Петар Пепи Ренџов: Преку забава ги искажувам своите идеи


Растел опкружен со многу книги, квалитетна музика, значајни и влијателни автори и културни дејци. Постојано црпел знаења, искуства и инспирација, која уште од својата најрана младост ја преточува во музика. Познат гитарист, композитор и аранжер Петар Пепи Ренџов во интервјуто за „Астрорум“ зборува за своите почетоци, за првата гитара, за првиот бенд и свирка, за запознавањето со реге-музиката, растафаријанството, како и за остварување на сонот – дружбата со музичката легенда Би Би Кинг во Скопје.

Вели дека е важно да се остане доследен на себе и на својот пат.
– Мојот пат се состои од постојано истражување. Секое утро станувам во 5 часот и проверувам како музичарите кои ги ценам го отсвиреле својот последен концерт. Така учам и го впивам знаењето – вели тој во интервјуто.
Никогаш не целел кон слава, а за себе вели дека во своите проекти отсекогаш бил најдобриот втор човек во бендот.
– На секој уметник му е тешко да го одржи балансот помеѓу авторството и комерцијалното. Речиси секој музичар има дилема колку во своето творештво да се води од очекувањата на публиката, а колку да го искатакне своето его преку инструментот. Во сите свои албуми се потрудив да одржам баланс, да ги искажам своите замисли преку разбирливи, прифатливи нумери. Преку забава ги искажувам своите идеи – истакнува тој.

Петар Ренџов е роден во 1965 година во Штип. Има освоено награди и музички признанија од областа на поп, блуз и џез-музиката, како и нивниот спој со македонската традиционална музика. Потекнува од уметничко семејство, а неговиот татко, Михаил Ренџов, е наш познат поет преведен на повеќе од 14 светски јазици.
Петар во 1979 година ја основа првата вокално-инструментална група „Цилиндер“, со која имаше огромен успех свирејќи и изведувајќи авторска музика. Првите снимки ги направиле во студиото „М2“ на Македонската радио и телевизија и учествувале на многубројни ТВ-шоуа, на тогашната СФРЈ, во Скопје, Загреб, Сараево и Белград. Учествуваа на рок-спектаклот „Рок-хиподром“ во 1980 година заедно со групите „Бјело дугме“, „Атомско склониште“, „Дивље јагоде“, „Моторхед“ и „Ајрон Мејден“.

Во 1982 година победија на „Зајачарската гитаријада“ со право да снимат плоча за РТБ-ПГП. Во 1986 година, заедно со брат му Павел Ренџов и браќата Нени и Мартин Ѓаконовски го основаа квартетот „СТАПС“, изведувајќи џез-стандарди. Во 1989 стана дел од џез-составот „М2“, каде солист беше Џон Илија Апелгрен. Снимаа за тогашната ЈРТ, џез-композиции од Нет Кинг Кол и Антонио Карлос Жобим. Следната година го основа триото „Банкрот блуз бенд“ и го издадоа албумот „Ноќ во Стерна“. Во 1993 г. заедно со Дејан Кузмановски го создадоа дуото „Дејан и Пепи“ и го објавија албумот „Ноќна Птица“, на кој се јавуваат како комплетни автори и продуценти. Во 1995 Ренџов стана гитарист на Танцовиот оркестар и „Биг бендот“ при МРТВ и оствари бројни снимки за касетната продукција, но работеше и како студиски гитарист на студиото „М2“.

Од 1999 започна неговата меѓународна активност, кога остварува средби и настапи со џез- музичари од Европа (Германија и Австрија). Во 2004 година отвори свое студио и продуцентска куќа „Мјузик стор“, а следната година го објави својот прв солистички албум „Сонот на невестата“, кој претставува симбиоза на џезот и традиционалната македонска музика. Овој носач на звук ја доби наградата „Албум на годината“ од весникот „Време“ и телевизија „А1“. Истата година го одржа својот прв солистички концерт во кањонот Матка, по што имаше концерти и надвор од земјата. Во 2006 година одржа концерт во Универзалната сала, заедно со гости како канунистот Хустреф Саит и вокалната група на „Танец“, „Бистри води“.

Во 2009 година го издаде вториот албум – „Темјаника“, кој е продолжение на првиот албум, на кој, овој пат како аранжер се јавува и Дамир Имери. Следната година, заедно со продукцијата на „ТВ Алфа“ ја прави емисијата „Котон клуб“, во која се јавува како сценарист и водител, а е посветена на џез и блуз-музиката. Во неа учествуваат најеминентните музичари од земјава, но и од целиот Балкан. Токму во оваа емисија, Ренџов се појавува и како предводник на групата „Тумбао салса бенд“ која е практично и музички домаќин и придружба на гостите-солисти. Во 2011 година, како продуцент на „Тумбао салса бенд“ го издаде промо-албумот „Македонци, Кубанци“ и оствари учества на бројни џез-фестивали. Во 2014 год го објави албумот „Бела Салсита“, каде Ренџов се јавува како автор, аранжер и продуцент на голем дел од материјалот. Во 2015 година, Петар Ренџов е организатор и продуцент на два солистички концерти во Универзалната сала во Скопје, од кои излезе и ДВД-издание. Во 2016 година „Тумбао салса бенд“ реализира концерти на реномирани џез-фестивали во Италија, Германија, Словенија… Во 2017 година го сними третиот самостоен албума „Џезилка“, а следната година оствари 10 концерти низ Македонија, промовирајќи ги најновите гитари „јамаха ревстар“ (Yamaha revstar).

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.