Неодамна, најмладата читателска публика доби нова прекрасна публикација, „Џиновската продавница за фантазии“ од Бистра Георгиева, со илустрации од познатата шпанска илустраторка Моника Каретеро, а во издание на „Арс Ламина – публикации“. Книгата ја претставува детската фантазија, сосема поинаква од онаа на возрасните: безгранична, нелогична, разиграна, смешна и максимално креативна. Главниот протагонист е Џинот, кој имал безброј фантазии, па решил да отвори продавница за фантазии, за да може секој да ги купи оние што му недостигаат.
Авторката на приказната, Бистра Георгиева, е дипломиран социолог, магистер по комуникации и има завршено филмски колеџ во Данска. Својата професионална кариера ја почна како волонтер во филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, а потоа работела на неколку филмски проекти. Шест години беше дел од невладината организација „ОХО“, со ангажман на проектот „Пет плус“. Има напишано и сценарио за цртаниот филм „Едно поинакво пријателство“. Три години беше уредник во „Фчерашни новости“. Моментално работи како раководител на канцеларијата Креативна Европа МЕДИА за Македонија. „Џиновска продавница за фантазии“ е нејзина втора книга за деца, по сликовницата „Ото, Ото и Ото“, исто така работена во соработка со шпанската илустраторка Моника Каретеро, која има издадено повеќе од 70 книги во Шпанија, Англија, Австралија и САД.