Во присуство на бројни гости вчеравечер (12 јуни 2019г. ) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ беше промовирана книгата со хаику-поезија „Дремката на облакот“ од младата поетеса Софија Бислимоски. Книгата е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина ‒публикации“, а е дел од едицијата „Млади креативци“ .
Промоторка и рецензентка на изданието беше Весна Мојсова-Чепишевска, професорка на Филолошкиот факултет, а младата Софија читаше дел од стиховите.
Проектот е изработен во текот на оваа учебна година, на часовите за креативно пишување во „Арс вивенди“, студио за креативно пишување, под менторство на Дијана Петкова. Збирката содржи осумдесет хаику-песни. Илустрацијата за корицата ја изработи сестрата на Софија, Нена Бислимоски.
Софија Бислимоски е коавторка на книгата „Тивките сили на духот“, а по објавувањето на збирката поезија „Мисли молкома“, минатата година, ова е нејзина втора книга. Песните на Софија се објавени и во дневниот весник „Нова Македонија“ во прилогот за деца „Колибри“.