Кристина Димовска: „Светлината на Сатурната“ е книжевно патување слично на видеоигра

 

Инспирирана од видеоигрите, преку живописни описи полни со егзотични мириси и бои, младата авторка Кристина Димовска го создала романот Светлината на Сатурната, кој е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина‒ публикации“. Книгата, според својата структура, претставува жанровски хибрид, што третира тема која инаку припаѓа на епската фантастика. Романот е слоевит и експериментален и е наменет за читатели со теориски компетенции, но и за публика која би го доживеала текстот како една заводлива и интригантна приказна. Во него, Димовска ги преиспитува границите меѓу жанровите, што го прави романот да биде жанровски флуиден. Таа иновативност станува појасна ако во текстот се препознае поврзаноста со јапонската аниме-култура [со реферирање на познатите анимирани серијали Fushigi Yuugi („Таинствена приказна“,1992) и Saiunkoku Monogatari („Приказна за Саиункоку“, 2009)], вклучувајќи ја и уметноста на стрипот.
Кристина Димовска (Скопје, 1987) е истражувач на кратките жанрови и на детскиот фолклор на Одделот за етнотеатрологија и фолклористика при Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. Додипломските, постдипломските и докторските студии ги завршила на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Има објавено многубројни научни трудови на македонски и на англиски јазик во печатени и во електронски списанија. Автор е на предговорот кон вториот том на средновековна епска и лирска поезија во издание на издавачката куќа „Арс Ламина“. „Светлината на Сатурната“ е нејзин прв роман, кој беше промовиран во мај оваа година, за време на 31. издание на Саемот на книгата, на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“.

*На двомеѓето помеѓу видливиот свет на Земјата и фантастичниот свет на Сатурната почнува приказната за средношколката Адора. Таа тргнува на патување со своите соученици, но без никакво предупредување ќе се најде во кралството на Сатурната ‒ планета излезена од твојата фантазија. Што те инспирираше да го создадеш светот на Сатурната и да ја раскажеш приказната за Адора?

‒ Романот е работен во долг временски период‒десет години со поголеми паузи. Па така, првично имав напишано неколку верзии, кои немаат никаква допирна точка со финалниот текст. Пишувајќи, бев под влијание од различни медиуми, особено од видеоигрите. Тие одиграа клучна улога во дизајнот и начинот на кој се портретирани ликовите во книгата. Идејата ми беше романот да не се чита само како текст, туку да се доживее како нешто што се случува пред очите на читателот. Во смисла – тој/таа да може да се најде себеси во светот во кој се наоѓа главниот лик Адора, без притоа да има чувство дека е во допир со книжевен текст, со фиксирано дело.

Ова не е книга за поширока читателска публика. Мене како автор би ми било доволно да знам дека некаде постои барем еден читател кој ќе се пронајде во романот, ќе го смета за интересен и ќе биде горд што и на македонската книжевна сцена се појавуваат книги од овој жанр.

*Иако жанровски е определен како епска фантастика, романот загатнува низа прашања што го тангираат современиот читател; каде е границата меѓу стварното и имагинарното, свеста и потсвеста, идентитетот, моралните вредности и нивното побивање или прекршување. Зошто се одлучи за ваква книжевна форма, дали ти си обожавателка на фантастиката?

‒Не би се дефинирала како „фан“ на одреден книжевен жанр. Но, мојата професија, како истражувач на средновековната епска поезија, одигра улога во начинот на кој беше замислена и финалната верзија на романот. И на самиот роман пишува дека тој влегува во некој експериментален жанр, бидејќи не можеме да кажеме дека е чиста фантастика ‒ затоа што има епски елементи, исто како што не можеме да кажеме ни дека е научна фантастика ‒ бидејќи ги нема оние елементи кои се својствени за тој жанр. Се надевам дека читателите ќе го сметаат ова дело за поинакво од тоа што се објавувало на нашата книжевна сцена изминатите години.

*Колку ти беше лесно или сложено да ѝ се обратиш на новата, млада публика која расте со интернетот и која со еден клик може да види, дознае и научи што ќе посака… Но, која за жал, сѐ помалку чита книги?

‒ Целната група на романот отсекогаш беше младата читателска публика, од 17 до 25  години. Но, додека го работев романот, сметав дека би требало да е интересен и за постарата популација, особено за тие што сѐ уште сакаат да играат видеоигри и да читаат стрипови. Свесна сум дека сѐ помалку се чита, па затоа се надевам дека романот ќе допре до младите со својата колоритна приказна, налик на анимациите и игрите што се играат на компјутерите, таблетите и телефоните.

* Дали има простор и план книгата да се префрли (продолжи) на друга платформа, како на пример стрип, видеоигра, анимации?…

‒ Да, има простор, бидејќи приказната изобилува со бои и сензации коишто, ако се префрлат на друга платформа, на иновативен начин ќе го видоизменат романот. Кога се пишува/чита е едно, но кога се гледа/доживува/„живее“ приказната ‒ тоа е сосема друго. Би било интересно да се оствари соработка со некој кој би бил заинтересиран да ја „преведе“ книгата на друг јазик/платформа (некој кој е постручен од мене на тој план). Сметам дека анимацијата би била навистина интересна идеја. Всушност, кога го пишував романот, замислував приказната да има свој визуелен дел или претставување, со кој би ги привлекла помладите читатели. Се надевам дека понатаму ќе се развие уште нешто од Светлината на Сатурната. Но, за да има трансфер на друга платформа, сметам дека прво треба да се слушне критиката или барањата на публиката. На тоа ќе влијае перцепцијата на романот. Читателите ќе одлучат дали книгата треба да се префрли и во друг медиум, освен книгата. Јас како автор можам да замислувам дека би било интересно и привлечно да се префрли и на друг медиум, но публиката е таа што ќе одлучи.

*Во земјата наречена Сатурната, се води долга војна меѓу Орхидите, владетелите на кралството на Светлината и поданиците на Мат-уруус, земја на север од кралството. Адора станува дел од приказната на Сатурната и нејзината судбина, а дејството постепено ја открива нејзината улога не само во војната, туку и во животите на сите оние што ќе ги запознае во кралството. Кажи ни повеќе за Адора, колку во градењето на нејзиниот лик има автобиографски елементи? Како би ја профилирала?

‒ Во романот има два доминантни јазика: Khelam Magi – јазикот на кој зборуваат Сатурнатите, и Ghelda Sin. Овие јазици немаат темел во некој од постојните светски јазици, туку си постојат сами за себе во својот свет. Идејата ми беше ликовите да бидат сместени на своја површина, на свое тло. Во книгата нема автобиографски пасажи и моменти, а ако ги има, тогаш не се интенционални. Дел од дејството е сместено на Земјата, но дел е на Сатурната. Сакав ликовите да бидат автентични на своето место. Како што веќе споменав, инспирацијата за ликовите ја црпев од видеоигри, но секој од ликовите е уникатен и не потсетува на постојните карактери од игрите. А, Адора е комбинација од повеќе женски, но и машки ликови што сум ги среќавала во видеоигрите и во стриповите. На пример, не можев да ја сместам во Скопје, тоа би ми било несвојствено за контекст на приказната, па затоа и на почетокот на романот објаснувам дека делот од приказната што се одвива на Земјата е во градот Силфе кој е измислен град.

 Разговараше: Ана Несторовска – Саздовска

 *Книгата „Светлината на Сатурната“ е достапна во книжарниците „Литература.мк“, на улицата „Македонија“, ТЦ „Рамстор“, „Скопје сити мол“, „Веро Центар“ и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40, а може да се нарачаи на страницата на „Литература.мк“ на следниот линк.

 

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.