Новата сликовница „Девојче и мече“ од познатиот македонски илустратор и автор Ване Костуранов, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, беше претставена на првото издание на фестивалот за детска литература и илустрација „Литера“, што викендов се одржа во Музејот на современа уметност во Скопје. Неколку илјади посетители, меѓу кои најбројни беа децата, имаа можност да се запознаат со најинтересните книги за најмладите на македонски јазик, преку изложби, работилници и панел-дискусии. На полиците во МСУ беа изложени и неколку десетици наслови од „Арс Ламина“, која е најголем издавач на детска литература кај нас. „Бајките“ и „Басните од Македонија“, „Ѕвездено дете“, „Дружината на борот и други приказни“, „Џиновска продавница за фантазии“, Серијалот „ТКЦП“, „Супервештерката…“, „Мојот брат од тринаесеттиот кат“, „Кифличката Мирна“, „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“, серијалите „Дина и Додо“ и „Матеј и Луна“ и многу други. Беа изложени и илустрации од книгите објавени од „Либи“, импринт на „Арс Ламина – публикации“.
Новата книга за деца „Девојче и мече“ од Ване Костуранов ќе биде промовирана утре (вторник, 16 април 2019 година) во книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“, со почеток во 19 часот. Книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е топла, сонувачка приказна за другарството и за растењето.
Едно девојче и едно мече ни ги отвораат вратите од нивниот свет, кој е исто толку обичен, колку што е необичен. Поминувајќи го сето време заедно, тие откриваат многу нови работи. Откриваат дека колку побрзо го возат велосипедот, толку посилно ветрот им ја дува косата. Се искачуваат на највисоките ридови, обидувајќи се да ги допрат сончевите зраци. Уживаат во есента, играјќи си криенка со сонцето. Сѐ прават заедно, додека еден ден…
Авторот на книгата, Ване Костуранов, е роден во 1979 година во Струмица. Уште од мал повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики, отколку со зборови. Неговата најголема желба – никогаш да не порасне, реши да си ја оствари сам, употребувајќи ги сликарството и илустрацијата како жива ограда од светот на возрасните. Својот светоглед го има споделено на повеќе изложби во земјата и во странство. „Девојче и мече“ е втора сликовница за деца и возрасни на Костуранов, по успешната и наградувана „Ѕвездено дете“.
Ви ја пренесуваме атмосферата за време на „Литера“.