„Кучето што Нино го немаше“ од Едвард ван де Вендел

Наградуваната книга за деца и возрасни, „Кучето што Нино го немаше“, од младиот белгиски илустратор Едвард ван де Вендел, на суптилен начин ја отсликува уметноста за наоѓање рамнотежа помеѓу имагинацијата и реалноста. Сликовницата, што е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, раскажува емотивна и освестувачка приказна за едно осамено момче Нино, чиј најдобар пријател станува кучето, кое тој го замислува.

„Нино има куче што го нема.
Куче што тој си го замислува.
Што се осмелува на сѐ,
што прави сѐ, што разбира сѐ!
Еден ден, родителите на Нино му подаруваат вистинско куче.
Но, дали и тоа куче се осмелува на сѐ?
Дали и тоа куче прави сѐ?
Дали тоа куче разбира што значи замислено куче?“

Во својот осврт кон книгата, веб-страницата Deca.mk пишува:
„Нино е едно момченце кое има имагинарно куче коешто може и се осмелува да прави сè: кога ќе отидат во шумата – ги имитира вервериците, кога се во посета на бабата на Нино – ѝ седнува во скутот, кога со Нино пловат по езерото – се фрла во водата и нурнува во нејзините длабочини. Моќта на ова малечко куче е толку голема, што тоа може да слушне сè што му кажува таткото на Нино, кога се јавува по телефон од далеку.
Но, еден ден, кучето што Нино го нема, ненадејно исчезнува, затоа што Нино за подарок добива вистинско куче. Новото куче нималку не е исто како она што Нино го немаше.
За среќа:
„…Нино одеднаш помисли на еленот.
Еленот што тој го немаше!
На зебрата…
Зебрата што никогаш досега ја немаше видено!
На не-нилскиот коњ и на не-носорогот,
на измислената жирафа и на
божемната мечка.
И на уште неколку кучиња!
Други кучиња!
Што Нино ги немаше!
Што Нино воопшто ги немаше!“

 

Во оваа приказна за лековитите моќи на фантазирањето се отвораат крупни теми, како што се тагата и осаменоста. Самотијата на Нино, кој постојано се обидува да одлета од реалноста преку неговите замислени животни, е очигледна низ целата книга-сликовница. За атмосферата во неа говорат и темните, земјени тонови и динамичната композиција на илустрациите. Осамените пејзажи што се инспирирани од скандинавските селски средини ги рефлектираат емоциите и емотивните состојби на момчето.
Но, од друга страна, цртежите во „Кучето што Нино го немаше“, исто така, го будат и копнежот за авантура и за бегство од реалноста. Мечтателни и фасцинантни какви што се, ќе ве натераат одново и одново да ѝ се навраќате на оваа моќна сликовница која гласно зборува за непријатните модерни теми во чие средиште се наоѓаат децата. Ви ветувам, тоа што ќе го прочитате и ќе го видите – нема да ви остави тешки чувства. Можеби само малку ќе ве замисли и ќе ви ги направи повидливи невидливите конци што ги движат емоциите кај вашите деца или децата во вашето опкружување.“

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.