Познатиот џез-вокалист Џон Илија Апелгрен во ова издание на „Астрорум“ ја открива својата музичка приказна. Тој веќе три децении, на нашата сцена го одржува жанрот што не е карактеристичен за нашето поднебје, маестрално исполнувајќи ги најубавите џез-стандарди од светската музичка литература.
Апелгрен се смета за еден од најдобрите вокали во регионот, а зад себе има импресивна кариера, исполнета со многубројни настапи како солист со разновидни оркестри и ансамбли, со сигнификантен број на студиски снимки и редовни настапи на фестивали и концерти надвор од земјава.
Роден е во Лондон, Велика Британија во 1969 година во британско-македонско семејство. Во детството и раната младост учел балет и виолина, а подоцна почнал да пее во рок-бенд составен од негови средношколски другари. Така, подоцна и открил дека неговиот глас не е за рокенрол, туку дека совршено се вклопува во џезот, музиката што тој секогаш ја негувал како посебна.
За време на неговата богата кариера има настапувано на концерти во Македонија, Србија и Грција, со Биг бендови, симфониски оркестри и во помали џез-формации. Има настапувано на престижните фестивали „Охридско лето“ и „Скопско лето“, како и на повеќе меѓународни фестивали за популарна музика во земјата и во странство. Има снимено многу илјади минути музика за Македонската национална телевизија, отпеано многу часови ревиска музика за новогодишните телевизиски програми и е повеќе од една декада дел од познатиот „Виенски бал“ во Скопје. Едно време бил главен вокалист на „Биг бендот“ на МРТВ, а во раните 90-ти години имал редовни музички настапи и во елитните хотели во Велика Британија. За време на неговата досегашна музичка кариера има снимено повеќе од 150 џез-стандарди. Неговиот репертоар се состои од композициите на легендарните пејачи Нат Кинг Кол, Френк Синатра, Тони Бенет и Антонио Карлос Жобим, како и Пол Енка и Мајкл Бубле.