданка од дрво кое се разгранува ‒ како метафора за неговото прераснување од чирак во мајстор-вампирџија. Инаку, како куриозитет, би споменал дека оригиналниот вампирџија на Цепенков се викал Курто.

 *Романот е напишан на прилепски дијалект, со хорор-елементи, но и ироничен хумор. Колку оваа приказна се разликува од вашата досегашна работа?
‒ Приказната, нарацијата и јазикот се разликуваат од мојот досегашен стил на пишување. Искрено, не беше намерно, туку инспиративно поради ексклузивноста на темата што ја обработувам. Дури и јас самиот се изненадив од себеси, по првото читање на напишаното. Реакциите од читателите кои ми се јавуваа после прочитот на „Вампирџија“, се позитивни. Тие со воодушевување се осврнуваат кон романот. Додека читале се смееле, но и се подзамислиле, за нештата кои воопшто не им биле познати. Повеќето тврдат дека досега во нашата, македонска литература не прочитале нешто ни приближно слично на оваа приказна.

*Што е всушност вампирџија? Што прави тој и кои се неговите способности? Како вампирџијата ги лови и уништува вампирите?
‒ Вампирџијата бил жив и здрав човек, кој имал способност да ги уништува вампирите кога ќе се појават. Тој доаѓа само по повик на личност која била опседната од вампири. Човекот што го викал најчесто бил чорбаџија, значи богат човек, бидејќи вампирџијата имал големи мераклиски потреби: да јаде, да пие и да спие во куќата на повиканиот, додека го отепа вампирот. Вечерта, кога ќе го отепал вампирот требало да се заколи црна кокошка и од нејзината крв да направи мастраф за вампирот (во чкембе ја ставал крвта од кокошката!), да се повикаат чалгаџии, кои ќе свират и уште три битни услови со различна цена! Вампирот се отепувал за различна цена. Најевтино било со оловен куршум, повисоката цена со сребрен куршум, а најскапата цена – со златен куршум. Ако го отепал вампирот со обичен, оловен куршум вампирот ќе се појавел по една година. Убивањето на вампирот со сребрен куршум го штитело стопанот три години, по кои вампирот повторно ќе се појавел. Со златен куршум, пак, за навек го ништел вампирот. На полноќ, кога Месечината била полна и незатскриена со облак, вампирџијата среде дворот го ставал чкембето со крв од црната кокошка на гранка од дрво, а чалгаџиите свиреле додека сите од домот се фаќале на оро и играле околу чкембето. Тогаш се појавувал вампирот и се фаќал како ороводец на орото. Никој не го гледал освен вампирџијата кој пукнувал со пушката, прснувало чкембето со кокошкината крв и вампирот – го снемувало… А вампирџијата го гледал оти во уста кришум ставал листови од буника (која е халуциногена дрога). Оваа компликувана постапка била најчеста. Понекогаш вампирџијата, за да ги импресионира недоверливите стопани што го ангажирале, буквално се борел со вампирот. Луѓето околу него гледале само како вампирџијата се бори со некој ‒ никој. Ако паднел на грб, тие го кревале вампирџијата на нозе и тој се борел со вампирот сè додека вампирот не избега и потем следела постапката како гореопишаната.

*Како се станувало вампирџија? Дали тоа било вроден дар, клетва/магија, занает кој се учи или нешто што се наследува од колено на колено?
‒ Според тоа што го проучував, вампирџија се станувало по неколку основи – како вроден дар или како наследство од таткото кој бил вампирџија. Но, бидејќи вампирџиството било занает како секој тогашен занает, така и тоа се учело како занает. Специјално се одбирало момче кое имало паранормални особини.

*А што се вампирите во книгата, како настануваат? Колку наликуваат на вампирите што ги среќаваме во светската поп-култура, литература и кинематографија ‒ оживеани мртовци кои преку ден се кријат во мртовечки ковчег, а навечер излегуваат и пијат крв од луѓето? Какви се вампирите во вашиот роман?
‒ Според записите на Цепенков, вампирите биле лоши луѓе кои по смртта им правеле пакости на тие со кои биле замерени, најчесто брачниот партнер или соседите. Пакостите што ги правел вампирот биле: шетање околу куќа, викање, завивање, трескање по порти, со камења и фрлање грутки плитарки по прозорците со што ги кршеле, лунѕање по таваните, фрлање ќерамиди, јавање на коњите додека не папсаат, налегнување жени, давење мажи во спиење… Домашните кучиња не реагирале! Тие што ги имале овие бељи од вампирот веднаш оделе кај селскиот поп, кој доаѓал во куќата на свампирената личност, маж или жена, пеел литургија, по што 40 дена постојано палеле свеќи во куќата и кај соседите. На четириесеттиот ден се одело на гробот на свампирената личност, го отворале гробот и лешот го посипувале со крстена вода. Лешот ќе се надуел како тапан и ќе се сторел пелте! Но, често вампирот уште утредента повторно се појавувал! Е тогаш, попот советувал да се бара вампирџија да ги спаси од тоа зло. Според ова што го кажува Цепенков, овие „наши“ вампири не се криеле во мртовечки ковчег, не пиеле крв и немале волчи очници. Тие се оригинални и се разликуваат од светската претстава за вампирите што ги читаме и гледаме во хорор-книгите и филмовите. Како куриозитет морам да кажам дека нашите вампири биле рамноправно полово застапени. Имено, постоеле и жени-вампирки, кои биле исклучително опасни, оти отепале двајца вампирџии од Струмица.

*Додека го подготвувате романот многу истражувавте и се интересиравте за постоењето на вампирџиите. Што откривте, каде сѐ имало луѓе што се занимавале со лов на вампири? Дали сѐ уште има вампирџии во Македонија?
‒ Затоа што сум доктор по основна професија, секогаш истражувам фактографија колку што можам, дури и непотребна. Во нашата литература, освен кај академик Влада Урошевиќ и неколку други автори, не наидов на опширни записи за оваа феноменологија, туку само скудни описи кои не ги задоволија моите интереси. Сепак, открив дека вампирџии имало во прилепско и струмичко кои шетале низ цела тогашна Македонија. Од Отоманската власт тогаш постоела забрана за верување и запишување вакви паранормални појави, согласно нивните закони и конфесија, но наидов на податок оти занаетот вампирџија се признавал кај христијанското население и за него се издавале тапии. Наидов и на податок дека имало вампирџии и по 1945 година, со доаѓањето на комунизмот, во тогашна Југославија, но само во Македонија! Струмичката област била позната по квалитетни вампирџии до овој период. Дали денес има вампирџии и мене сѐ уште ме интересира. Но, кога разговарам со луѓе, кои би знаеле за овој феномен наидувам на молчење.

* Се среќаваат многу приказни за вампирите во светската литература, па веројатно, каде што има вампири ‒ таму има и поединци што ги ловат за да ги заштитат луѓето. Дали имате сознанија, колку вампирџиите се македонски ексклузивитет? Дали има податоци за вакви луѓе во регионот и пошироко?
‒ Грофот Дракула од Трансилванија, Романија, е најпознатиот вампир во светот. Тој е симбол на вампиризмот како општочовечко зло. Кога бев во Индија, каде што владее друга конфесија, се зачудив оти и тие го споменуваат како крвопиец од кој се свампируваат луѓето што им ја цицал крвта. Значи, вампиризмот преку цицање крв може да се рашири насекаде! А нашиве вампири немаат таков инстинкт, што е многу бенигно. Значи, тие се само наше, локално зло и тоа ги чини оригинални. Дали Романците не знаеле дека ние сме имале професионални вампирџии кои би го отепале нивниот гроф Дракула е академско прашање, но секако дека Холивуд би бил лишен за многу интересни филмски приказни.

*Фидан, ученикот ‒ вампирџија во романот има дилема дали неговиот учител ‒ мајсторот вампирџија Теофил е божји ангел или слуга на ѓаволот? Како Вие би одговориле на ова дилема? Дали злото (без разлика дали тоа се реални луѓе или паранормални појави) се победува со ангелска добрина или со ѓаволска пакост?
‒ Кога го пишував романот постојано ме колвеше јанѕа, бидејќи денешното глобално, интернет-општество до екстремни граници го глорифицира злото, што е контрапродуктивно со конфесионалните тврдокорности врз кои е поставена нашата, општа и интимна етичка условеност. Секако, и доброто сѐ уште егзистира кај поголемиот број луѓе. Но, антагонизмот помеѓу доброто и злото е во релативна поставеност. Нивниот дуалитет е генетски код втиснат во нас, од постоењето на човекот, и ќе трае довека.

*Во книгата ја развивате тезата за талкањето на душата по смртта како казна за грешните души… Вампирџијата Теофил е метафора на животниот промискуитет, а младиот Фидан е метонимија на животна доблест, која верува во оправданоста на животот. Колку тие се синоним за внатрешната борба на секој поединец со доброто и лошото? Која е пораката на романот?
‒ Тезата дека грешната душа талка по смртта на нејзиното тело како казна за нечинењето добро, додека неговото тело живеело е опоштоприфатена конфесионална прагма, која е блиска до филозофскиот идеализам, кој тврди дека мислата, идејата, е примарна, а потоа е материјата. Современата наука веќе докажува дека материјата преминува во енергија (мисла) и обратно. Вампирџијата Теофил, како божји син, е исклучителен дуалист. Го љуби животниот промискуитет, истовремено прочистувајќи го животот од злото со што го потврдува дуалитетот на човечката егзистенција. И Фидан станува тоа што е Теофил, надраснувајќи ја животната доблест во временските условности во кои запаѓа.

Познатиот актер Благоја Чоревски прочита извадок од „Вампирџија“ на промоцијата за време на Саемот на книгата

*Вие сте еден од најплодните домашни автори, речиси секоја година објавувате нова книга, не мирувате, постојано пишувате. На што сте посветени овој период? Дали работите на нов роман?
‒ Штотуку го завршив најновиот роман насловен „Боксерот“. И повторно се втурнав во авантурата за истражување на боксот, што ми беше непозната територија, и состојбата во Југославија во педесеттите години, бидејќи тогаш се одигрува дејствието во Скопје и моето веќе легендарно ‒ Ново маало.

*Илустрацијата од корицата на книгата е всушност ваша фотографија? Каква е поврзаноста на дрвото од насловната со приказната во „Вампирџија“? Колку фотографирањето (која е ваша втора голема долгогодишна страст) и пишувањето се надополнуваат во вашето секојдневие? Дали од фотографија може да развиете приказна или, пак, обратно, приказната да ја „уловите“ со вашиот фотообјектив?
‒ Фотографијата е субјективен приказ на објективната реалност обработена со фотоапарат, но низ свеста на снимателот. Јас од дете сум фотографирал, а сега, во пензија, фотографијата ми е секојдневна потреба, посебно кога фототехологијата е на врвно ниво кое доминира дури и на мобилните телефони. Како информација, имам одржано 26 самостојни изложби на фотографија. Поседувам богата фотоархива на аналогна (филмови и дијапозитиви) и дигитална фотографија, така што сите мои објавени книги се илустрирани со мои фотографии. Дрвото од насловната страница на романот го илустрира дуализмот кој го објаснив – дрвото има корени во земјата, а се извишува во небото. Фотографијата има три основни постулати – композиција, естетски дигнититет и тематска перцепција. Токму тематската перцепција е елементот кој најмногу ме привлекува ‒ фотографијата да раскажува приказна уште со првото гледање. Неколку фотографии, мои секако, досега ме насочиле да напишам неколку раскази. Се надевам дека во иднина некоја моја фотографија ќе ме обземе да напишам и роман.

Разговараше: Ана Несторовска – Саздовска

Фото: Маја Аргакијева

 

*Книгата „Вампирџија“ е достапна во книжарниците „Литература.мк“, на улицата „Македонија“, ТЦ „Рамстор“, „Скопје сити мол“, „Веро Центар“ и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40, а може да се нарача и на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк. 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.