Што се тоа бунтовни девојчиња? Зошто се бунтувале? Кои од стоте приказни за извонредните жени најмногу им се допаднаа на Марија и Маги и зошто? Во новото видео двете сестри зборуваат за книгата „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ од Елена Фавили и Франческа Кавало. Македонското издание на првиот дел од светскиот бестселер „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ беше објавено минатата година, во издание на „Арс Ламина – публикации“.
Оваа книга за деца и возрасни во која се вклучени сто приказни за добра ноќ за животот на сто неверојатни жени од минатото и од сегашноста, илустрирани од 60 женски уметници од целиот свет. Оваа книга ги инспирира девојчињата со приказни за големи и силни жени, од Елизабета Прва до Серена Вилијамс. Ова не се приказни за нежните принцези кои чекаат да дојде принцот и да ги спаси, туку се приказни за вистински жени од минатото и од сегашноста кои постигнале неверојатни резултати, без разлика на околностите. Бунтовни девојки чиишто дејства го смениле текот на историјата. Сликарки, научнички, танчарки, врвни готвачки, астронаутки, џез-пејачки, фараонки, боксерки, писателки, политички водачи… од сите краишта на планетата! Ова е збирка од приказни што ќе ги инспирираат девојчињата (и нивните мајки, тетки, братучетки…) да бидат самоуверени, да сонуваат за големи нешта и да се развиваат во силни, цврсти, успешни личности.
Неодамна од печат излезе и втората книга од „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ од Елена Фавили и Франческа Кавало.
Продолжението на сензационалниот бестселер на „Њујорк тајмс“ ги инспирира девојчињата низ целиот свет повеќе да сонуваат, повисоко да целат и посилно да се борат. „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња 2“ е целосно нова колекција од сто приказни за добра ноќ што слават извонредни жени, од Нефертити до Бијонсе, од Розалинд Френклин до Џ. К. Роулинг. Кралици и активистки, балерини и правнички, пиратки и компјутерски научнички, астронаутки и изумителки – чудесна книга што дава чувство дека сè е можно.
Која од стоте приказни вам ви се допадна најмногу? Дали ја откривте вашата омилена бунтовничка?