Mладата авторка Јана Мишо неодамна ја промовираше својата најнова книга „Јас сум Миа“. Ова е трета нејзина објава, по „Скоро парижанка“ и „Анаис од Монмартр“ во издание на „Арс Ламина – публикации“. За кратко време книгата постигна голема популарност и беше најпродавана книга на штандот на „Литература.мк“ за време на 31. издание на Саем на книгата во Скопје. Деновиве книгата беше претставена и во Битола, во книжарницата на „Литература.мк“ на ул. „Широк Сокак“.
По повод успехот на „Јас сум Миа“, Јана Мишо на својот блог напиша: „Почнато од „да видам дали можам“, завршено како најпродавано. Никогаш не сум мислела дека ќе пишувам приказна за тинејџери. Сум мислела дека нема да ми биде интересно за пишување. А тоа бре, како шармантен тинејџер што освојува со навидум небитни (а, сепак, personality-building) проблеми, те влече да го дорешиш, да ги доосмислиш тие деца, да ги посветиш на сите твои проблеми од детство, на проблемите на сите другарки, на проблемите на твојот помал брат и неговите другари и другарки, и на крај да го решиш целосно, како целосна приказна, не затоа што ти си многу одговорен и доследен, туку затоа што стотици девојчиња на Инстаграм ти пишуваат: „КОГА ЌЕ БИДЕ КНИГАТААААА?!“
Јана Мишо е писателка, блогерка, колумнистка и уредничка на женската рубрика „Off Café“ на „Офнет“ и необична урбана девојка вљубена во Скопје и Париз. Доколку сакате да дознаете нешто повеќе за ова ново име на нашата литературна сцена, погледнете го најновото издание на „Астрорум“, во кое Јана Мишо ни гостува непосредно пред излегувањето од печат на нејзината последна книга „Јас сум Миа“ и нејзиното успешно претставување на 31. Саем на книгата во Скопје.