Промовиран романот „Солунска 28“ од Неле Карајлиќ на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ на Саемот на книгата 2019

Ѕвездата на „Забрането пушење“ и „Топ-листа на надреалистите“, д-р Неле Карајлиќ, вчеравечер (9 мај) ја промовира својата втора книга „Солунска 28“ на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“, за време на Саем на книгата 2019. Романот, кој неодамна ја доби престижната српската книжевна награда „Момо Капор“, на македонски јазик го објави „Арс Ламина ‒ публикации“.
Спојувајќи ги најдобрите состојки на јужноамериканскиот магиски реализам и сараевскиот нов надреализам, д-р Карајлиќ ни раскажува за историјата на една куќа во дорчолската улица и нè води во просторот од другата страна на огледалото, на тромеѓата на животот, смртта и вечноста.


– Приказната за романот „Солунска 28“ почна во 1992 година дојдов во Белград со сопругата и со мало бебе и барав стан под наем, бидејќи мислев дека војната ќе трае долго. Ми се јави една роднина и ми рече: зошто бараш стан, ти имаш куќа во Белград?! Не можев да верувам. Се сретнавме и отидовме во таа куќа на улицата „Солунска“ број 28 на која сум сопственик на 1/12, бидејќи таа куќа ја направил мојот прадедо пред повеќе од 100 години. Застанав покрај неа и се заколнав: Јас, мацо, за тебе ќе напишам книга! Таа книга ја напишав 26 години подоцна, отидов пред куќата и реков: – Ева ја, ова е приказна за тебе! Единствената вистинита работа во книгата е дека тоа семејство се презива Јанковиќ, исто како и јас и прадедо ми. Останатите настани и личности се измислени, но не значи дека не се случиле – рече Карајлиќ.


Тој откри дека првично сакал во книгата да опише 100 години од една куќа, да опфати три генерации кои живееле во неа, бидејќи она што го преживеале таа куќа и луѓето во неа, е, како што самиот вели „рамно на светски рекорд: бомбардирања, земјотреси, пожари, зарази, промена на држави“.


-На крајот, на издавачот му донесов материјал од 700 страници. А тој ми рече: не се будали, нема шанси луѓето да читаат 700 страници, подели ја на три дела. Ова е всушност првиот дел. Почнува кон крајот на 19. век и завршува со крајот на Првата светска војна. Она што беше најтешко да се направи е да се смисли потполно нова приказна во која Неле не е веќе Неле и мора да искреира ликови и дејство, а притоа да влезe што е можно подлабоко во душата на човекот, во неговата социо-психолошка структура, особено на човекот кој живее во Белград. Најтешко ми беше како на читателите да им понудам нешто после „Фајронт во Сараево“ која постигна извонреден успех, а притоа да го нема внатре Неле. Сепак, реакциите на публиката се изненадувачки добри, веќе излезе и петтото издание и едвај чекам да ја продолжам таа приказна. Исто како и во „Фајронт“, се испреплетуваат надреалното и реалното, со тоа што многу се трудев да има јасен историски концепт, дури има некои ликови кои навистина се историски личности – рече тој.


Во текот на вчерашниот ден на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ се одржа и промоцијата на книгата за деца „Самовилата која гледа во темнина” од унгарскиот сценарист и писател Ласло Багоши. На промоцијата, покрај авторот присуствуваше и Н.Е Ласло Иштван Дукс – Амбасадор на Република Унгарија во Република Северна Македонија. Пред присутите се обратија и преведувачите на книгата од унгарски на македонски јазик: Анамарија Цинеге-Панзова и Златко Панзов, и уредничката Бисера Бендевска.


Во оваа современа магична сликовница, со елементи на народна приказна, една малечка самовила ќе открие како се раѓаат самовилите и како таа научила да гледа во темнина. Ќе ја чуе приказната за принцот Семка, кој ќе отпатува до најтемното ќоше на седумдесет и седмиот остров во Црното Море, во потрага по една тегла со мармалад. Но, тоа не е обичен мармалад, затоа што во него живее некој многу посебен.


Следуваше промоција и на книгата за деца „Дружината на борот и други приказни“ од Снежана Анастасова-Чадиковска. Книгата е составена од пет прекрасни, топли, весели и необични приказни за деца: ,,Приказна за Големиот бор, мачката Тигра и другите животни”, ,,Бротчето кое не сакаше море”, ,,Принцеза-приказна со три краја”, ,,Приказна за кралот Мрчало” и ,,Куса принцеза-приказна со дијалог и кула”.


Денеска (петок, 10 мај) во 17 часот ќе се одржи промотивно дружење со Кристина Димовска, авторката на новата фантазија за млади „Светлината на Сатурната“. Еден час подоцна ќе се одржи промоцијата на македонското издание на книгата „Костурите на округот Медисон“ од една од најпопуларните регионални авторки, Ведрана Рудан.
Програмата во сабота (11 мај) почнува со потпишување на книги и дружење со: Владимир Мартиновски ‒ писателот на „Дур дишам се надевам“ (во 12 часот), Ерина Богоева – авторка на „Скопје: Архитектурата како фотографска скулптура“ (во 13 часот), а во 17 часот е закажана средбата со Моџо Килингтон, кој неодамна ја објави збирката поезија „Аутопсија на љубовта“.
Новата книга за млади, „Јас сум Миа“, од популарната домашната авторка Јана Мишо, ќе биде промовирана со почеток во 18 часот.


Следниот ден (12 мај, недела) во 12 часот на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ ќе се одржи промоција на книгата за деца „Игра со именки“ од Оливија Георгиевска, со илустрации од Ивана Јовановска. Еден час подоцна, авторот и илустратор Ване Костуранов ќе ја потпишува својата втора сликовница „Девојче и мече“. Во 17 часот ќе биде претставена новата книга „Човештина“ од музичарот Сибо, а во 18 часот е промоција на книгата „Секој полудува на свој начин“ од албанскиот автор Стефан Чапалику.
На претпоследниот саемски ден (13 мај, понеделник) Во 12 часот ќе се одржи прмоција на „Бајки од Македонија за цела година“ ‒ проект од јавен интерес на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“.
Во 17 часот, легендарниот спортски коментатор Зоран Михајлов ќе ја потпишува својата книгата „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“. Во 18 часот ќе почне промоцијата на новата книга „Вампирџија“ од наградуваниот македонски писател Владимир Плавевски.
Под мотото „Пронајди се во добра книга“, од 8 до 14 мај на штандот на издавачката куќа „Арс Ламина ‒ публикации“ и книжарниците „Литература.мк“, во рамки на 31. издание на Саемот на книгата, понудени се повеќе од 400 нови наслови, повеќе од 1000 книги за сите генерации, од белетристиката, книжевност за деца и стручната литература, како и попусти до 70%.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.