Милчо Манчевски: Книгите ми помогнаа да си го најдам своето местото во светот

Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје денеска (23 април) беше одбележан Светскиот ден на книгата и авторското право. Датумот 23 април има голема симболика за светската литература. На овој датум во 1616 год. починале Сервантес, Шекспир и Инка Гарсиласо де ла Вега. Тоа е исто така датум на раѓање или смрт на други истакнати автори, како што се Морис Друон, Халдор К. Лакнес, Владимир Набоков, Јозеп Пла и Мануел Мехиа Ваљехо. Од почит кон интернационални познатите книги и автори и нивната поврзаност со овој датум, поттикнувајќи ги сите, а особено младите луѓе, да го откријат задоволството од читањето и да стекнат почит кон незаменливиот придонес на оние кои го унапредуваат социјалниот и културниот напредок на човештвото, УНЕСКО го создал Светскиот ден на книгата и авторското право. Ова и бил природен и очекуван избор на Генералната конференција на УНЕСКО, која се одржала во Париз во 1995 година.

Оваа година се прославува 24-то издание на Светскиот ден на книгата и авторското право, кое ќе ја прослави литературата и читањето, а особено ќе се фокусира на важноста за подобрување и заштита на мајчините јазици. Фокусот на овогодишната тема е целосно во согласност со прославата на Меѓународната година на мајчините јазици.

На овој ден, традиционално, се упатува порака од УНЕСКО, но и од сите земји кои го одбележуваат оваа датум. Годинава македонската порака ја напиша Милчо Манчевски, која, заедно со пораката од генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле, беше прочитана во Националната и универзитетска библиотека.

Ви ја пренесуваме пораката на Милчо Манчевски::

„11 Јуни 1967. Мојата прва школска година заврши вчера. Прв ден од летниот распуст. Нема школо три месеци. Другарите се радуваат. Иако не морам да одам на школо, дедо ми ме буди утрото. Си сакав да одам на школо. Не научив да читам и пишувам на школо – знаев да читам и пишувам и кирилица и латиница од четири години, две-три години пред првиот школски ден.
Всушност, јасно се сеќавам на тој прв училиштен ден. Татко ми и јас седиме на десната страна во училницата со другите ученици и родители, ја чекаме учителката. Досадно ми е и земам „Нова Македонија“, вртам кај крстозборот и почнувам да го решавам.
Девет месеци подоцна, школската година заврши и другарите одат да играат фудбал. Јас не одам со нив. Наместо тоа, тргнувам на пат многу долг за едно дете на седум години. Одам сам. Одам дури до Поштенска гаража. До таму ми требаат добри дваесет минути. Не одам таму за поштенските камиони. Одам за малата дрвена барака паркирана пред гаражата. Внатре има книжарница и долго време ги разгледувам книгите на полиците. И најпосле го избирам „Аловото цвеќенце“ од Сергеј Аксаков, книга според стара руска сказна. Уште ги паметам корицата и форматот. Ја гушкам книгата и ја носам дома со пеперутки во стомакот. Ми требаше книгава да го пребродиме летниот распуст. Или барем да биде првата од многуте книги што го прават летниот распуст.
Не е само дека ми се допаѓаа книги или дека сакав книги. Ми требаа книги онака како што на птица ѝ треба воздух или на тревка ѝ треба сонце.
Знаеш, мајка ми умре четири месеци пред да тргнам на школо. Не се сеќавам на точните чувства кога разбрав дека умрела, ама мислам дека неверица и беспомошност секако беа дел од нив. Како наеднаш да ме понела водата и не можам да се закотвам. Ни татко ми, ни бабите ни дедовците не можеа многу да помогнат, колку и да се обидуваа.
Ама, имаше еден свет што ми помогна да си го најдам местото – книгите. Книги, стрипови, книги за деца, книги за возрасни, бајки, кратки раскази, митови и легенди, приказни за каубојци и Индијанци, секакви книги… Со часови, денови, недели, месеци целосно исчезнував во книгите. Не само што уживав во нив, јас бев тие. Ги живеев книгите во вистинската смисла на зборот. Со часови мислев за тоа што значи некоја реченица и како се поврзува со она што веќе го знаеме во приказната. Или го замислував светот надвор од квадратите на стрипот, обидувајќи се да поврзам цртеж со цртеж. Развивав цели предистории за приказните и луѓето што ги населуваа книгите кои ги читав, знаев што се случува во гратчето таму надвор од пенџерето на хотелската соба над салунот во цртежот од стрипот или што ќе му се случи на Том Соер откако ќе заврши книгата.
Книгите ми помогнаа да си ја вратам рамнотежата и да си го најдам местото во светот. Не е важна само информацијата што ја добиваме од книгите – иако информацијата што се пренесува од колено на колено е она што ја прави цивилизацијата ‒ цивилизација. Важно е чувството што книгата ќе ти го донесе во срцето. Чувството на припаѓање. Припаѓање на свет кој е исто толку богат и важен колку оној во којшто престојуваат твоите крв и месо.
И открив дека тоа припаѓање беше клучно за мојот опстанок тогаш. И откривам дека е клучно за мојот опстанок сега.“

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.