На 20 јули 2019 година светот одбележа 50 години од слетувањето на човекот на Месечината. На овој датум, во 1969 година вселенското летало „Аполо 11“, успешно стасаа на целта – Месечината. По серија маневри за слетување, во командниот центар на НАСА се слушнал гласот на Нил Армстронг кој вели: „Орелот слета“. Тоа се првите кажани зборови од човекот, изговорени од површината на друго небесно тело. Околу шест часа подоцна, Армстронг ја спушти својата лева нога на површината на Месечината изјавувајќи ја легендарната реченица: „Ова е мал чекор за човекот, но голем за човештвото“.
Со ова, тој влезе во историјата како прв човек што зачекорил на Месечината. По него, својот прв чекор го направи и вториот астронаут, Баз Олдрин. Двајцата чекорeа по тлото на Месечината цели 2 часа и 30 минути, при што собираа примероци, поставуваа научна опрема, правеа низа експерименти. За тоа време Мајкл Колинс орбитирал околу Месечината. По ова, следуваше опасниот пат назад кон Земјата – полетување, спојување со бродот во орбита околу Месечината и успешно враќање дома. Овој историски настан во живо на телевизија го следеа 500 милиони луѓе.
Многу кратко по слетувањето, се појавиле повеќе теории на заговор, според кои се работело за филмска сцена снимена во студио, што ја режирал Стенли Кјубрик… Половина век овој човечки потег е интересен за анализа во медиумите, уметноста и литературата. Во чест на овој јубилеј блогот „Мај модернмет“ објави листа со топ 10 книги за слетувањето на Месечината. Во продолжение е листата со книги, што содржат факти и фотографии од овој настан, одговараат на прашањата дали навистина човекот стапнал на Месечината, какво е влијанието на Аполо и Месечината во уметноста, фотографијата и друго…
1. „Прикажување на Аполо 11 ‒ Ретки прегледи и неоткриени моменти“ од Џ.Л. Пикеринг и Џон Бисни
2. „Бојата на Месечината ‒ Лунарно сликарство во американската уметност од Музејот на реката Хадсон
3. „Месечината 1968 – 1972“ од Е.Б. Вајт и Џон Кенеди
4. „Хаселблад и Слетување на Месечината“ од Дебора Ајрленд
5. „Поглед на Месечината ‒ Мегасветлина од месечевата светлина“ од Барбара Јошида
6. „Месечината ‒ Уметноста, науката и културата на Месечината“ од Александра Лоске и Роберт Меси
7. „Музата на Аполо ‒ Месечината во времето на фотографијата“ од Миа Фајнмен и Бет Сондерс
8. „Издигнување на Земјата ‒ Како човекот првпат ја виде Земјата“ од Роберт Пул
9. „Не можевме да пропаднеме ‒ Првите Афроамериканци во вселенската програма“ од Ричард Пoл и Стивен Мос
10. „Аполо до Месечината: историја преку 50 предмети од Тисел Е. Муир-Хармони
Извор: mymodernmet.com