Андре Риу ексклузивно во „Астрорум“: Го живеам мојот сон, што би можел да посакам повеќе?

Андре Риу, кралот на валцерот во Мастрихт – 1 дел

Насмеан, срдечен, отмен и свесен за својата величина, светската ѕвезда Андре Риу ја пречека екипата на „Астрорум“ во својот раскошен дом во неговиот дом ‒ романтичен замок од 1452 година во неговиот роден град, Мастрихт во Холандија. Ова ексклузивно патување беше збогатено и со посета на неговиот комплекс од студија и продукцијата од каде што се создаваат неговите дискографски изданија. Заедно со неговиот оркестар „Јохан Штраус“ имавме можност да отпатуваме и во Лисабон, на еден од 11-те распродадени концерти во португалската престолнина. Оттаму се вративме со ексклузивен материјал, спакуван во две видеорепортажи, кои се најава за неговиот прв концерт во Скопје, закажан за шести јуни во спортската сала „Борис Трајковски“.

Во интервјуто вели: „Го живеам мојот сон, што би можел да посакам повеќе?“ А дека е така потврдува и неговата успешна биографија.

Андре Леон Марие Николас Риу е роден на 1 октомври 1949 година во градот Мастрихт, срцето на холандската провинција Лимбург. Семејното име Ри-ју има француско хугенотско потекло, а Андре е третото дете од вкупно шесте деца на долгогодишниот истакнат диригент на Мастришкиот симфониски оркестар, Андриес Антоние Риу. Покажувајќи рано интерес за музиката, Андре почнува да учи виолина уште на петгодишна возраст, а потоа оди да го усовршува инструментот на Мастришкиот конзерваториум и на Кралскиот конзерваториум во Лиеж. Периодот од 1974 до 1977 година, го поминува студирајќи и на Кралскиот конзерваториум во Брисел од каде што се враќа со највисоката почест, Премиер При. Зборува пет различни јазици – холандски, англиски, германски, француски и италијански. Свири на виолина „Страдивариус“ од 1667 година концертирајќи низ целиот свет. Андре Риу, повеќе од четириесет години е во брак со неговата љубов од детството, Марџори, ќерка на еврејски емигрант од Берлин, со која има два сина, Марк, ликовен уметник и Пјер, главен менаџер на нивната семејна компанија, од кои имаат пет внуци.

 

Риу денес е угледен виолинист, композитор и диригент, сопственик и уметнички раководител на оркестарот „Јохан Штраус“ и, без дилеми, еден од најпопуларните уметници на денешницата. Со деведесетина концерти годишно тој е воедно и еден од најпродаваните и најуспешните патувачки музичари, којшто со децении е на врвот на листата заедно со сите најпопуларни музичари од доменот на шоу-бизнисот. Продава повеќе билети и од „Стоунси“ и од „Металика“ и од Бијонсе. Но, тоа не би било воопшто чудно доколку не се работи за виолинист којшто доаѓа од светот на класичната музика, а полни цели спортски сали, стадиони и огромни паркови. И тоа, повеќекратно.
Ја носи неформалната титула „современ крал на валцерите“ зашто тој и неговиот оркестар, овој жанр го имаат издигнато на ниво на најпопуларната музика, на сите времиња, на сите континенти и меѓу сите луѓе. Во кариерата, која се протега веќе кон временска одредница од половина век, неговиот репертоар секојдневно се збогатува и покрај штраусовите валцери вклучува и хитови од класичната, популарната, филмската и народната музика од сите периоди на музиката и од традициите низ целиот свет. Концертите му се вистински огномети од чувства, вистински музичко-сценски шоуа во кои се дозволени и радувањето и тагувањето и пеењето и танцувањето. И самиот Риу ќе признае дека токму емоциите се клучот на неговиот успех.

This slideshow requires JavaScript.

 

За време на својата четиридецениска кариера има продадено над 40 милиони албуми ширум светот, а со својот приватен оркестар, кој на почеток броел само 12 членови, а денес има седумдесетина, постојано докажува дека класичната музика и валцерите можат да се изведуваат вон луксузните салони и дека можат да бидат достапни секому, а не само на културната елита. Овој некрунисан „крал на валцерот“ во октомври ќе наполни 70 години и во неговата четиресетгодишна кариера, која веќе цели 32 години ја гради со својот приватен оркестар, има издадено 69 цедиња и 76 дивиди изданија. Досега на неговите концерти присуствувале 15 милиони луѓе. Има добиено повеќе од 500 награди за платинест тираж, што го прави единствен во целата музичка историја. За негов бројно најголем концерт се смета оној на стадионот во Мелбурн во 2008 година каде што за потребите на најголемата некогаш направена концертна бина е изградена реплика на австрискиот замок Шенбрун и е одржано музичко-сценско шоу за 38 илјади луѓе.


Минатата, 2018 година е најуспешната негова година досега со продадени 700 илјади билети, на 93 концерти на 5 континенти. Оваа година неговите турнеи се одвиваат низ Германија, Романија, Австрија, Словенија, Полска, Чешка, Данска, Бугарија, Швајцарија, Колумбија, Србија, а за првпат и во Македонија.

Ексклузивната можност на тимот на „Астрорум“ на „Литература.мк“ да реализираат интервју со популарниот виолинист, композитор и диригент, кој го нарекуваат и современ „крал на валцерите“, ја овозможи менаџментот на Риу и „Пасворд продукција“ ‒ македонскиот организатор на концерт во Скопје, на кој Андре Риу ќе настапи со својот „Јохан Штраус оркестар“.

 

Андре Риу, кралот на валцерот во Лисабон – 2 дел

Во  вториот дел од репортажата со Андре Риу ќе можете да го погледнете нашето патување со целиот негов оркестар на еден од 11-те концерти во Лисабон, најзападната европска престолнина, градот на познатиот морепловец Васко да Гама, а воедно и најголемиот град во Португалија.

Концертот на којшто присуствувавме беше фасцинантен по сите параметри. Се одржа во грандиозната арена Алтис, со капацитет од 12 500 седишта и цела историја зад себе. Изградена е заради одржувањето на ЕКСПО ’98, но оттогаш до денес ги руши рекордите во одржување на различни забавни, спортски и мултимедијални приредби (како финалето на УЕФА купот во Футсал, МТВ Европските музички награди, минатогодишната организација на Евросонг и тригодишниот ВЕБ самит, на кој само минатата година земале учество 70.000 учесници од 170 земји). Во неа свои концерти одржале сите поп и рок ѕвезди и бендови, а меѓу нив и, речиси единствениот класичар Андре Риу, кој годинава се врати во просторот после цели 20 години и се чини дека го поставува новиот рекорд со продадени 11 концерти во една иста година.

This slideshow requires JavaScript.

Ако во првиот дел од репортажата од нашето патување со Андре Риу проговоривме за неговиот животен и професионален пат, во ова лисабонско продолжение се обидуваме да го откриеме неговото второ јас, второ семејство со кое „живее“ веќе 32 години, неговата музичка база – оркестарот „Јохан Штраус“. Присуствувавме на нивната проба, концерт, се дружевме зад сцената и разговаравме со некои од најискусните членови.

За оркестарот „Јохан Штраус“, самиот Риу ќе рече: „Јас и мојот оркестар сме практично како во брак. Не можам без нив, и тие не можат без мене. Кога патуваме, ние навистина се забавуваме во огромни количества. Покрај големата предаденост на работата, нам и забавата и уживањето ни се од непроценливо значење. На крајот на краиштата, ако не можеме да живеете сите заедно во радост и хармонија, како можеме да очекуваме прекрасни концерти?“

Андре Риу и неговиот оркестар навистина приредуваат прекрасни концерти, а ние во рамките на четириесетминутната репортажа, ексклузивно, само за фановите на Литертатура.мк и ТВ24 се обидовме да пренесеме дел од нивното музичко секојдневие на една од турнеите и да впиеме макар малку од високата професионалност на оваа музичка машинерија која функционира совршено. Но, она најважното, се обидовме да ја овековечиме радоста на взаемното создавање уметност на музичарите и публиката на еден од најуспешните музичари на денешницата, „Летечкиот Холанѓанец“, Андре Риу. А тој не увери дека неговите изјави во медиумите не се само декларативни, туку суштински. Затоа сега, после непосредната средба и соочување со фактите на терен, целосно му веруваме и на следнава:

“Моите концерти се за радост и љубов! Ние треба да ги донесуваме животните одлуки со нашите срца, а не со нашите глави. Луѓето често ме прашуваат како ја избирам програмата. Одговорот е, со моето срце. Го сакам Јохан Штраус, но исто така сум фасциниран и од Ендрју Лојд Вебер и од Брус Спрингстин. Ние треба да престанеме да се ограничуваме себеси со категории и граници“.

2 thoughts on “Андре Риу ексклузивно во „Астрорум“: Го живеам мојот сон, што би можел да посакам повеќе?

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Промени )

Twitter слика

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.