На денешен ден, пред 90 години (12 јуни 1929 г.) е родена Ана Франк ‒ еврејското девојче кое во својот дневник ја опишала германската окупација на Холандија за време на Втората светска војна. По нејзината смрт, нејзините мемоари биле објавени во книгата „Дневникот на Ана Франк“.
На својот тринаесетти роденден Ана добива дневник, во кој на 14.06.1942 година ги запишува првите реченици. Но, набрзо семејството мора да избега и да се скрие во тајното засолниште во Амстердам, во кое ќе помине повеќе од две години криејќи се од нацистите. Во засолништето им се придружува и семејството Ван Дан, а подоцна и забарот Дусел. Таа во дневникот ги забележува животот, настаните и проблемите во засолништето, прикажувајќи ги и особините на неговите станари, што доаѓаат до израз при живеење во таквите околности.
Ова е потресна приказна за трагично завршеното детство, приказна која низ призмата на невиното еврејско девојче ги отсликува ужасите на нацистичкиот режим за време на Втората светска војна.
Во продожение е извадок (последниот натпис) од книгата „Дневникот на Ана Франк“ , која е дел од едицијата „Лесно читливи лектири“, во издание на „Арс Ламина “.
ВТОРНИК, 1 АВГУСТ 1944 Г.
Најдрага Кити
Со „сноп од противречности“ ми заврши претходното и ми почнува ова писмо. Дали можеш, те молам, да ми кажеш што точно значи тоа „сноп од противречности?“ Што воопшто се подразбира под „противречност“? Зашто, како и толку многу други зборови, и ова може да се протолкува на два начина: противречност наложена однадвор и противречност наложена однатре. Првото значи да не прифаќаш туѓо мислење, секогаш да имаш право за сè, секогаш да го имаш последниот збор; накратко, сите непријатни одлики по кои што сум позната. Второто, по кое не сум позната, е моја лична тајна.
Како што ти имам кажано многупати досега, поделена сум на две. Едната страна ми ги содржи веселоста, несериозноста, животната радост и, пред сè, способноста да ја гледам светлата страна на нештата. Под тоа мислам на ненаоѓањето ништо лошо во флертување, бакнување, прегратки и несолени шеги. Оваа страна од мојата личност обично чека во заседа за да ù се фрли на другата, која е многу почиста, подлабока и подобра. Никој не ја знае подобрата страна на Ана и токму затоа повеќето луѓе не можат да ме поднесат. Ох, можам да бидам забавен кловн едно попладне, но потоа на сите како да им е доволно од мене до наредниот месец. Всушност, јас сум токму она што се романтичните филмови за еден длабок мислител – обична разонода, комично интермецо, нешто што брзо се заборава: нешто што не е лошо, но не е ни особено добро. Мразам што морам да ти го кажувам ова, но зошто да не го признам кога знам дека е вистинито? Мојата повесела и поповршна страна секогаш ќе успева да ù го украде просторот на онаа подлабоката, па, така, секогаш ќе завршува како победник. Не можеш да си замислиш колку често сум се обидувала да ја отфрлам оваа Ана, која е само половина од она што Ана навистина го претставува – колку често сум се обидувала да ја потиснам и скријам. Но, тоа не ми успева, и знам зошто.
Се плашам дека луѓето што ме знаат онаква каква што обично сум ќе откријат дека имам уште една страна, која е подобра и пофина од оваа првата. Се плашам дека ќе ми се подбиваат, дека ќе помислат дека сум смешна и сентиментална, и дека нема да ме сфатат сериозно. Не сум навикната на тоа да ме сфаќаат сериозно, и само „ведрата“ Ана е навикната да се справува со тоа; онаа „подлабоката“ е преслаба за такво нешто. Ако ја присилам добрата Ана да биде во центарот на вниманието макар петнаесет минути, таа се затвора како школка истиот миг кога ќе ù дојде ред за зборување, и ја остава Ана број 1 да се справи со зборувањето. И уште пред да успеам да го сфатам тоа – Ана број 2 исчезнала.
Па така, добрата Ана воопшто не може да се види во друштво. Не се има појавено ниту еднаш, иако речиси секогаш излегува на сцената додека сум сама. Знам точно каква би сакала да бидам, каква сум… однатре. Но, за жал, таква сум само со себеси. И можеби затоа – не, сигурна сум дека е затоа – се сметам за среќна однатре, додека другите мислат дека сум среќна однадвор. Водилка ми е чистата Ана што се наоѓа длабоко во мене, но однадвор не сум ништо освен една шегобијна козичка што внатрешната Ана ја влече како на јамка.
Како што веќе знаеш, она што го велам не е она што го мислам и чувствувам, и затоа ме бие глас на машкуданка што сака да флертува, како и на сезнајко и на читател на романси. Веселата Ана се смее, дава духовити одговори, си ги крева рамената и се преправа дека не ù е гајле за ништо. Тивката Ана реагира сосем поинаку. Ако сум сосем искрена, ќе морам да признам дека ова ми е важно, дека многу се трудам да се сменам, но дека секогаш пред себе имам посилен непријател.
Еден глас во мене липа, „Ете, гледаш ли што стана од тебе… Опкружена си со негативни мислења, незадоволни погледи и подбивачки лица и луѓе што не те сакаат, и тоа само затоа што не ги слушаш советите на сопствената подобра половина“. Верувај ми, би сакала да ги слушам – ама не оди, зашто ако сум тивка и сериозна, сите мислат дека пак се преправам и морам да се спасувам со шега, и кога го велам ова не мислам само на моето семејство, кои тогаш претпоставуваат дека мора да сум болна, па почнуваат да ме клукаат со аспирини и седативи, ми го проверуваат вратот и челото за да видат да не имам температура, ме прашуваат за состојбата со желудникот и цревата и ме прекоруваат поради лошото расположение, сè додека најпосле, едноставно, не можам да издржам повеќе, зошто тогаш кога сите ќе застанат околу мене станувам лута, па тажна, и на крајот завршувам така што целосно си ја истурам душата, притоа исфрлувајќи ја лошата страна и задржувајќи си ја добрата, постојано трудејќи се да најдам начин да станам она што би сакала и што би можела да бидам кога… само кога би немало други луѓе на светот.
Твојата Ана М. Франк