Ѕвездан Георгиевски: „ПЕГАЗ“ ќе лансира нова книжевна ѕвезда

Издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ ја основаа новата книжевна награда за најдобар необјавен роман на годината – „ПЕГАЗ“. За наградата, до 15 мај 2019, можат да конкурираат сите необјавени романи (ракописи) наменети за возрасни или за деца. За идејата, условите и очекувањата од конкурсот разговаравме со новинарот и автор Ѕвездан Георгиевски, од фондацијата „Славко Јаневски“.

*Како се разви идејата за избор за најдобар необјавен роман на годината?  
– Романот како врвна книжевна форма е во фокусот на работата на нашата фондација. Впрочем, не случајно го носиме името на Славко Јаневски, авторот на првиот македонски роман „Село зад седум јасени“. Значи, нашиот интерес е зголемување на квантитетот на романсиерската продукција, а со тоа и зголемување на нејзиниот квалитет. Во таа смисла некако логично се роди идејата за „ПЕГАЗ“, литературна награда за необјавен роман. Од друга страна, „Арс Ламина“ е издавач, чиј интерес е објавување на квалитетна македонска литература и пронаоѓање и ангажирање квалитетни автори. Соработката, ете, дојде некако природно, како резултат на амбициите на двете организации. Знаејќи ги потенцијалите на Фондацијата „Славко Јаневски“, но и на „Арс Ламина“, убеден сум дека „ПЕГАЗ“ ќе претставува една од меѓните награди на македонската книжевна сцена.

*Наградата „ПЕГАЗ“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“,  што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. Какво е вашето искуство со изборот „Роман на годината“, има ли простор за ваков избор на нашата книжевна сцена?

– Фактот дека „Романот на годината“ постои веќе две децении говори дека потребата од оваа награда не само што го најде своето место во македонската литература, туку би рекол дека е неодминлив топоним на македонската литература. Јас, како еден од иницијаторите и основачите на оваа награда често и самиот се изненадувам од нејзината жилавост. „Романот на годината“ започна како проект на „Утрински весник“ и стана негов препознатлив бренд, но, ете, успеа да ја надживее својата матична куќа и да ја продолжи својата мисија, овој пат преку Фондацијата „Славко Јаневски“. Длабоко сум убеден дека „Романот на годината“ ќе продолжи да живее долго, долго и откога нас, неговите основачи повеќе нема да нѐ биде.

*Долгорочно гледано, која е целта и мисијата на „ПЕГАЗ“?

– Сведоци сме дека во државата не постои никаква стратегија за книгата. Одамна веќе не постојат платформи за критичко промислување на литературата, на пример. Тоа значи дека издавачите се снаоѓаат како знаат и како умеат, често лимитирани од нерегуларниот и мал пазар и (понекогаш) чудните критериуми на Министерството за култура за поддршка на издавачката дејност. „ПЕГАЗ“, како впрочем и „Романот на годината“ има за цел да го воспостави вистинскиот систем на вредности и на некој начин да го квантифицира квалитетот на македонската литература. Тоа, со други зборови, значи дека идејата (како впрочем и кај светските книжевни награди) е да му се олесни изборот на потенцијалниот читател и да му се предочи вистинскиот квалитет, барем во една издавачка сезона.

*Каква е поврзаноста (или паралелата) на оваа книжевна наградата со митолошкиот крилест коњ Пегаз?

– Не знам колку е благодарно и благородно толкување на симболите, но еве ќе ја кажам мојата мотивација за оваа награда. Летот на Пегаз е дамнешен симбол на поетската (литературната) инспирација. Да, Пегаз е крилест коњ, но по неговиот лет во небото, тој станува соѕвездие, што за мене е исто така сигнификантен симбол. Наградата, да се надеваме, некого ќе лансира директно меѓу литературните ѕвезди.

*Какви ви се очекувањата? Дали на ваквиот тип избори се јавуваат квалитетни пишувачи? Има ли можност за откривање на нови автотски таленти?

– Ова е прва, и со самото тоа многу важна, година во опстојувањето на „ПЕГАЗ“. Годинашната награда и целиот процес околу нејзиното доделување ќе биде индикатор како натаму наградата ќе се развива. Што се однесува до моите очекувања, јас не се сомневам во македонскиот пишувачки квантитет. Што се однесува до квалитетот, треба да бидеме реални и да кажеме дека многу поголеми култури од нашата не можат секоја година да извадат по едно ремек-дело. Њујорк, на пример, има повеќе писатели отколку што Македонија има полнолетни жители, па сепак, не слушаме дека секоја сезона има по некое ремек-дело. Но, затоа има награди кои се тука да ја валоризираат издавачката сезона. Така треба да гледаме и на „ПЕГАЗ“. Што се однесува до новите литературни имиња, тоа е секако една од идеите-водилки на оваа награда – да им се овозможи на оние автори кои сѐ уште го немаат етаблирано сопственото име и со самото тоа имаат ограничен пристап до реномираните издавачи да го покажат своето умеење. Тоа, се разбира, не значи дека веќе афирмираните имиња ќе бидат дискриминирани. Напротив. Убавината е во тоа кога некој млад автор со својот талент ќе успее да се избори и да победи некој искусен и проверен писател. Како и да е, убеден сум дека ќе ги промовираме вистинските вредности.

*Какви се условите за конкурирање, кој може да конкурира за наградата? Дали има ограничувања во изборот на тема, жанр, должина, број на страници…?

– Има ограничувања! Не смеат да конкурираат луѓето од Фондацијата „Славко Јаневски“ и вработените во „Арс Ламина“. И, да, романот што конкурира не смее да биде веќе објавен. Други ограничувања нема. Дури, колку што знам, ни во должината и формата на текстот. Што се однесува до мене, тоа може да биде и роман во стихови, и роман во раскази, и роман во слики, и два романа во еден… Тешко е денес теориски да се докажува што е роман, а што не е, па таа улога онака најгалантно им ја препуштаме на самите автори и на жири-комисијата.

*Тоа што за едни е „отпад“ за други може да биде „богатсво“. Ќе имаат ли шанса романите одбиени од издавачите и по кои критериуми жирито ќе ги селектира кандидатите?

– Секако дека ќе имаат и треба да имаат. Нас, како организатори на оваа награда, не нѐ интересираат критериумите на другите издавачи, па ни на Министерството за култура. На крајот на краиштата, еден ракопис може да биде одбиен од некој издавач од безброј објективни и субјективни причини, а не само од естетски. Некаде погоре споменав дека Македонија нема стратегија за книгата. Нема, на пример, Агенција за книга или некое тело што ќе се грижи за вистинска промоција на македонската современа литература. Тоа, речиси по автоматизам, значи дека Македонија нема ниту вистински читател, па ни издавач кој ќе препознае вистинска вредност и соодветно ќе ја валоризира. Јас, на пример, тврдам дека ако денес се појави во Македонија еден Маркес, нема да го препознае ниту публиката, ниту издавачите, ниту државата. Но, тоа е друга и долга приказна. Ние се надеваме дека „ПЕГАЗ“ ќе направи некое поместување токму во препознавањето и промовирањето на квалитетот.

*Годинава се одбележуваат 20 години од доделувањето на „Роман на годината“. Гледано наназад, колку оваа награда придонесе во подигнување на нивото на книжевната сцена. Со кои наслови и автори се гордеете посебно?

– Често имам обичај да кажам дека „Романот на годината“ направи многукратно повеќе за популаризацијата, квантитетот и квалитетот на македонската литература отколку што тоа го стори македонската држава од 1945 година до денес. Речиси не постои роман-лауреат што не доживеал три-четири, па и повеќе изданија. Од друга страна, и романите-учесници, без оглед на нивниот „пласман“ на конкурсот за „Роман на годината“ доживеале соодветен публицитет и биле соодветно верификувани во литературната јавност. Со други зборови, тоа значи дека не сум ниту горд, ниту разочаран од кој било автор или кој било наслов што ја добил оваа награда. Гордоста и разочараноста им ги оставам на авторите и издавачите, и до нив е како и дали ќе ја искористат наградата за промоција на делото. Морам да кажам дека некои се повешти во тоа, а некои не. Добро, „Романот на годината“ изврши сериозно влијание врз перцепцијата на македонските автори и дела. На пример, оваа награда промовираше и лансираше автори кои дотогаш не беа доволно афирмирани или помалку афирмирани, а сега се во врвот на македонската литература. Такви беа Венко Андоновски, Гоце Смилевски, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Фросина Пармаковска… Им се извинувам на оние што не ги спомнав, ама списокот секако е поголем.

*Колку форматот и кредибилитетот на овој избор ќе придонесат во обликувањето на „ПЕГАЗ“? …И едно од најчестите прашања – дали победникот на „ПЕГАЗ“ ќе може да конкурира во изборот за на „Роман на годината“?

– Токму „ПЕГАЗ“ е наградата од која очекувам да бидеме горди. „Романот на годината“ се доделува за објавен роман, а „ПЕГАЗ“ за необјавен. Самото тоа значи дека тука освен како проценувачи на квалитетот, треба да се пројавиме и како своевидни селектори на романите. Одговорноста во овој случај е поголема, но тоа значи дека и сатисфакцијата на „пронајден“ добар роман ќе биде уште поголема. Нема да бидам скромен, па ќе кажам дека искуството со „Романот на годината“ дава извесна гаранција дека чесно и во рамките на своите можности навистина ќе направиме сѐ за промоција на вистинската вредност. Што се однесува до конкурирањето на лауреатот на „ПЕГАЗ“ за наградата „Роман на годината“, одговорот е негативен. Добитникот на „ПЕГАЗ“ нема да може да конкурира за другата награда затоа што ќе избереме таков квалитет што сигурно ќе ја добие и оваа награда. Се шегувам, се разбира. Реков веќе дека едната награда е за објавен, а другата за необјавен роман. Едноставно, не би било фер романот во чие објавување учествува Фондацијата да конкурира за награда што ја доделува Фондацијата. Од друга страна, и покрај овој хендикеп, убеден сум дека лауреатот на „ПЕГАЗ“ ќе го пронајде своето (високо) место на македонската литературна сцена, како што тоа впрочем го прават и лауреатите на другите книжевни награди.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.