Со дегустација на специјалитетите понудени во новата книга за готвење, во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ во петокот (19 април 2019 год.) беше претставена новата книга „Dave’s kitchen: Најдоброто од македонската кујна“ од Давор Панчевски. На т.н. „медија бранч“, новинарите и највлијателните блогери имаа можност први да ја погледнат книгата, да се запознаат со работата на Давор и да ги пробаат традиционалните специјалитети подготвени од Dave’s kitchen. Имавме можност да пробаме: мрзлива пита, мини штрудли, канапеи со ајвар, малиџано и пинџир, парен колач со гриз и мармалад, ликер од вишни, ѓомлезе и кифличките на баба.
Готвачот, што го објавува издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“, содржи 125 едноставни и вкусни традиционални рецепти, на кои ќе се потсетат постарите генерации, а помладите ќе имаат можност да ги научат.
Целта на „Најдоброто од македонската кујна“ е да ги оживее рецептите што потекнуваат од ова поднебје, а кои се повеќе или помалку заборавени, претставени во модерно издание. Книгата ја имаше својата официјална промоција неколку часа подоцна, пред многубројни гости, љубители на традиционалната македонска кујна и на пишаниот збор.
Со галерија фотографии ви ја доловуваме атмосферата од вкусната дегустација за медиуми во „Литература.мк“.