Неодамна, непосредно пред објавувањето и промоцијата на неговата прва збирка поезија „Аутопсија на љубовта“ во издание на „Арс Ламина ‒ публикации“, се сретнавме со авторот, Божидар Божиновски алијас Моџо Килингтон и го снимивме и неговото прво големо телевизиско интервју за емисијата „Астрорум“ на „Литература.мк“.
Моџо е сценарист и еден од најпопуларните активисти на социјалните мрежи со големо влијание врз општествената реалност. Дел е и од популарната македонска комично-сатирична телевизиска емисија „Фчерашни новости“ и уредник е на интернет страницата FN.mk, којашто објавува „вести“ што на духовит начин ги коментираат дневно-политичките настани во земјава.
Моџо Килингтон е писател, сценарист, Фејсбук активист, носител на партизанска споменица 1941-ва, добитник на ѓезве од кафе на наградна игра, има собрано над 100 лајка на „Фејсбук“.
‒ Роден сум дамнешната 1986 година во битолската болница како прво чедо на Елизабета и Орце Килингтон, старо мијачко презиме. Од мали нозе сакав да се дружам со книгите зашто собирав картони за живот. Кога пораснав се префрлив на потешки работи како што се железо и бакар. Основното и средното образование го завршив во родниот град, со врски, а факултетот за политички науки во Скопје, без врски. Сакам сѐ што сакаат младите, а е во рамките на законските прописи и регулативи. Уживам во хаику, склопување на бротчиња во шише и решавање загатки. Мои најголеми желби се мир во светот и мир во душата. И едното и другото недостижни. Косата ја мијам секој ден, фала на прашање, не можам да кажам со кој шампон, оти е реклама. Оваа ми е прва книга, ја губам поетската невиност, па се надевам ќе им се допадне на читателите. Ако не, моите дома сигурно ќе ми речат дека е супер. Татко на два кредити од 3 и 10 години. Вакцинирани ‒ вели тој за себе.
Ете тоа е Моџо, во типичен моџо стил, а сега неколку зборови за неговата прва збирка поезија „Аутопсија на љубовта“, којашто после промоцијата во книжарницата Литература.мк, ќе има и свое претставување на претстојниот Саем на книгата 2019. За неа, уредничката Татјана Димовска-Атанасова рече:
‒ Станува збор за длабоко интимна поезија, авторот се соголува себеси, интензивно чувствува: љубов, копнеж, страв, безнадежност, апсурд… Токму тој Бодлеровски призвук, емоционално жестоки слики со силно изразени контрасти, се најсилната страна на поезијата на Моџо. Помеѓу стиховите во кои се испреплетуваат тагата, болката и разочарувањето, како противтежа авторот ја спротивставува љубовта како нешто што ќе го спаси светот. На границата помеѓу животот и смртта, сонот и јавето, постоењето и непостоењето, ангелите и демоните, е таа, неговата љубена по која тој посега, а патиштата никако да им се вкрстат. Како расипан часовник чии стрелки се застанати далеку една од друга, проколнати никогаш да не се сретнат.