„Мојата кариера е работа и само работа… Глумата е 99,9 отсто работа, а 0,1 отсто талент или дар од Бога. Едното без другото не може. Дарбата за глума мора да се надградува со постојана работа, но и константното играње и работење е ништо без тој мал процент талент.“
Со овие зборови, еден од најпознатите македонски актери, Благоја Чоревски, чија кариера трае цели 48 години, ја почнува својата животна сторија во новото издание на „Астрорум“. Вели дека со многу труд, љубов и леснотија влегува во секоја улога. Без двоумење вели дека секоја улога му е драга, од првите, одиграни за време на студиите, па сѐ до последните, меѓу кои и таа во „Квартет“, за која минатата година ја доби наградата „Ристо Шишков“ за најдобро актерско остварување. За ова признание вели дека за него е вредно како „Оскар“. Нагласува дека секоја награда во неговата кариера дошла во вистински момент.
Во интервјуто се сеќава на најзначајните претстави, соработки со актерски и режисерски величини, за сите со кои сѐ уште пријателува и на оние кои повеќе ги нема, се сеќава на сите подеми и падови, анегдоти, моменти на тага, но и на гордост…
‒ Сѐ додека ме држат нозете и сеќавањето ќе играм на сцената, вели тој.
Благоја Чоревски е роден во Велес во 1947 година. Потекнува од актерско семејство. Неговиот татко е доајенот на македонското актерство ‒ Трајко Чоревски и мајка му е актерката Ратка Чоревска. Познатиот битолски актер Борис Чоревски е негов брат. На сцената првпат излегол на четири години.
Завршил театарската академија во Софија во 1971 година, а истата година станал член на Драмскиот театар во Скопје. Во текот на својата долгогодишна актерска кариера, што сè уште трае, има остварено значајни улоги во многу драмски, телевизиски, филмски и радио проекти.
Негови препознатливи театарски улоги се во претставите: „Болва во уво“, „Полтена штица“, „Јадигар“, „Дупло дно“, „Карамазови“, „Крал Иби“, „Викенд на мртовци“, „Коприварник“ и многу други. Истакнати филмски улоги се оние во филмовите: „Исправи се Делфина“, „Пресуда“, „Време“, „Викенд на мртовци“, „Тетовирање“ и „Самоуништување“. Добитник е на голем број награди, како во поранешна СФРЈ, така и во Македонија, меѓу кои и на Златниот лаворов венец на малите и експерименталните сцени во Сараево во 1976 година, Стериината награда во Нови Сад во 1979 година, општественото признание „11 Октомври“, награда за животно дело „Петре Прличко“, наградите на фестивалите „Војдан Чернодрински“ и „Ристо Шишков“, наградата „Златна маска“ што весникот „Вечер“ ја доделуваше во рамките на „Охридско лето“ и др.
Пошироката јавност го познава по улогата на Илинденка во популарната претстава „Женски оркестар“.