Ведрана Рудан и Неле Карајлиќ на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ на Саемот на книгата 2019

Промоции на популарната хрватската писателка Ведрана Рудан и на ѕвездата на „Забрането пушење“ и „Топ-листа на надреалистите“, д-р Неле Карајлиќ, повеќе од 400 нови наслови и попусти до 70%, се дел од богатата понуда на издавачката куќа „Арс Ламина ‒ публикации“ и книжарниците „Литература.мк“ на годинашниот Саем на книгата.

На 31. издание на најголемата книжевна манифестација кај нас, што од 8 до 14 мај ќе се одржи во ВИП арената „Борис Трајковски“, на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ ќе се одржат десетина промоции на книги од домашни автори и познати имиња од Унгарија, Србија, Хрватска и Албанија. Под мотото „Пронајди се во добра книга“ ќе можат да се најдат повеќе од 1000 книги за сите генерации, од белетристиката, книжевност за деца и стручната литература.

На првиот саемски ден (8 мај, среда) во 13 часот ќе се одржат работилници за деца инспирирани од книгите за Исидора Мун, со „Арс Ламина едукација“. Во 17 часот авторот на „Dave’s Kitchen: Најдоброто од македонската кујна“ – Давор Панчевски ќе ја потпишува новата книга. Еден час подоцна е закажано потпишување и дружба со Бистра Георгиева ‒ авторката на популарната сликовница „Џиновска продавница за фантазии”. Во 19.30 часот ќе се одржи свеченото отворање на саемот. 

На 9 мај (четврток) во 13 часот е промоцијата на сликовницата „Самовилата која гледа во темнина“ од авторот Ласло Багоши, кој доаѓа од Унгарија ‒ земјата која е во фокусот на 31. издание на Саемот на книгата. Во 17 часот ќе биде премиерно претставена книгата за деца „Дружината на борот и други приказни“ од Снежана Анастасова-Чадиковска. Во 18 часот ќе се одржи промоција на „Солунска 28“ – вториот роман на легендарниот музичар и автор Неле Карајлиќ. Книгата ја доби престижната српската книжевна награда „Момо Капор“ за 2018 година.

Во петок (10 мај) во 17 часот ќе се одржи промотивно дружење со Кристина Димовска, авторката на новата фантазија за млади „Светлината на Сатурната“.
Истиот ден, со почеток во 18 часот, во промотивниот центар во ВИП арената „Борис Трајковски“, ќе се одржи промоцијата на македонското издание на книгата „Костурите на округот Медисон“ од една од најпопуларните регионални авторки, Ведрана Рудан.

Програмата во сабота (11 мај) почнува со потпишување на книги и дружење со: Владимир Мартиновски ‒ писателот на „Дур дишам се надевам“ (во 12 часот), Ерина Богоева – авторка на „Скопје: Архитектурата како фотографска скулптура“ (во 13 часот), а во 17 часот е закажана средбата со Моџо Килингтон, кој неодамна ја објави збирката поезија „Аутопсија на љубовта“.
Новата книга за млади, „Јас сум Миа“, од популарната домашната авторка Јана Мишо, ќе биде промовирана со почеток во 18 часот.

Следниот ден (12 мај, недела) во 12 часот на штандот на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ ќе се одржи промоција на книгата за деца „Игра со именки“ од Оливија Георгиевска, со илустрации од Ивана Јовановска. Еден час подоцна, авторот и илустратор Ване Костуранов ќе ја потпишува својата втора сликовница „Девојче и мече“. Во 17 часот ќе биде претставена новата книга „Човештина“ од музичарот Дејан Сибиновски – Сибо, а во 18 часот е промоција на книгата „Секој полудува на свој начин“ од албанскиот автор Стефан Чапалику.

На претпоследниот саемски ден (13 мај, понеделник) во 17 часот, легендарниот спортски коментатор Зоран Михајлов ќе ја потпишува својата книгата „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“. Во 18 часот ќе почне промоцијата на новата книга „Вампирџија” од наградуваниот македонски писател Владимир Плавевски.

Традиционално, на штандот на „Арс Ламина ‒ публикации“ посебно место е издвоено за литературата за деца, која, благодарение на импринтот „Либи“ е водечки издавач за најмладите. Во периодот меѓу двата саема беа објавени многу нови наслови. Покрај „Девојче и мече“, „Џиновска продавница за фантазии“, „Дур дишам се надевам“, ги издвојуваме: „ТКЦП: Замокот на илјада мачки“, „Девојчето кое танцуваше со пролетта“ и „Облачињата што не сакаа да плачат“ од Билјана С. Црвенковска, второто продолжение на светскиот книжевен хит „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ од Елена Фавили и Франческа Кавало, четири нови наслови од популарниот серијал за Исидора Мун од Хариет Мункастер и многу други. На полиците ќе се најдат и новите лектири за основните училишта во издание на „Арс Ламина“, кои се лесно читливи и одобрени од Здружение за дислексија „Ајнштајн“.

Годинава е богата и понудата на бестселери, романи за млади, историски изданија и стручна литература. „Арс Ламина“ е издавач на македонското издание на светскиот бестселер „Becoming: Мојата приказна“ од Мишел Обама, која е продадена во над 10 милиони копии низ светот, и е на пат да стане најпопуларниот мемоар на сите времиња. Покрај оваа книга, достапни ќе бидат и новите популарни наслови: „Е, баш ме заболе“ од Марк Менсон, „Американски брак“ од Тајари Џонс, „Паника“ од Деса Мук, книгите од Дејв Бирс и многу други.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.