Одбележуваме 120 години од раѓањето на Ернест Хемингвеј

Не постои ништо што може да се спореди со пишувањето. Сè што треба да направиш е да седнеш покрај машината за пишување и да крвавиш ‒ Ернест Хемингвеј.

На 21 јули 2019 година навршуваат 120 години од раѓањето на еден од најголемите американски писатели на минатиот век, добитник на Нобеловата и Пулицеровата награда за литература – Ернест Хемингвеј.
Неповторливиот раскажувач, новинар, спортист и боем, со авантуристички дух е роден 1899 година во Оук Парк, предградие на Чикаго, САД како второ од шесте деца на Кларенс Едмондс и Грејс Хол Хемингвеј. Пораснат е во голема викторијанска куќа, изградена од неговата баба, мајка на неговата мајка. Додека неговата мајка се надевала дека нејзиниот син ќе развие интерес за музика, Хемингвеј ги сакал интересите на неговиот татко, односно ловот и риболовот на езерото Мичиген. Семејството поседувало куќа наречена „Виндермер“ на езерото Валун, па Ернест често ги поминувал летата во таа куќа. Овие рани искуства со природата му ја поттикнале страста кон патувањето, запознавањето нови предели и авантури во изолирани места. Учествувал во неколку граѓански војни, бил воен дописник, но и војник. Го пропатувал светот само со три нешта во куферот: пушка, јадица и машина за пишување.

Кога избила Првата светска војна Хемингвеј ја напуштил работата за да ù се приклучи на Американската армија. Но, не го поминал медицинскиот преглед бидејќи имал слаб вид, поради што станал дел од Црвениот крст и заминал во Италија. На патот кон италијанскиот фронт застанал во Париз. Кога пристигнал на италијанскиот фронт тој бил сведок на бруталноста на војната, на неговиот прв работен ден експлодирала фабрика за муниција во близина на Милано. Хемингвеј морал да ги прибира човечките останки, најмногу жени кои работеле во фабриката. Оваа прва блиска и сурова средба со смртта го потресува Хемингвеј. На 8 јули 1918 година Хемингвеј бил повреден додека ги снабдувал војниците со продукти, така што ја завршил кариерата како возач на амбулантна кола. Подоцна бил награден со сребрен медал за воена храброст, a овој медал му бил доделен од италијанската влада бидејќи спасил повреден италијански војник.

По ова искуство, Хемингвеј закрепнал во болница во Милано која ја водел американскиот Црвен крст. Во болницата често се опивал и читал весници за да закрепне. Тука се сретнал со сестра Агнес вон Куровски од Вашингтон која била една од сестрите кои биле одговорни за пациентите во таа болница. Хемингеј се вљубил во Агнес која била шест години постара од него, но нивната врска не потрајала откако се вратиле во САД. Наместо да се врати во САД со Хемингвеј, Агнес се вљубила во италијански офицер и тоа страшно го погодило Хемингвеј.

Со првата сопруга, Хедли Ричардсон

По војната Хемингвеј се вратил во Оук Парк, но бил протеран од САД за време на прохибицијата, така што во 1920 тој се преселил во Торонто и таму работел како слободен уметник и странски дописник. Во Торонто, Хемингвеј го запознал репортерот Морли Калахан, со кого станал пријател. Краток период Хемингвеј живеел и во Чикаго и работел за локален весник. Во 1921 година се оженил со Хедли Ричардсон. Истата година се преселил во апартман во Чикаго, во кој и денес има натпис: „апартманот на Хемингвеј“. Хемингвеј станал мрачен и депресивен, и токму поради таа состојба одлучил да живее извесен период во странство. Во декември 1921 година, Хемингвеј ги напуштил Чикаго и Оук Парк и никогаш повеќе не се вратил таму.

Се преселил во Париз, каде што се запознал со Гертруд Стајн, која станува негов ментор и го запознава со париското модерно движење, кое се одвивало во тој период во квартот Монпарнас. Ова е почетокот на американскиот круг кој подоцна е познат како „Lost Generation“ (Изгубената генерација), термин што бил популаризиран од Хемингвеј во епиграфот на неговата новела „И сонцето изгрева“. Групата често се собирала во книжарницата на Силвија Бич во Париз (која постои и денес) наречена „Шекспир енд Ко.“(„Shakespeare & Co“) лоцирана на улицата „12…“ (12 Rue de l’Odéon). По публикацијата „Улис“ напишана од неговиот колега Џејмс Џојс, во 1922 година Хемингвеј ја користи помошта на некои негови пријатели за да прокриумчари неколку копии во САД. По објавувањето на неговата прва книга „Три приказни и десет поеми“ објавена во Париз, тој на кратко се вратил во Торонто за да го дочека раѓањето на неговиот прв син. За да го издржува семејството почнал да работи во „Торонто Стар“. Но, тоа му здодеало и дал отказ во 1924 година.

Во 1925 година ја објавил книгата „Во наше време“. Ова дело било од големо значење за Хемингвеј, бидејќи увидел дека неговиот минималистички стил на пишување може да биде прифатен во литературните кругови. Во истата година веднаш по објавувањето на „Големиот Гетсби“ го запознал Ф. Скот Фицџералд во „Динго Бар“. Тие веднаш стануваат многу блиски пријатели, заедно пијат и зборуваат. Честопати менуваат ракописи, а Фицџералд навистина му помага на Хемингвеј да ја унапреди неговата кариера при објавувањето на неговата прва колекција раскази, подоцна оваа врска се оладила и станала многу натпреварувачка. Жената на Фицџералд, Зелда го мразела Хемингвеј уште од самиот почеток, таа била убедена дека зад неговата мачо-фасада се крие хомосексуалец и го обвинувала нејзиниот сопруг дека има љубовна врска со него.

Со втората сопруга Паулин Фајфер и синовите, по успешеб риболв-една од пасиите на Хемингвеј

Неговиот прв роман „И сонцето изгрева“ го завршил за шест недели во омилениот ресторан на Монпарнас „La Closerie des Lilas“. Романот е полуавтобиографски и Хемингвеј бил критикуван за користење застарена форма на литературно изразување. Се развел од неговата прва сопруга и се оженил со Паулин Фајфер, побожна католичка од Пигот, Арканзас. Хемингвеј станал католик во тоа време. Во 1928 година таткото на Хемингвеј, соочен со дијабетес и финансиска несигурност извршил самоубиство со пиштол што го користел во Првата светска војна. Ова самоубиство силно влијае на Хемингвеј, тој се вратил во Оук Парк за да помогне да се организира погребот. Многу кратко по татко му и Хери Кросби, близок пријател на Хемингвеј исто така извршил самоубиство.

На 2 јули 1961 година на ист начин го завршува својот живот, оставајќи зад себе тројца синови, богато книжевно творештво од кое се истакнуваат романите: „И сонцето изгрева“ (1926), „Снеговите на Килиманџаро (1936)“, „Да се има и да се нема“ (1937) , „За кого бијат камбаните“ (1940), „Преку реката во шумата“ (1950), „Старецот и морето“ (1951) и „Островите во струјата“ (1970).

Се паметат и неговите легендарни изјави, од кои издвојуваме топ 15:

  1. „Не постои поверен пријател од книгата.“
  2. „Храброста е гордост под притисок.“
  3. „Среќата кај интелигентните е најретка.“
  4. „Сите вистински лоши работи почнуваат невино.“
  5. „Секогаш додека си трезен прави го она што го зборуваш додека си пијан. Тоа ќе те научи дека треба да молчиш.“
  6. „Животот на секој човек завршува на ист начин. Единствената разлика се деталите – кој како живеел и кој како умрел.“
  7. „Сите добри книги имаат една заедничка работа – пореални се отколку навистина да се случеле во стварноста.“
  8. „На човекот му требаат околу две години за да научи да зборува, и околу педесет години за да научи да молчи.“
  9. „Младоста ја имаме за да правиме глупости, а староста да жалиме за глупостите.“
  10. „Кога луѓето се согласуваат со мене, секогаш имам чувство дека некаде сум погрешил.“
  11. „Идеалист е човек кој знае дека розата мириса поубаво од морковот, па според тоа заклучува дека и чорбата од рози може да биде повкусна отколку чорбата од морков.“
  12. „Може да нè навредуваат, но не можат да нè покорат.“
  13. „Луѓето кои немаат со што да се фалат, се фалат со својата несреќа.“
  14. „Сите наши зборови од постојаната употреба, ја губат острината.“
  15. „Колку се подобри писателите, толку помалку зборуваат за она што го напишале.“

 

Извор: Wikipedia

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.