Ана Мартиноска – Во културна битка за правата на дискриминираните

Преку пишаниот збор и културна активност, секојдневно ги застапува правата на жените, ентичките заедници, сексуалните малцинства, жртвите на насилство и на сите кои се дискриминирани во нашето општество. Професорката Ана Мартиноска во интервјуто за новото издание на „Астрорум“ зборува за своето познато уметничко смејство, за културната битка против предрасудите и табуата и за својата книжевна наобразба и работа. Актуелна е со книгата „Културна фабрика“ (Огледи за родот, градот и популарната култура), која содржи избор од осумдесетина авторски колумни на родови и културолошки теми, кои се објавувани во неделникот „Глобус“ и во дневниот весник „Нова Македонија“.

Вели дека љубовта кон книжевноста ја развила уште од многу мала, кога нејзината баба ѝ читала руски бајки.
‒ Уште оттогаш повеќе сакав да бидам нурната со носот во книгите, отколку да се занимавам со некоја игра. Влијание во мојата наобразба имаше, секако, и работата на мајка ми како долгогодишен новинар во областа на културата; едниот мој дедо беше професор по литература, а другиот – сликар. Така, детсвото ми помина некаде помеѓу книгите и сликите. Оттаму ја стекнав и слободата на духот ‒ вели таа во „Астрорум“.
Ана Мартиноска е професорка, научничка во областа на фолклорот, литературата и културата, колумнистка на родови и културолошки теми, феминисткa. Дипломирала на Филолошкиот факултет на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности во 1994 год., каде ги завршила и постдипломските студии. Магистрирала во 2002 год. со теза со наслов „Поетика на македонските народни гатанки“. Во 2010 год. на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје ја одбранила и докторската дисертација со наслов „Конески и фолклорот“.


Од 1996 година д-р Мартиноска е вработена во Институтот за македонска литература, во Одделението за македонска народна литература. Во моментов е на работното место научна советничка/редовна професорка. Паралелно со нејзината научна активност, Мартиноска предава на Постдипломските културолошки студии во книжевноста и на докторските студии. Има и работно искуство како предавачка по предметите Македонска народна литература и Теорија на литературата на Државниот универзитет во Тетово.
Мартиноска реализирала повеќе научни и стручни престои, од кои се издвојува докторскиот престој на Универзитетот во Оксфорд, Велика Британија во 2004, каде под менторство на проф. д-р Том Паулин работела на истражување на врските помеѓу фолклорот и современата литература.


Ги има објавено книгите „Поетиката на македонските народни гатанки“ (Македонска книга, 2002), „Митот и ритуалот во македонскиот фолклор – релации и проникнувања“ (2008), „Голиот на гости – антологија на македонскиот еротски фолклор“ (2007), „Конески и фолклорот“ (2012) и „Културни парадокси (Родот, етницитетот и идентитетот во фолклорот и литературата)“ (2014). Заедно со Маја Јакимовска-Тошиќ е уредник на изданието „Популарна култура ‒ Поглед одозола/Popular Culture: Reading from Below“ (2016).


Мартиноска била главна и одговорна уредничка на Институтското списание за литературна наука „Спектар“ (2013-14). Членка е на редакцијата на електронското списание „Блесок“ (2012-14), одговорна за рубриките Критика и Есеи. Членка е и на Здружението за компаративна книжевност на Македонија и на Меѓународната асоцијација за компаративна литература (ICLA). Мартиноска е претседателка е на научниот совет на Институтот за македонска литература.

 

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.