Топ 5 книги од Габриел Гарсија Маркес во издание на „Арс Ламина“

Колумбискиот писател, новинар и политички активист, добитник на Нобеловата награда за литература, Габриел Гарсија Маркес, според голем број книжевни критичари е еден од најголемите латино-американски автори на 20 век. Кога имал 19 години ги објавил своите први раскази во весникот „Еспектадор“, во кои се чувствува влијанието на Франц Кафка, Вирџинија Вулф и надреализмот. Во 1955 година ја објавил својата прва позначајна книга „Приказната на бродоломецот“, која била критикувана од страна на владата на генералот Густаво Рохас Пинаља. Во 1967 година, го објавил романот „Сто години самотија“, со кој набрзо постигнал светска слава и кој претставува негово најзначајно дело. Во 1982 година ја добил Нобеловата награда за литература. Во 2002 година го објавил своето автобиографско дело „Да се живее за да се раскаже“, а во 2004 година се појавило неговото последно дело „Сеќавање на моите тажни курви“.

Покрај неговиот култен роман ‒ „Сто години самотија“, познати се и „На полковникот нема кој да му пишува“ (1961), „Виор од лисје“ (1955), „Љубов во време на колера“ (1985), „Хроника на една најавена смрт“ (1981) и „Есента на патријархот“ (1975). Овие наслови се дел од едицијата современи класици во издание на „Арс Ламина“. Тие се дел од новата акција на „Арс Ламина – публикации“ и книжарниците „Литература.мк“ со дневниот весник „Слободен печат“ за подигнување на читачките навики и достапност на книгите до сите љубители на пишаниот збор. Имено, со секој купен „Слободен печат“, во текот на летото, со поволна цена ќе може да се набават и класиците од Маркес.

1. „На полковникот нема кој да му пишува“

 

Еден пензиониран полковник, ветеран од Илјададневната војна, петнаесет години по ветувањето и официјалната одлука, ја чека својата пензија. Во меѓувреме, живее во скудни услови со својата жена-астматичар и еден петел, единствениот спомен од неговиот неодамна убиен син Агустин. Болеста на жена му, безизгледноста на пензиските примања и хроничниот недостиг на средства го изложуваат полковникот на една незгодна неизбежност: да го продаде својот високо ценет петел, непоразен во арената. Но, соочени со гордоста и достоинството, и неизбежностите се чинат минливи.
Книгата е достапна на следниот линк.

2. „Виор од лисје“


Низ малото гратче Макондо минува вистински виор од луѓе, складишта и најразлични локали за лесна и брза забава, при што жителите на гратчето се наоѓаат затекнати среде вистински хаос од ѓубре и смрдеа, што го прави местото каде што живеат непрепознатливо. Кога компанијата за банани го напушта градот исто толку брзо како што и доаѓа, на оние што остануваат не им останува ништо освен празнина и распаѓање. Во оваа уништена и бездушна пустелија останат е уште еден, последен, честит човек. Тоа е Полковникот, кој е цврсто решен да исполни едно одамна дадено ветување, без оглед колку и да е тоа неприфатливо од заедницата. Кога презрениот Доктор умира, тој е оној кој на себе ги зема товарот и одговорноста за организирање на неговиот скромен, но достоинствен погреб, што ги споделува со својата ќерка и со својот внук, неговата единствена придружба на закопот, додека преостанатите жители на Макондо со задоволство би го оставиле Докторот да изгние онаму каде што починал, незгрижен и заборавен.
Книгата е достапна на следниот линк.

3. „Љубов во време на колера“


Длабоката младешка љубов на Флорентино Ариса и Фермина Даса се соочува, последователно, со три сериозни препреки: неодобрувањето од таткото на Фермина, едно патување за заборав и докторот Хувенал Урбино, најпосакуваниот ерген во областа. Последната пречка се чини погубна: набрзо Фермина се венча со Хувенал.
Но, Флорентино Ариса е поет, музичар, романтичар: педесет и една година, девет месеци и четири дена по нивната прва средба, на погребот на нејзиниот сопруг, со шапка принесена до срцето, Флорентино ù го повторува на Фермина својот завет за вечна верност и љубов. За волја на вистината — шестотини дваесет и две внимателно прибележани љубовни авантури подоцна.

Книгата е достапна на следниот линк.

4. „Хроника на една најавена смрт“

Дваесет и седум години подоцна, неименуван новинар се обидува да го истражи убиството на Сантјаго Насар. Сведоците ги откриваат контурите на приказната: неколку часови по венчавката со Анхела Викарио, Бајардо Сан Роман ја враќа својата свршеница кај нејзините родители, тврдејќи дека не е невина. Анхела е принудена да го каже името на својот прв љубовник; нејзините браќа, близнаците Пабло и Педро Викарио, мигновно ја искажуваат својата намера да го убијат. Но, меѓу одлуката и чинот на убиството стојат неколку луѓе што знаат дека ќе се случи и достатно време да го спречат. И додека истрагата разоткрива зошто ниту едното ниту другото не биле доволни, една цела заедница — а не само убијците — е исправена пред застрашувачка пресуда.
Книгата е достапна на следниот линк.

5. „Есента на патријархот“

Татко на пет илјади деца — сите недоносенчиња — од огромен број љубовници кои без љубов се менуваат во неговиот харем, неименуваниот патријарх од насловот со титула генерал на вселената, доживотниот тиран над една карипска нација, умира на неодредена возраст меѓу сто седум и двесте триесет и две години. Зад него, наместо моќта да му наредува на мракот или да прогласува ран процут на ружите, останува низ од фантазмагорични визии за сè што било и сè што можело да биде поинаку. Од привидна милосрдност до најкрупни измами, од добродетелство до ужас, од богобојазливост до екстремна суровост, диктаторот го отелотворува најдоброто, најперфидното и најлошото во човековата природа. Ова е неговиот живописно преувеличен портрет — во затворот на неговата сопствена диктатура и уморна, но неизбежна совест.

Книгата е достапна на следниот линк.

Книгите, кои се во издание на „Арс Ламина“, се достапни во сите продажни места на „Слободен печат“, како и во книжарниците „Литература.мк“: на улицата „Македонија“, ТЦ „Рамстор“ , „Скопје сити мол“, „Веро Центар“ и во Битола на ул. „Широк Сокак“ бр. 40.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.