„Фолтин“ објави нов албум: „Момóма“ е збирка на питоми и емотиви песни

„Најзрелиот и најпитомиот албум на „Фолтин“ досега!“ Ова е најчестиот коментар по првото преслушување на новите композитии од битолскиот состав. Албумот „Момóма“ беше промовиран денеска, во скопскиот кафе-бар „Цреша“, во присуство на претставници на медиумите и љубители на нивната музика.

‒ „Момóма“ е збирка од шест постандардни песни од она на што сме навикнати сите и тоа за нас претставува еден своевиден експеримент. Очекувањата се и позитивни и негативни, нормално. Во продукцијата не вложивме многу пари, ама вложивме енергија, чувства, срце и душа. Албумот е збирка на песни за фестивал, ако се свирени од еден колектив како еден човек. Новиот материјал е многу попитом и поемотивен од претходните албуми ‒ изјави вокалот на групата, Бранислав Николов.

„Ми се води љубов“, „Месечина“, „Мачка во вреќа“, „Несоница“, „Чекор“, „Ти верувам“ се шесте нови авторски композиции, кои веќе се достапни за преслушување на „јутјуб“ каналот на „Фолтин“.

Албумот е снимен во студиото „Алшар“, а го издаде H*M*A. Покрај „фолтиновци“ во состав Бранислав Николов (вокал), Пеце Трајковски-Брада (гитара и сајзер), Гоце Јованоски (бас), Славчо Јовев (тапани) и Пеце Николовски (кларинет и усна хармоника) во реализација на нумерите се ангажирани и Петар Димитровски на клавијатури (1-6), Владан Дробицки на тромбон и Васко Бојаџиски на саксофон (5). Миксот и мастерингот на материјалот е на Ивица Јанкуловски-Штраф.

За „Момóма“, писателот Дејан Трајкоски рече:
‒ „Момóма“ е најзрелиот албум на „Фолтин“. Музички клуч под дипле. Со кој влегувате којзнае каде. Благо џезиран. Бескрајно љубовен. И, замислете, пријатно поинаков од сѐ претходно, а препознатливо фолтиновски. „Момóма“ е како Шпато да седнал со „Бич Бојс”, па отсвириле пет-шест ствари. Онака, како од шега, ама пресериозно. И тоа од таа нивна чудесна „Pet sounds“ фаза. Кога правиш нешто сосема поинакво од очекуваното и ги збунуваш сите до радост. „Момóма“ е и „Скопје фест“, оној од седумдесеттите, од Оџаклиевска, Хаџиманов, Спирова, Панчетовиќ, Биг-бендот… но со Фолтин, место сите нив заедно. Албумот нè гали и со влијанијата од Херби Хенкок од „Thrust”, на пример, управувани од бојата на неговиот вселенски синтисајзер. Во песната „Ми се води љубов“ можеби можете да го препознаете и Том Вејтс, како да влегол во романтична џез-фаза, па пее придушено низ мегафонот од „Chocolate Jesus”. А потоа, од некаде излегува и Боуви, со онаа негова проклето прекрасна насмевка. А текстовите? Тие се такви какви што ги очекувате – безмилосно нежни и силни. „Момóма“ е оној момент којшто не сакате да заврши. Во ноќта кога, рече, може само да ме сонуваш. Кога ви се води љубов. Малку неморално. Раскошно и блудно.“
Групата најави и промотивнен концерт во текот на наредниот месец, а ќе заминат на турнеја во втората половина на јуни.

Ви го пренесуваме амбиентот на промоцијата, „уловен“ од фото-објективот на фотографката Маја Аргакијева.

 


Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.