„Читањето е супермоќ“ – кампања на „Арс Ламина“ за поттикнување на читачките навики кај децата

Со четири сесии обуки на Филозофскиот факултет насловени како „Развивање на читачките навики и способности кај учениците“, со над 1300 посетители, издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ ја почна кампањата „Читањето е супермоќ“.
На 27 и 28 мај во големиот амфитеатар на Филозофскиот факултет во Скопје, а во соработка со Институтот за педагогија, издавачката куќа „Арс Ламина“ реализираше обуки за наставници, педагози, библиотекари и воспитувачи за подигнување на читачката култура кај децата. Реализатори на обуката беа проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ, проф. д-р Анета Баракоска и проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска. Идеи и методи за поттикнување на читањето кај учениците споделија одделенските наставници Владанка Димова-Урошева од ООУ „Х. Т. Карпош“ и Ана Сенчук од ООУ „Ј. Х. Песталоци“, а за значењето на понудата на квалитетни книги, лектирни изданија и списанија за деца, зборуваше директорката на издавачкиот сектор на „Арс Ламина“ – Бранка Бугариска.

Воспитната улога на литературата за деца
Проф. д-р Анета Баракоска ја потенцираше воспитната функција на книгите за деца, особено на оние од незадолжителната литература.
– Од многубројните воспитни влијанија кои училиштето може да ги оствари во правец на зајакнување на воспитната функција посебно се издвојува воспитната улога на литературата за деца (изборот на книги, сликовници, раскази, романи, новели, поезија, басни, бајки, списанија…). Една од предностите на читањето литературни дела е тоа што тие изобилуваат со многубројни морални дилеми и судови и ги доведуваат децата во позиција да ги проценуваат моралните постапки на ликовите меѓу морално добро, односно, морално лошо однесување – рече професорката Баракоска.
Таа, меѓу другите, ги истакна изданијата од серијалот „Исидора Мун“, романот „Аги и Ема“ и „Бајки од Македонија“ како литературни дела со висока уметничка и воспитна вредност.

Развивање на читачките вештини низ лектирите и читанките
Проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ, која говореше за развивање на читачките вештини низ лектирите и читанките, смета дека „како што научиле да не сакаат да читаат, децата можат да научат да сакаат да читаат“.
– Лошиот квалитет на лектирите е надминат со излегувањето од печат на едицијата „Лесно читливи лектири“ на „Арс Ламина – публикации“. Ако ја отвориме вратата кон читањето на вистински начин, на децата им отвораме волшебен свет на знаења и фантазија. Како да ја отвориме таа врата? Треба секогаш да се поставуваат отворени прашања што ќе ги поттикнуваат учениците на размислување. Низ читањето да научат како да решаваат проблеми и да размислуваат критички ‒ потенцираше Делчева-Диздаревиќ.
Таа нагласи дека читањето има повеќе придобивки:
‒ Пред сѐ, децата учат преку читањето. Преку ликовите во книгите стекнуваат пример. Со исчекување на развојот на настаните се поттикнува љубопитноста кај децата. Се развива чувството на емпатија и способност да се разберат себеси, но и другите. Преку книгите Петар Пан може да нѐ увери дека може да летаме (инспирација и мотивација); затоа што треба да го прифатиме грдото пајче, а не да чекаме да стане лебед (критичко мислење); затоа што Жил Верн е најдобар туристички водич (читајќи патуваме) – рече таа.

„Мини Либи“ и „Либи“ како интерактивни педагошки модели
Зошто списанијата за ученици „Мини Либи“ и „Либи“ може да се третираат како интерактивни педагошки модели? ‒ e прашањето кое во контекст на списанијата за деца го елаборираше проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска.
‒ Списанијата комуницираат со наставното, вон наставното и слободното време на детето, тие се продолжена и помошна рака на наставниот план и наставните програми, интерактивно, структурно и содржински се поставени, „внимаваат“ на својот изглед и се современици и партнери на детето денес ‒ појасни таа.
„Мини Либи“ и „Либи“, согласно нејзините согледувања, може да се употребуваат во редовната настава, во целодневната настава, во дневниот престој, во дополнителната настава, за време на слободните ученички активности – секции, во слободното време дома, овозможуваат соработка меѓу децата (групна работа) и соработка меѓу децата и семејствата.

Улогата на издавачките куќи
Улогата на издавачките куќи во поттикнувањето на читачките навики кај децата ја потенцираше Бранка Бугариска – директор на издавачкиот сектор на „Арс Ламина“.
‒ Создадовме едиција од 40 лесно читливи лектири во кои се следат сите светски стандарди при создавањето на една книга за деца. Соодветни фонт и проред, квалитетен и осовременет превод, модерни илустрации и ликовно-графичко обликување и изданија адаптирани за децата со дислексија. Со оваа едиција, надминувајќи ги јазичните и правописните недоследности што се провлекуваа со децении, нудиме квалитетни и визуелно атрактивни изданија кои нема да создадат отпор кај учениците ‒ потенцираше Бугариска во своето излагање.
Обуките ги посетија над 1300 наставници, педагози, библиотекари и воспитувачи. Ова е само почеток на кампањата „Читањето е супермоќ“ преку која „Арс Ламина“ има цел да го подигне нивото на читачката култура кај децата и возрасните, а која во моментов е на загрижувачки ниско ниво. Следуваат уште низа активности за кои ќе ве информираме на нашиот блог, социјалните профили и преку медиумите.
Подготви: Татјана Димовска-Атанасова

 

 

 

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.