Магично патување со „24 часа во Еднорозија“ од Јасмина Кантарџиева Димков

 

Авторката и новинарка Јасмина Кантарџиева Димков утре (19 јуни, среда) со почеток од 19.30 часот во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ во Скопје ќе ја промовира својата нова книга за деца „24 часа во Еднорозија“. Книгата е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“.

Во „24 часа во Еднорозија“ малата извидничка Дева е изгубена во густата шума на планината Би. Во потрага по неа тргнуваат нејзината сестра-близначка Дина, момченцето Јан и кученцето Путерче. Случајно ја откриваат чудесната, таинствена земја Еднорозија во која живеат еднорози, самовили и волшебникот Моли. Многу одамна, злобниот принц Нолад фрлил страшна магија врз оваа прекрасна земја и оттогаш нејзините жители се заробени во неа. Додека групата извидници трага низ планината по нашите пријатели Дева, Дина, Јан и Путерче, тие, пак, се соочени со многубројни предизвици што треба да ги совладаат, три гатанки што треба да ги одгатнат и три книги што треба да ги пронајдат за да ги спасат жителите на Еднорозија. А, обидите за спас уште повеќе ги отежнуваат тројцата научници – господинот Шол, господинот Верг и господинот Адулбаз (нивните презимиња прочитај ги наназад за да откриеш какви се тие). Тројцата научници ја напаѓаат Еднорозија, верувајќи дека еднорозите го кријат лекот за бесмртноста.

‒ Митолошкото животно со елегантен и нежен изглед, но истовремено силно и супериорно, еднорогот, во романот за деца „24 часа во Еднорозија“ е лик преку кој е претставена природата и преку кој ние го согледуваме нашиот актуелен однос кон природата. Според христијанската имагинација, еднорогот може да биде припитомен од девица, која е симбол на чистината. Легендата вели дека ако неговиот рог е отсранет, тој ќе умре. Во средновековната традиција пак, се верувало дека рогот имал способност да ги неутрализира отровите и да лекува. По патувањето на Марко Поло на Исток и отворање на вратите на Азија кон Запад, започнува жестокиот лов на еднорози, без оглед на тоа дали ова животно надарено со мистериозни сили, постоело или не, било важно да се оди на лов за слава и престиж. Подоцна, врската на еднорогот и човекот е раскината, односно еднорогот, преку уметноста, е претставен во близина на потоци и езерца, далеку од човечката рака која, низ историјата, не успеала да го припитоми, поради страста да го потчини. Различните легенди за еднорогот се „припитомени“ во овој роман за деца наметнувајќи го прашањето – како да ја вратиме оваа дамнешна љубов меѓу човекот и еднорогот, и колку сме си, всушност, потребни еден на друг. Во „24 часа во Еднорозија“ оваа мисија на повторно зближување станува возможна – вели авторката.

Јасмина Кантарџиева Димков, која е родена во 1973 во Скопје, е магистер по културологија во книжевноста. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје на македонски и италијански јазик и литература. Во новинарската и писателската фела твори и истражува веќе дваесетина години. Од 1998 година, со издавањето на нејзиниот прв роман за деца „Штрковите не носат деца“, се посветува на детската литература. Авторка е на седум книги од кои пет се романи за деца. Преведувала литература на неколку јазици. Нејзината литература е преведувани, исто така, на неколку јазици. Зборува англиски, италијански и албански јазик. Во 2017 година ја објави книгата „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“, исто така во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.